Дијалогот не живее овде! – Република

Васко Шутаров

Откако ритуално и оваа Прочка си простивме и по којзнае кој пат се убедивме дека чувството на простување е божествено, можеме порастоварено одново да си продолжиме со нашите животи и нашите стари навики, совршено разминувајќи се меѓусебно, во еден меѓупростор од некомуницирање или едвај ритуално комуницирање, во кој неповратно го губиме најдрагоценото од нашите животи. Најдрагоценото во нашите животи е секако комуникацијата со другиот, а еден од основните феномени на човековиот однос кон другите и кон заедницата се состои токму во дијалогот кој е во основата на секоја значајна култура, на европските посебно!

Бидејќи сите вистини што се премолчуваат стануваат отровни (според Ниче), да си кажеме отворено (и колку може помалку отровно!), дека ние живееме животи на меѓусебно исклучиви, паралелни и крајно антагонизирани комуникации низ кои совршено се разминуваме, не се препознаваме и чувствуваме речиси анимален зазор во средбите едни со други. Во таквите паралелни светови на живеење, едни од нас се радуваат на премиерата на „Македонисимо“ во најпрестижната светски позната концертна сала „Музикферајн“ во Виена и на долгочочекуваната македонска ТВ-серија „Бистра вода“, други се радуваат на маскираната камарила околу новокомпонираниот струмички пар Тито и Јованка и драмолетката создадена околу борбата за лебот и игрите, трети ликуваат и се радуваат дека повторно ги изиграле сите закони и повторно и повторно си ги наполниле џебовите маскирани во Црвенкапи на македонската и пред меѓународната јавност! А, сите останати и сите ние заедно, во иста држава, со имагинарно „општество за сите“, каде животите ни се вшмукани, исцедени и отфрлени во едно совршено меѓусебно некомуницирање и непрепознавање.

Во таков раздробен, атомизиран и меѓусебно потполно раздвоен свет во едно, кобајаги, општество за сите, како одамна заборавен и сосема издвоен глас во пустина, прозвучи неодамна гласот на јапонскиот маестро Јутака Садо! „Кога прв пат ги видов ритмите во партитурите за „Македонисимо“, бев преплашен како ќе ги диригирам?! Но, само по дводневни проби со македонскиот квинтет, веќе не чувствував дека само следам ритам и матрица, туку како да создавав една многу слободна и среќна музика! Кога завршува секој од ставовите, оваа музика нè прави насмеани, нè прави среќни! Има преголемо уживање во оваа музика што го слави животот на многу креативен начин“, ќе каже Јапонецот Садо.

Да се биде вкоренет во таа светски препознатлива и толку посакувана музика која ослободува и ги прави луѓето среќни, музика која толку лесно и преку наједноставно грмнување на тапанот комуницира и го освојува светот славејќи ги слободата и животот, а истовремено да сте толку длабоко вкоренети во едно отуѓено и неслободно општество, одвоени и отуѓени од секаква меѓучовечка комуникација на себепрепознавање и самопочитување – таков голем историски грев, не може ни вечен срам да го покрие и исчисти!

А, да не биде утрото уште поотровно од денов, отворено да си кажеме и да си признаеме, дека, разговорот, комуникацијата и дијалогот воопшто не живеат овде! А, заедно со нив, ниту слободата, ниту среќата, ниту животот! Во една држава, неслободна и отуѓена од своите граѓани, дијалозите се ултимативни и еднонасочни! Или слушајте нè и согласете се со нас – или тргнете ни се од патот по кој газиме! (А газиме по демократскиот пат кон ЕУ, кон европските вредности во кои дијалогот е втемелен како основна препоставка за секоја заедничка вредност, нели?!)

Ајде сега, да почнеме од почеток и малку да се занимаваме со дијалогот, „драги домашни Европјани!“ Од нешто мора да се почне! А тој почеток и тој крај, не се викаат само претпристапни преговори со Европската Унија, туку најнапред, отворени и во секое време пристапни меѓусебени дијалози и комуникација со сите граѓани, дијалог со сите политички и неполитички чинители во сопствената држава!

Патот до секое демократизирање на општеството води преку аргументиран, слободен и креативен дијалог. За жал, кај нас таков пат и таков дијалог не постојат! Прашањето за дијалогот во овој контекст не е само политичко, туку пред сè животно и егзистенцијлно прашање, како за опстанокот на секој од нас, за нашиот личен развој и напредок, така и за опстанокот и за развојот на државата. И затоа, во отсуство на каков било дијалог во државава, мора од некаде да се започне – а тоа е повторно (и повторно!) мора да биде дијалогот, кој упорно нè одминува и го нема!

Зошто е толку важен дијалогот, кој сиве овие пусти години од осамостојувањето на државата така умешно ни бега, создавајќи од нас до крај неслободни и меѓусебно отуѓени луѓе?!

Познатиот австриски и израелски филозоф Мартин Бубер, најпознат по неговите ставови за филозофијата на дијалогот, во неговото дело „Јас и Ти“ запишал: „Духот не е во Јас, туку помеѓу Јас и Ти! Тој не е налик на крвта која тече во тебе, туку налик на воздухот кој што го вдишуваш!“

Потребата од разговор, од дијалог, произлегува секогаш од одреден недостаток во човекот, а да се елиминира тоа, потребен е друг човек кој се разликува од него. Ако Јас и Ти сме потполно исти, нам ништо нема да ни се случува! Затоа, сето она што Јас не сум, за мене е од исклучително значење, бидејќи од мене се разликува! Сè што правиме во животот, во суштина се обиди себеси да се дополниме или надополниме, од себе да создадеме целовити личности, токму преку препознавање, преку дијалог со другиот и различниот од нас!

„Двајца луѓе кои умеат да разговааат, можат меѓусебно да се обогатат и развиваат – она што излегува од мене и не ме изненадува толку, колку она што го примам од другиот“, според Борхес. Во идеална форма, идеалната потреба од дијалог буквално би можела да се сведе на оваа мисла од славниот писател. Бидејќи, кој не е кадарен да разговара, тој не е способен да се развива, а да се откажеш од разговор со другиот, значи да се откажеш од себеси! Бидејќи, кога добро ќе го запознаете другиот, веќе сте се обогатиле за уште еден живот! Без другиот ние не можеме да се разбереме себеси!

Еве, најсликовито кажано, колку сме далеку од себеси, од разговорите за себе и дијалозите меѓу себе во актуелниов миг, додека главната битка и кобајаги дијалог се водат околу лебот наш насушен! За држави како нашата (и за нас кои милуваме уште да ја нарекуваме, држава!) држави на екстремна општествена криза, потонати во безаконие, насилство и хаос, дијалогот како суштинска човекова потреба се претвора во сопствена карикатуралност. Во таквите општества, како нашето во моментот, јавниот простор е исполнет со (ново) говор, во кој однапред се знае кој што ќе каже! Да се води таков дијалог во кој само се декларираат монополизирани судови и тврдења, вистини поставени на ниво на догми, значи да се биде сведок на убиство на каква било дијалошка комуникација. Дијалог не може да води оној кој што е убеден само во непогрешливоста на сопствените концепции и идеи, дијалог не умеат да водат самобендисаните и ласкавците, на ниво на дијалог никогаш нема да се издигнат озборувачите и сите оние кои наместо со умна страст да разговараат и да се себепрепознаваат, се одаваат на неодоливата демонска страст за обезвреднување на другиот и различниот од себе!

Автентичен дијалог може да води само автентична личност, вистински дијалог можат да водат само слободни и креативни луѓе. Тапанот од „Македонисимо“ во европската и светска арена на културата од пред некој ден, требаше да биде потсетник на тој одамна вкоренет слободарски порив и никогаш до крај реализиран мотив за освоената слобода- да се биде свој и господар на своето! И кога сме најдалеку од себе, од своите слободи, од личниот и колективен стремеж кон подобро и поубаво, да не си вртиме грб едни на други, да не му вртиме грб на дијалогот меѓу себе! Бидејќи, сè уште постоиме- и покрај сите угнетувања од чие наталожено генерациско наследство не можеме да се ослободиме!

Да се одмолчат остатоците од животите и да се наведнат главите (бидејќи сабјата така потешко ги сече!), да се анестезираат умовите, да се заробат мислите, а зборовите да се ослободат само за аминување, да се монополизира вистината и узурпира иднината и само тоа да се бара од нас, тоа ли се очекувањата од она што условно сè уште имаме потреба да го наречемемакедонски дијалози?!

Барем додека се љубат слободата и животот, барем додека во слободата на мислата и на говорот можеме да ја препознаеме вистината и да ја креираме иднината, барем додека знаењето му служи како храна на умот а  јазикот и говорот им служат и на срцето и на умот како водилки  кон подостоен, повреден, поубав и подобар живот, ќе има уште некоја шанса за она што како личности, како општество и како држава мора(в)ме да го имаме како приоритет над приоритетите, а тоа се македонските дијалози. Колку и утописки да звучи ова денес, колку изгубенои толку недостижно да ни изгледа во моментов, мораме да научиме да не му вртиме грб на дијалогот! Да учиме одново (и одново!) да разговараме, пред да почнеме за што било да преговараме! Да се преговара, без најпрво меѓу себе да се разговара и договара, може само уште толку да нè отуѓува и да нèразделува меѓусебно! Зошто?! Затоа што во суштината на преговарачкиот поттекст е секогаш содржан одреден диктат, во нашиов случај исклучително потценувачки политички диктат, кој, за жал, најчесто своето исходиште го има некаде надвор од Македонија!

Голем срам и голем грев е, цел свет да го препознава во македонската музика, во нејзиниот тапан и ритамот, будењето на слободата, воспевањето на радоста и освојувањето на среќата, а само ние да не ги препознаваме, правејќи се често наглуви и осудени на вечен дијалог на глуви, меѓусебе!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ