Дали Ботови се африканска инсталација на Кремљ во Нордистан?

Ботови… па уште руски… Ги знам Ботови од седми кат… фини луѓе. Антон и Галина Ботови… а девојчињата, Марина и Ана. Да, звучи како да ги крстиле по Џветаева и Ахматова, ама тоа се толку чести имиња… Не, не можам никако да ги поврзам Ботови со Русија. Антон, колку што знам, по корен е накаде од Гевгелиско, а Галина е ресенчанка, мислам, не сме којзнае колку блиски, онака комшиски муабети на разминување, ама сигурен сум дека немаат ништо руско. Е да, имаат руски териер, Алфи се вика, ама не можеме поради тоа да шпекулираме дека имаат нешто со Русија.
Да не мислите на Котови? Сергеј, Марусја и нивната ќерка Надја… е тие се апла Руси. А ха, од Русија. Сергеј Котов беше генерал, ако добро се сеќавам. Позната фамилија, сосема изгорени од сонцето, оти им дојде оној Митја од КГБ, па им го уништи раатот. Да, Котови се Руси, Никита Михалков сними филм за нив. Или можеби мислите на Молотови, исто така позната руска фамилија. Најпознат е оној коктел-мајсторот што на времето направи коктел пожесток дури и од „Секс он д бич“. Котови, Молотови… тоа се Руси, но Ботови… освен соседиве, кои немаат ни „р“ од Русија, ако не се земе предвид рускиот териер… стварно не знам.
Ама ич не ми е гајле што глупиов муабет за руски ботови во Нордистан, кои да ти биле единствени во протекторатов против уставните промени, е муабет од минатата недела, односно, по нордистански, застарена тема. Напротив, јас токму затоа и пишувам за ова, затоа што е од минатата недела, и тоа минатиот петок-сабота, денови кога само што ми излегла колумна, а бидејќи не сум Марти Мекфлај и не знам да се враќам во иднината, морам да ги спомнам сега, оти тогаш не бев во реална временска можност да пишувам за нив. Воопшто не ме интересира што нордистанците изминатава седмица одново дадоа сè од себе да ја одработат својата норма глупости само за да ми се напикаат во колумна. Ма јок, не јавам јас на тој бран апсурди, колку и да се труделе домашниве демек политичари, нивната интелектуална бижутерија и странските емисари, кои повторно како и со наци-договорот од Преспа, ја „открија“ јавната куќа Нордистан, па се влезени во нов филм за политички генгбенг. Ќе си ја терам јас „застаренава тема“, оти околу Русија и оваа недела се плетеа настани интересни за думање. И не, не мислам на војната во Украина.

Информацијата ја видов на Офф.нет. Вест проследена со видео. Место на злосторство, Латвија, Европска Унија. Властите малтретираат бабичка во количка. Мора да полага латвиски јазик, оти ако одбие или не го положи, државата ќе ја депортира. А ха, бабичкава што има сто години, плус инвалид, цел живот зборувала руски, бидејќи е Русинка, ама големиве латвиски демократишта, како и Украинците, го забранија рускиот. Сеедно што пола држава им го зборува тој јазик. И така, го гледам видеото со бабичката и веднаш, без да сакам, почнуваат да ме маваат флешови, па халуцинирам жолти давидови ѕвезди, гета, возови и места каде што „работата ослободува“. Нормално, од колепката на цивилизациски западни вредности, тоа рајската градина на Борел, ни зуц, ни туц, ни муц. Нека ми прости Господ, ама за миг ми пројде мисла дека на овие пелцованиве со вредности, око нема да им трепне ако наеднаш латвиските власти одлучат да ја фрлат бабичкава сосе количка од трети кат бидејќи не положила латвиски, како сцената со инвалидот и нацистите во „Пијанистот“ на Роман Полански.
Е сега, речиси во исто време, граѓаните на Мали излегоа на референдум и со огромно мнозинство одлучија дека не сакаат веќе францускиот јазик да биде официјален во нивната држава. Море едни пискотници кога се кренаа низ Франција, море трескање од земја низ ЕУ, па тоа да ти било нецивилизирано, па како сега некоиси таму назадни црнци смеат да го забранат францускиот, па веднаш да се реагира, а бе ако треба и да се бомбардира… малку лицемерничко, а? Или не? Францускиот е демек посекси јазик од рускиот? Е, јас и Ванда Герш не мислиме така. Додуша, Ванда прво мислеше дека најсекси јазик е италијанскиот, ама потоа Арчи Лич почна да ѝ зборува руски и згоднава Американка доживеа оргазам. А ха, руски падежи ѝ отворија ерогени зони, а Ванда и Арчи за мене се далеку посериозни ликови од Борел и неговата братија од рајската им градина.
Но, не само Мали и референдумот, цела Африка беше интересна тема за набљудување изминатава недела. Две третини африкански држави присуствуваа на руско-африканскиот самит во „изолираната“ од светот Русија. Москва им ги избриша милијардите долари долгови. Уште добија неколкугодишна бесплатна испорака на илјадници тони жито. А богами потпишаа и дузина договори за економска и воена соработка, како и за создавање инфраструктура и образовни реформи, што значи дека по Кина, и Русија влегува во Африка, откако, полека, Африканците ги бркаат западните колонизатори. По ЦАР, Мали, Буркина Фасо, Алжир, еве го и Нигер. И одново пискотници, закани за интервенции и бомбардирање. Знаете како оди тоа, Косово може, ама Крим никако. Касапниците низ Ирак, Либија и Сирија беа за нивно добро, ама Украина е страшна окупација. Обоените револуции и арапската пролет беа борби за демократија, ама пучовите низ Африка и кревањето на клоци на западните колонизатори да ти било варваризам што треба да се бомбардира. Не дека кај оние што вака размислуваат и мерат моиве зборови нешто ќе променат, не дека ќе се засрамат, ама ако, јас сакам да си оставам пишан доказ за едно одвратно лицемерство.

Е да, бе Русјаков, Кина и Русија од љубов да не влегуваат во Африка?
Од љубов се влегува в црква, во брак, во детската соба на твоето чедо, во постела со својата љубена, а во цивилизација, меѓу другото, се влегува преку размена на добра, односно ти мене од твојот вишок, јас тебе од мојот, а не преку колонизација, ама знам јас на каде оди западната прогресивна мисла, нема што Африканците да тргуваат кога треба да робуваат и што дека Русите им дале бесплатно жито… А Боно и Мадона што се жртвуваа и пееја за гладните во Африка? Туку ги меркам овие Ботови сосе рускиот им териер од почетокот на колумната. Тргаат на одмор и богами нешто сомнително распеани. Влегуваат во автомобилот здружно пеејќи ја „Бафало солџер“ од Боб Марли. Хм, да не се всушност Ботови африканска инсталација на Кремљ, баш ќе ги проверам кога ќе се вратат. Мислам, ако случајно ја поддржуваат одлуката на Нигер да го запре одливот на ураниум кон Запад, тогаш сигурно се убедени дека рускиот е посекси од францускиот, а тоа значи само едно… дека се против уставни промени.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...