Дајте едно министерство за размислување и разговарање!

Кога пред некоја година, во едно од недобројните ТВ-беседења на српскиот претседател Вучиќ, тамошната јавност дозна дека ѝ се подготвува основање на ново Министерство за дијалог (и за човечки и малцински права!), еден од последните бардови на тамошната независна интелектуална мисла, проф. Ратко Божовиќ напиша: „Ете го основниот проблем кој ќе ни укаже, како едно општество стигнува до точка кога е неопходно потребно да се основа цело едно министерство, за нешто што претставува основа на секој цивилизиран живот! Можеа слободно таквото ново државно тело да го именуваат и како Министерство за размислување?!  Ова ќе биде само уште еден јалов обид да се докаже дека постои и она, коешто го нема ни во најава!“

А само една година претходно, скоро без никаква најава и како што обично бидува, без елементарен општествен дијалог (или макар јавна дебата!), македонската јавност разбра дека ќе биде почестена со ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, што значи:  министерство за она што претставува основа на секој цивилизиран и политички организиран живот и што во секоја модерна држава просто се претпоставува! Ама како, инаку, ќе се докажува дека постои и она што одвај се наѕира како некакво навестување!

Но, додека глупоста царува и додека на Балканот е просто заразна, таа нема да познава граници! Во ваквите изблици на луцидни глупости се препознаваат општиот јад и беда, по долгото отсуство на она што е основна цивилизациска придобивка – вистинското водењето дијалог на нашиве простори!

Денес, на веб-локацијата на Српското министерство за дијалог наголемо се попува како треба да се води дијалог, а на веб-локацијата на Македонското министерство за политички систем (каде што дијалогот ни како поим, воопшто, не се спомнува!) се попува и се ликува дека се воспоставуваат некакви односи меѓу заедниците?! Каква идеална прилика, по изживувањето и пропаста на овие типично балкански луцидни изуми да се основа и вистинско Министерство за размислување и за разговарање! Или, за да биде уште побизарно:  – Министерство за разигрување на мали голчиња, на пример!

Таму каде што избегал дијалогот или, уште пострашно, таму каде што никогаш не заживеал, останува секој од нас, (од својот последен азил на осамување и отуѓување!), сам да се справува со паралелната реалност која секојдневно ја сервира власта, олицетворена во балканско-соседските или домашниве  деспоти! Ние штотуку ги живееме последните години од еден долготраен процес, во процеп на поделби на-ние-на-тие-на-оние, меѓу кои за жал, дијалогот ни во траги не го заживеавме!

Дијалогот си остана само апстрактна именка без своја вистинска заменска форма во нашите реални животи: меѓусебно отуѓени, разнебитени,  атомизирани и во најголем дел, општествено маргинализирани! Таму каде што дијалогот е апстракција, политичкиот систем и односите меѓу заедниците се само филмувана политичка научна фантастика!

Поточно, во нашиот филм што ни го сервира власта, не постои ништо што може да се нарече ни добар филм, ни добар дијалог, дури ни прост, најпростичок дијалог! Кога соговорникот се доживува како опонент и кога политичкиот опонент се доживува како непријателски објект, – дијалогот е уништен уште на стартот! Дијалогот е уништен и таму каде што царуваат: лагата, свирепоста и озборувањето!  Дијалогот е однапред уништен во секоја комуникација која претпоставува дека соговорникот треба да биде поразен и уништен од: етички, политички, психолошки, па и биолошки аспект!

Дијалогот умира онаму каде што царува омразата, онаму каде што наместо длабоко всаденото чувство за добро и за љубов, се негува чувството за омраза и за зло! Дијалогот е мртов во општества познати како аномични, то ест како општества со сите можни аномалии: хаос, насилство и беззаконие!

Дијалогот е целосно уништен онаму каде што само се етикетира и се дисквалификува, онаму каде што со дијалогот само се тргува и се врбува! Дијалогот умира онаму каде што убавото не успева да влезе во тврдо уво, онаму каде што доброто не пробива до ледено срцe, онаму каде што и доброто и убавото не допираат до студена глава!

(Ни смеата не вирее меѓу студени глави и ледени срцa, зарем не?!)

Џорџ Бајрон еднаш запишал: „Првиот демократ, сигурно бил ѓаволот лично!“ Да, ѓаволски тешка работа е демократијата и само една работа може да биде потешка од неа, а тоа е водењето дијалог! Без дијалог не постои ни „Д“ од демократија!

Големиот руски мислител Бахтин, запишал: „Заврши ли дијалогот – сè завршува! Затоа дијалогот не може и не смее никогаш да биде завршен! Сето друго се само средства, единствено дијалогот е цел! Осамениот глас ништо не решава, ниту може нешто да реши! За живот, за минимум егзистенција, потребни се најмалку два гласа и во овaa смисла, дијалогот не е прагот на секоја акција, туку самата акција!“

Проф. Ратко Божовиќ, кој целиот свој животен и работен век ги истражувал културата на дијалогот, дијалогот во културата и дијалогот во политичката култура, е уште поексплицитен: „Таму каде што нема дијалог во културата, за очекување е дека ќе нема ни политичка култура во водењето политички дијалог, а нема ли политички дијалог во едно општество, нема да има ни култура, ни политика!“

Културата и политиката не ја уништуваат само деспотите и авторитарните владетели (кои немаат ни сенс, ни волја, ни знаење, ни умеење да водат дијалог), туку еднакво моќно и нивните неизбежни приврзоци, нивното височество – Полтроните! За нив, некој запишал и така најдобро ги дефинирал, дека се, суштества од слама! Лесно се палат, уште полесно согоруваат! И со неподнослива леснотија сами се рециклираат и сами се умножуваат!

Полтронот, како олицетворение на кариеризмот, со својот поданички и додворувачки начин на комуницирање, само ги рециклира своите стари ласкања кон своите нови шефови, а сите останати, посебно оние што му го загрозуваат „приматот кај шефот“, за сè нешто ги обвинува, а ако затреба и ќе ги  сатанизира! Полтронот е најнапред клиент и, воопшто, не му е гајле што не е првенствено препознаен како човек, посебно како слободен, автентичен и вистински способен човек. Без трошка самокритичност, без потреба да ја љуби вистината, без толеранција кон различното мислење, полтронот создава милје за монополизирање на дијалогот! Во таков полтронски амбиент на ниски страсти, предаторски инстинкти и приземни интереси, прво што страда, секогаш е дијалогот!

Критичката јавност, академската, интелектуалната и независната (?!) сцена, кои би требало да претставуваат некаков трет столб во негувањето и градењето на општествен дијалог и кои би требало да бидат критичка опозиција и природен коректор на секоја власт, најчесто се наоѓаат во неблагодарна позиција за спасување на она малку што останало од дијалогот помеѓу властодршците и нивните апологети.

На Балканот, а во Македонија посебно, таквиот трет столб неопходен за циркулирање на секој цивилизиран општествен дијалог, час личи на столб на стравот, час наликува на столб на срамот. Дијалогот на критичката јавност кој би требало да претставува последна оаза за негување на слободниот, креативниот и критичкиот ум и умна страст, е подложен на најсилен притисок од сето она што не треба да биде дијалогот: диктат, автоцензура, трговија со интереси, уцена, етикетирање, дисквалификација, стигматизација.

Критичкиот и слободарски дијалог за властодршците и нивните полтрони е најдобар, кога е целосно замолчан! И затоа не се избираат средства тоа малку спротивставено мислење секогаш да остане некаде во полумракот на маргините, а ако не биде така, за непослушните секогаш да постои можност да осамнат на некоја насловна страница од жолтиот печат. Така гетоизирана (помеѓу кусите отсечки од столбот на стравот до столбот на срамот!), критичката јавност наместо преку издржан дијалог да проектира и да креира развојни можности и решенија за сите, е принудена да се спасува парцијално, во мали групички (системски антагонизирани по разни основи!), а своите критички погледи и размисли да ги споделува во шифри  и тајно, селејќи ја својата комуникација, од една до друга дигитална апликација. Таквото општество, со таков општествен дијалог во кој наполно се уништени слободата, автентичноста и креативноста на човекот, има само еден патоказ –широк отворен пат за вкоренување на сеопшта колонијална свест и до корен забраздено криминогено општество.

……………..

Затоа, измислени министерства за политички системи и односи меѓу заедниците ќе се занимаваат со проектирање и асфалтирање патишта и, патем, ќе ја замајуваат јавноста со играње на мали голчиња!

Затоа, умислени министри, директори, трајни и новопечени властодршци ќе продолжат да водат  дијалог со јавноста преку нарачани прашања и однапред напишани одговори, патем држејќи „буквица“, како треба да мислите правилно и што смеете да  прашувате?!

Затоа самобендисани и тотално аздисани полтрони, апологети и ласкавци од секаква сорта и секаков крој ќе ви се потсмеаваат, ќе ве исмејуваат, ќе ве етикетираат, ќе ве озборуваат, ќе ве раскаруваат и ќе ве одвојуваат меѓусебно и еден по еден тивко ќе ве елиминираат од јавната сцена, патем сожалувајќи ве заради сите животни неволи кои ви ги обесиле неосетно околу вратот.

Затоа севкупната јавна, општествена и политичка сцена сè повеќе ќе наликува на јавна куќа без ѕидови, јавен простор без етика и естетика, низ кој коси духот на примитивизмот, провинцијализмот и приземните страсти.

Затоа илјадници и илјадници, деноноќно, тивко и без крик, ќе си заминуваат одовде, надевајќи се дека еден ден далеку од родната грутка, повторно ќе го препознаат изгубениот дијалог:  – дијалогот со себе и со своите блиски и дијалогот со другите! Затоа што таквиот нормален дијалог го изгубија дома! Дома, тоа родно место на секој вистински дијалог и место каде што дијалогот треба да создава претпоставки за вистински цивилизациски вредности!

Затоа, дајте ни веднаш по едно Министерство за размислување и уште едно Министерство за разговарање, па уште едно Министерство за договарање, за конечно да се разбереме, како вака замолчани и разединети, како до некаде и како до некого, некогаш да стасаме!

………………….

Туку, надвор е пролет и живи сме?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ