Дилемата на НАТО: Војна или мир

Дилемата на НАТО: Војна или мир

Мојата книга „Македонија во НАТО: на линијата на фронтот“ беше објавена во декември 2020 година, а добар дел од анализата се потпираше на тукушто завршениот јубилеен роденденски самит од 2019 година. Познато е дека 70-от роденден на НАТО мина во невесела атмосфера или дури и асоцијации на „мозочна смрт“, да го цитираме Макрон. Оттогаш, навидум се сменија многу нешта: Трамп ги изгуби изборите, но сега се подготвува да се врати; Макрон иако сè уште претседател веќе е политички мртовец на европската сцена. НАТО се прошири, а Македонија не е неговиот последен „бисер“ во милитаристичката и империјална круна, туку изненадувачки – тоа се нордиските земји како Шведска и Финска, за кои мислевме дека се прототип на мирољубиви и неутрални општества. Најмногу од сè, НАТО успеа да го дестабилизира и милитаризира европскиот континент поради незадржливиот глад на воено-индустрискиот комплекс. Војната во Украина не само што е резултат на туркањето кон црвените линии на Москва, со прекршување на сите дадени зборови, ветувања и меѓународни договори (како Минск 1 и 2), туку и со ентузијазмот со кој се влезе во прокси-војна (војна преку посредник). Наративот е дека независна и суверена држава била нападната без никаква провокација и едвај некој се осмелува да каже дека Западот ја посакуваше таа војна и свесно ја турна корумпираната и слаба Украина во војна што не може да ја добие. Ах, да! За малку да заборавам дека во меѓувреме амбициите на НАТО се проширија кон создавање глобална алијанса, нешто како воен Левијатан што би ја опколил со своите пипала целата планета – за да ја брани, додека ја задушува.

Не толку одамна група експерти и политичари пишуваа листа на желби и визија за НАТО 2030. Но најновиот експертски извештај во пресрет на новиот 75-ти роденден на НАТО се сведува на прашањето: „Дали НАТО е подготвено за војна?“. Се мисли на војна на повеќе фронтови, бидејќи Украина е само едно од жариштата што Западот ги поттикна или одбива да ги затвори. Сега се тука Блискиот Исток (во море од крв на невини деца) и потенцијалниот судир со Кина. Промените во НАТО и околу НАТО силно се одразуваат на ЕУ, која во изминатите неколку години се распадна како песочен замок на плажа. Првиот воен бран на нејзините граници ја симна маската и под убавото лице на „зоната на мирот и благосостојбата“, на божицата Европа, која се закити дури и со Нобелова награда за мир, се појави грдото здание на една непроменета империјална структура. ЕУ одамна стана експозитура на НАТО и главен финансиер на војната наместо на мирот. Двоглавото чудовиште, за жал, има и женска димензија: на чело на „новата“ Европска комисија се две жени јастреби што бараат војна и крв, Урсула фор дер Лејен и нејзината колешка од Естонија, бившата премиерка Каја Калас. За оваа втората веќе се коментира дека е толку исполнета со омраза што наскоро може да жалиме за „градинарот“ Борел, кој сметаше дека само ЕУ е рајска градина, а сите надвор од неа се дивјаци. (Толку од женската моќ, а тука лесно можеме да го замислиме и насмеаното лице на нашата претседателка, која уште не сфатила дека бајката станала кошмар). Во листата на значајните промени ќе ги спомнам и резултатите од изборите во земјата што ја напушти ЕУ, ама не и империјалната и воинствена политика – во Велика Британија победија лабуристите, а на нивно чело е човек што е повоинствен и покрволочен од неговите ториевски претходници. На својата прва прес-конференција премиерот Стармер не заобиколуваше, туку отворено кажа дека „првата должност на Владата се државата национална безбедност и воено-индустрискиот комплекс“. Каков парадокс и апсурд за една божем работничка партија! Џереми Корбин останува единствена светлина во тој темен тунел на империјален амок. Орвел бил гениј, ама доцна ќе го разбереме.

Самитот на НАТО почнува утре, но темата веќе е позната: како Украина да се „приближи“ кон полноправно членство. Ентони Блинкен, американскиот државен секретар, кажа отворено: „Верувам дека самитот на НАТО ќе биде фокусиран на тоа како да ја воспоставиме патеката за членството на Украина во НАТО“. Не треба да си гениј како Сакс или Мершајмер за да знаеш дека моментот кога Украина би била примена во НАТО, ќе значи дека сите сме во воена состојба и со непријателски позиции кон (најмалку) една нуклеарна сила. Десетици американски професори од врвни универзитети упатија отворено писмо до НАТО со предупредување дека приближувањето на Украина кон НАТО би довело до светска војна, но меинстрим-медиумите молчат за тоа. Врвни научници по меѓународни односи се фрлени на маргините на дебатата и носењето одлуки. Тогаш чуму наука? Чуму знаење и предвидување?

На човек му доаѓа да се праша: дали се овие нормални? Дали се свесни кон што туркаат? Најнормален е еден Орбан, кој барем се обиде да посредува меѓу Киев и Москва (иако неуспешно) и кој деновиве даде силно интервју во кое кажа: „Денес, наместо мир, агенда [на НАТО] е потрага по војна“. Има најави дека на самитот и Бугарија ќе собере сили да заговара мировни преговори меѓу Украина и Русија. Линијата на расцепот, колку и да е таа плитка, е како насловот на славниот роман на мировникот Лав Толстој: војна и мир. Сите обланди и хипокризија за мировна сила и политичка организација паднаа во вода. И не, не мислам дека „руската закана“ е причина за тоа. Ако некој ја зборуваше вистината без ракавици и ја соопшти среде Минхен (во далечната 2007 година), тоа беше Путин. Тоа беше говор на рано предупредување и напор за превенција на она што се случува денес.

Додека Западот зборува за тоа како да добие (уште повеќе) војна, на Истокот се зборува како да се дојде до вистински мир. Не само на самитот на Шангајската организација за соработка, не само во преговорите за ширење на членството на БРИКС, туку уште повеќе на последната голема конференција одржана во Кина, беа афирмирани принципите на мирот што веќе постојат во Повелбата на ООН: мир со мирни средства! Кинескиот претседател Си Џинпинг изложи листа на предлози што само луд човек не би ги прифатил: 1) изградба на заеднички дом на солидарност и заемна доверба; 2) заеднички дом на мир и спокојство, бидејќи вистинската безбедност зависи од безбедноста на сите земји; 3) заеднички дом на просперитет и развој, преку соработка, иновации и еколошка заштита; 4) дом на добрососедски и пријателски односи; 5) дом на правичност и правда, во мултиполарен свет на еднакви држави и универзална корисна и инклузивна еколошка глобализација.

Ако прашувате за Македонија, таа е уште на линијата на фронтот (како што предвидов во мојата книга). Само што фронтот сега е вистински и поопасен од кога било порано, а Македонија ја фатила страната на оние што не се добри момци во приказната. За само четири години станавме дел на 18-те членки на НАТО што издвојуваат повеќе од 2 отсто од БДП за воени потреби. Тие потреби всушност немаат никаква врска со нашата одбрана и безбедност, туку со војната во Украина и со нови набавки (и поголемо должничко ропство) кон воено-индустрискиот комплекс на САД. Училишта и болници можат да пропаѓаат, ама сојузниците не смееме да ги разочараме. Дури и кога Ангела ги „преслушува“ по ред сите, од претседателката до премиерот и министрите, и во очи им вели: да не сте писнале за Преспа или Бугарија! А тие, дури и за прашања од национален интерес и врз кои го излажаа народот на изборите, велат: не ги коментираме изјавите бидејќи доаѓаат од нашите сојузници. Така, на 75. роденден на НАТО, ние остануваме на фронтот, гордо да ги браниме геостратегиските интереси на Империјата – Мицкоски во Вашингтон, а Гордана на Водно. Заглибени до гуша во… знаете што, ама важно горди!

Лично, останувам на позициите на сите прогресивни сили што бараат мултиполарен мир СЕГА: Не за НАТО, ДА – за мир! Па вие можете да ме сметате и за аутсајдер или нечиј бот, но духот на Касандра е жив.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Магдебург најде дефанзивец – доаѓа Шпанецот Серадиља

Поранешниот европски првак Магдебург го промовираше второто засилување...

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...

🎥 Тимур Дибиров тренираше под палката на неговата сопруга Ирина

Хрватскиот првак Загреб се уште не ги започнал...