Денешната работа за утре не оставај ја!

Кога некој јавно се обидува да го избрише македонскиот национален сегмент во Република Албанија, потребна е проактивност од македонското министерство за надворешни работи. Повикот од оваа државна институција до Македонците за претстојниот попис во Албанија во смисла „слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност“ покажува дека нашата анемична грижа суштествува само по форма и е привидна

Неколку меѓународни истражувања и анализи посочуваат дека авторитарните режими ја исползуваат пропагандата за манипулирање со екстремниот национализам, шовинизам и иредентизам со намера да ѝ го одвлечат вниманието на пошироката јавност од домашните проблеми. Честопати споменатата пропаганда ги поттикнува шовинизмот и иредентизмот за да го канализира општественото незадоволство од лошите политики или корумпираните политичко-општествени елити. Во оваа смисла се злоупотребуваат и медиумите за поттикнување на иредентизмот преку промовирање одредени националистички митови, кои се политички конструкт и немаат историска основа. Но националистичките митови стратегиски се користат од политичките елити како дел од ирационалната националистичка пропаганда за да создадат симбиотска врска помеѓу надворешната политика и националистичката пропаганда.
Колку и да звучи чудно, Бугарија, која е земја-членка на Европската Унија и НАТО, каде што владеењето на демократијата и слободарските принципи се суштината на политичкото битисување, се однесува како авторитарен режим од Третиот Свет. Доколку внимателно се анализира, очигледно е дека бугарската политичко-општествена елита не може да се справи со домашните проблеми и предизвици, како што се корупцијата или слабите економски перформанси. Оттука антимакедонската реторика во бугарското општество може да се разбере единствено како одвлекување на вниманието од реалните и суштествените проблеми. Споменатата антимакедонска кампања се карактеризира и со одреден националистички мит, кој се темели на оптичката мамка позната како санстефанска Бугарија.

Затоа во изминативе години постојано сме сведоци на бугарска националистичка хистерија, која јавно и отворено ги негира македонските национални особености – јазик, историја, култура итн., но и на иредентистички изблици во форма дека Македонија е бугарска земја! Сепак, најголемата трагедија е фактот дека бугарската елита, која не може да се соочи со домашните проблеми, дозволи санстефанскиот националистички мит да биде и основа на денешната бугарска надворешна политика.
Во овој контекст треба да се разберат и последната провокација што е именувана како „Бугарите во Албанија“ и најавата за отворање неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан непосредно пред пописот во Република Албанија. Обидите за искривување на реалноста беа осудени од страна на Македонците во Албанија, а македонско друштво „Илинден“ – Тирана јасно образложи дека „Македонците во Република Албанија говорат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари!“.
Каде сме ние во оваа приказна? Македонија е матична држава на сите Македонци без разлика на нивното раѓање или живеење. Оттука македонската држава треба да се грижи за потребите на македонското малцинство во Албанија, но и насекаде во светот. Кога некој јавно се обидува да го избрише македонскиот национален сегмент во Република Албанија, потребна е проактивност од македонското министерство за надворешни работи. Повикот од оваа државна институција до Македонците за претстојниот попис во Албанија во смисла „слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност“ покажува дека нашата анемична грижа суштествува само по форма и е привидна. Всушност, досега Македонија како држава и Министерство за надворешни работи не покажа дека има чувство и смисла за македонските национални потреби надвор од нашите граници.

Не случајно во македонската поговорка се вели: денешната работа за утре не оставај ја! Во услови кога Бугарија преку државните институции и приватни фондации се обидува да ги асимилира Македонците во Република Албанија, потребна е грижа од наша страна како држава. Она што недостига од македонска страна, а Бугарија континуирано го прави, е максимална грижа за нашинците од онаа страна на западната граница. Наместо посетите да се реализираат само под притисокот на јавноста, која отворено кажува дека државата не се грижи за Македонците надвор од земјата, потребно е поширока стратегија како македонското малцинство во околните земји да биде заштитено и помогнато од нивната матична држава.
Без оглед на фактот што земјава се откажала од грижата за малцинствата, нешто што ниту една држава не го направила, сепак има можности низ разни други законски и уставни решенија да овозможи континуирана грижа за македонското малцинство. Таа грижа може да се оствари преку многу разни форми и облици, почнувајќи од соработка во образованието, во прекуграничните проекти за кои пари дава и ЕУ, преку редовни донации, гостувања на театри, музички групи, уметници, предавања на професори, академици, размена на ученици… И не само тоа, посетите на македонските политичари мора да бидат редовни, да се слушне за потребите на тие луѓе и преку отворен дијалог со соседните земји да им се помогне на сите начини. Тоа е улогата што треба да ја одигра македонското МНР, наместо само „да охрабрува“ отстрана кога ќе го притисне јавноста. Македонија како држава никогаш не се мешала во внатрешните работи на соседните држави, ниту пак во иднина ќе се меша, а во конкретниот пример станува збор за грижа и негување на македонските национални особености.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...