
Скоро и да нема месец во кој не се одржува некој си историски самит, конференција… на која политичарите од регионот заедно со западните тутори не го решаваат проблемот на населението во т.н. Западен Балкан. Блазе си ни, што ете, имаме среќа некој толку многу да мисли и работи за наше добро.
Овој месец таквиот самит се падна да биде во Скопје. И тоа денеска. Европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите се очекува да бидат главни теми на состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот-Брдо Бриони.
Овој Процес, е настанат во 2013-та година по иницијатива на претседателите на Хрватска и на Словенија со цел да се потпомогне и забрза интеграцијата на земјите од регионот. И по десет години упорно се одржува и упорно од него по многуте дискусии и правења на заеднички фотографии – ни стасуваат силни пораки за подобро утре.
А меѓу два вакви процеса, се разбира, има и дуги иницијативи и конференции. Да потсетиме само дека минатиот месец беше одбележана 20-годишнината од „Солунската агенда“ со која ЕУ на земјите од овој регион им кажа дека ги сака во Унијата. Еве и сега по 20 години го повторија тоа.
Да ги споменеме и разните самити ЕУ-Западен Балкан, па некаков си Бледскиот стратешки форум, па… Се саде конференции, работни вечери во скапи хотели…
И? Се подобрува нешто поконкретно кај граѓаните во регионов благодарение на силните состанчења кои траат повеќе од деценија? Какво фајде од ваквите скапи собири има населението? Или фајдето е само за политичарите (сосе евробирократите од Брисел) кои ете ни покажуваат дека многу не мислат?
ПС. Инаку, токму денеска хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, изрази надеж дека средбата во Скопје нема повторно да заврши со „кавга меѓу раштимани инструменти како последните двапати“…