Автоголот на Албанија – Нова Македонија

Автоголот на Албанија – Нова Македонија

И по неколку дена од објавувањето на првичните резултати од пописот во Албанија, албанските власти и натаму молчат и не објаснуваат како за еден месец од непостојно, им се појави седумилјадно бугарско малцинство во Мала Преспа, како од небо да падна, класичен бугарски десант од воздух, оти бугарски воз не може да стигне до Албанија бидејќи нашиве веќе три децении запнаа со пругата кон Крива Паланка.

И како што се очекуваше денот Д кога сојузниците ќе се истоварат во Нормандија, така Бугарија го чекаше денот Б, кога ќе побугарат сѐ што е македонско во Албанија и во Косово, оти одат по онаа логика, секоја земја има свои малцинства во соседните земји. Тактиката на официјална Софија е најпрво да го асимилира македонското малцинство во соседните земји, а потоа да ја заврши целата операција со активација на оние над 100 илјади државјанства издадени на македонски граѓани во земјава. И како што прекуноќ во Албанија се изродија над 7.000 Бугари, така исто прекуноќ и во Македонија ќе се изродат над 100 илјади лица со бугарска самосвест, бројка што воопшто не е за потценување. Во Грција нема да ги чепкаат Македонците и да ги прават насила Бугари бидејќи Софија е свесна дека не може со Грција да си игра онака како што си игра со Македонија, Албанија и со Косово. А и Грција си има свои планови за тие малцински групи.

Нејсе, да се вратам на пописот во Албанија. До вчера Еди Рама упатуваше остри стрели кон Бугарија, отворено критикувајќи ја зошто држи две земји во заложништво поради ирационален спор, по што беше отворено укорен од официјална Софија. Очигледно тој укор му влијаеше, па одеднаш замижа неколку месеци додека отворено му шетаа разни бугарски емисари по земјата и вршеа отворена агитација меѓу македонското малцинство да се попишат како Бугари. Можеби на Рама тоа му се гледаше како безопасна работа, но прекуноќ исчезна едно цело лојално малцинство, на сметка на ново, бугарско, кое во иднина директивите ќе ги прима од Софија и прашање е кон кого ќе биде лојално.

Токму тука е автоголот на Рама. Наместо да го брани македонското малцинство од такви влијанија бидејќи Македонија е во истиот кош со Албанија на патот кон ЕУ, тој си создаде бугарско малцинство за кое утре Бугарија, како земја членка на ЕУ, жестоко ќе се бори и ќе ја попречува Тирана на секој чекор на нејзиниот евроинтегративен пат ако не се задоволени бугарските барања, какви и да сѐ. Ако за 3.000 Бугари во Македонија се дигна цела Европска Унија, ги батали Копенхашките критериуми и наметна бугарска преговарачка рамка, тогаш што ли ќе прави Брисел за седум илјади Бугари? Не само што ќе бара промена на албанскиот устав туку утре може ќе им побараат и втор официјален јазик, дводомен парламент, двојазични табли и двојазичност на цела територија на Албанија, двојазични лични карти и пасоши, па дури и излез на море. Можеби некому овие условувања му изгледаат невозможни и апсурдни, со доза иронија, но кога Бугарија е во прашање, нема ништо апсурдно. Впрочем, доволно е да видат што сѐ ѝ е испорачано на Македонија, така што веднаш ќе им биде јасно.

И кога Албанија не мрдна со мал прст да го одбрани македонското малцинство, крајно време е да реагира новата македонска влада, со едно логично прашање до албанските власти, каде исчезнаа илјадници Македонци во Мала Преспа?

Од друга страна, албанската влада постојано се мешаше во пописот во Македонија, агитираше Албанците масовно да се попишуваат, ја мобилизираше дијаспората низ светот, со други зборови, класично се мешаше во внатрешните работи на соседната земја. Истата таа Албанија постојано бара заштита на правата на Албанците, диктира дали да бидат дел од македонската влада или не, изготвува платформи, но кога треба да направи барем нешто минимално за македонското малцинство, не е заинтересирана.

Со такви двојни стандарди не се градат добрососедски односи. Малцинствата треба да бидат мостови за зближување меѓу две држави и два народа, а Албанија со овој потег ги урна мостовите на поврзување и почна да гради мостови со некоја подалечна држава. Или, ако се навратиме на некои нонпејпери што и натаму кружат низ Балканот, можеби Албанија знае нешто што ние не знаеме, дека можеби Бугарија ќе биде нејзина соседна држава на сметка на Македонија во некоја скора иднина? Сѐ е тоа некоја можеби желба на некои центри, но чуда се секако можни, како она со седумте илјади Бугари во Мала Преспа. Чудо се случи и кога во Бугарија од речиси 200 илјади Македонци, за неколку децении сите исчезнаа и паднаа под илјада. Има Бугарија некоја моќ да ги трансформира луѓето, да си легнат како Македонци, а да се разбудат како Бугари. Како некоја наречница да им доаѓа во сон, држејќи во една рака бугарски пасош, а во другата понекое евро.

Како и да е, Македонија најпрво треба да поразговара отворено со албанските власти, да се овозможи да се повтори пописот во спорните делови, со ангажирање меѓународни претставници, со што ќе ѝ се даде целосен легитимитет на оваа статистичка операција, но истовремено ќе се отстранат сите сомнежи за асимилација, притисоци и уцени врз населението да се изјаснува вака или онака.

Бугарија, секако, нема да го дозволи тоа и ќе ги активира сите механизми да почне со нови блокади и на Македонија, но и на Албанија, бидејќи на тој начин се загрозува нејзината операција за асимилирање на македонското население во соседството. Од друга страна, и Македонија и Албанија, со поддршка и на некои земји членки на ЕУ, може повторно да го актуализираат прашањето за бугарската злоупотреба на државјанствата за лукративни цели. Софија веќе еднаш беше на тапет пред Брисел за оваа работа.

Дополнително, Македонија како држава треба да престане со својот игнорантски однос кон малцинствата и да почне повеќе да ги помага, во соработка со соседните држави. Тоа е вистинскиот начин за грижа за малцинствата, а не со затворање на очите пред ретроградните асимилаторски процеси што се одлика на 19 век.

Албанија како претендент за членство во ЕУ мора да го спроведе пописот во согласност на препораките на Евростат, кои подразбираат слободно изјаснување на граѓаните, без никакво агитирање и поткупување при нивното изјаснување.

Македонците во Албанија со децении беа лојални граѓани, но Тирана, ако не го спречи пописниот инженеринг, многу брзо ќе се соочи со вистинското бугарско лице. Тогаш можеби ќе им стане појасно дека секогаш е полесно да се учи на туѓите грешки наместо да се повторуваат.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...

🎥 Тимур Дибиров тренираше под палката на неговата сопруга Ирина

Хрватскиот првак Загреб се уште не ги започнал...

We Are Seeing the Emergence of a New Way the Kremlin Pursues its Enemies

Olesya Kravtsova, an activist and journalist from Arkhangelsk, recently...