Арс сакра на Томе Даневски

Кога се работи за ликовната уметност и сликарството, не важи она правило дека сите патишта водат кон Рим. Некои значајни сликарски платна со страсно-дионизиска поетика каде што ни е претставен идеалот нѐ водат и во Радовиш.
Да се наслика сакралното, невидливото, метафизичкото воопшто не е едноставно. Убавината што светот го спасува, како што велеше Достоевски, или, пак, дека уметноста постои за да нѐ спаси од вистината, како што пишуваше Фридрих Ниче, е светот на сликите на кои се потпишува нашиот познат ликовен уметник – Томе Даневски.
За разлика од Клод Лорен во чија сликарска поетика постои еден инферален лирски впечаток на помирување со смртната човекова природа, кај Даневски сликата е драматична, таа не му се поклонува на смртното, барајќи од нас да се внурнеме во себе, да го најдеме најдлабокиот наш архетип и да бидеме совршени како Таткото наш небесен. Во сликарството на Даневски е евидентен божествениот принцип и таму човекот е прогласен за вечен.

Вечноста е најважната тема што сликарството само по себе ја поставува, а Даневски со својот изразит талент недвосмислено ни ја соопштува. Така, Даневски ни ја открива и најважната вистина за човекот, дека уште на земјата треба да се свртиме кон вертикалниот од кон Бога и да се спасиме. Доколку сликата на Даневски ја преведеме во зборови, во проза, тогаш тој ни порачува да погледнеме во светлината на сопствената душа и во таа убавина да останеме.
Даневски од нас го бара преображението, а идеалот на совршенството да го прогласиме за единствена вистина и пат, патот на безусловната љубов, на непоколебливата вера во вечниот живот. Но Даневски ни вели дека тој пат е единствено можен преку рајските патишта на нашата анима, кои нѐ водат директно во Дантеовото последно, недвижечко, рајско небо или пред олтарот на самиот Бог.
Можеби секој талентиран и познат европски ликовен уметник, кој себеси се вдал во сакралното, има потреба да го наслика Исус, како еден свој сопствен најдлабок архетип. Во таа смисла, помеѓу сликата на Христа на Тицијан, која се наоѓа во галеријата „Цвингер“ во Дрезден, и насликаниот Исус од страна на Ел Греко во Толеда, тешко наоѓаме допирни точки. Ел Греко ни ја соопштува тајната на најголемата духовна моќ на Исус врз светот, додека кај Тицијан, Исус е насликан во големата сила со која тој нам ни ги открива фарисеите и нивните намери. На ист начин, може да се анализира претставувањето на мртвото тело на Исус од страна на Ханс Хојбајн, Исус во својата трансформација на Рафаело, Распнатиот Исус на Веласкез или, пак, најновото откриено дело каде што Леонардо да Винчи го слика Исус како „Salvator Mundi“ односно како „Спасител на светот“. Но кај Даневски, Исус е претставен во страдањата на овој свет, додека неговиот поглед е свртен кон небото. Дали навистина како што ни велеше и Чехов, љубовта е неостварлива на земјата, а злото е непобедливо?

Сакралното во уметноста на Даневски не е само обична тема. Тоа е најречовит знак дека сме во допир со најдлабоката тајна што нѐ опкружува во овој свет и како таму да сме надвор од секое човечко емпириско постоење. Токму во таа уметност ние го препознаваме духовното како најголема сила. Уметноста на Даневски е едно видовито препознавање на највнатрешното, како најмоќна трансцедентална сигурност, меѓу земјата и небото.
Нема да погрешиме ако на сакралното во уметноста ставиме знак на еднаквост со светото. Ван Гог еднаш рече дека е невозможно да гледаме во сликите на Рембрант без вера во Бога. А денес, за сакралното во сликарството на Даневски велиме дека е невозможно да гледаме во неговите ликовни остварувања, без притоа да не поверуваме во Бога.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Јанев: Не игравме според договореното!

Женската младинска репрезентација на Македонија на СП во...

Чурлиновска собра 12 одбрани и стана МВП против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Македонија со две промени против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ќе го...

Македонија доживеа дебакл, но шансите за главната рунда останаа

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...