Џулијан Асанж и парчето тоалетна хартија што виси од панталоните

Џулијан Асанж и парчето тоалетна хартија што виси од панталоните

Тука е крајот или почетокот на асанжизмот? Џулијан ја разголи вмешаноста на американската дипломатија низ светот, тој предупреди, но дали се смени текот на историјата? Ја победи ли слободното новинарство наметнатата глобална тиранија, која ги надмина и границите на умствената фантазија и резон од „1984“? Можеше ли „Викиликс“ да стори нешто повеќе против новиот тоталитаризам, производ на западниот неолиберален антисистем?

Во едно интервју за Ројтерс, дадено од просториите на Амбасадата на Еквадор во Лондон, Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“, изјави дека не планира да го следи примерот на унгарскиот кардинал Јозеф Мидшенти, кој цели 15 години поминал во азил во Амбасадата на САД во Будимпешта во минатиот век. Колку за фактите да бидат посведочени – точно е дека Асанж не помина 15 години во азилот, помина седум. Плус пет години во затвор/притвор во лондонски затвор, најголем дел во изолација. Вкупно 12 години!
Од денеска Австралиецот Џулијан Асанж е слободен човек, откако тој со американското правосудство се договори да признае вина, да добие тригодишна казна, која веќе ја одлежал и да летне како птица „даун андер“. Дали од денеска Џулијан е слободен човек? Тој самиот си знае какви чувства му навираат и што сѐ му се вртело низ главата кога од Лондон се качил на авионот, приватно изнајмен за 500.000 долари, за да го однесе на некое островче, инаку под управа на Америка, и да стави потпис признавајќи вина, која ќе му овозможи по толку години борба со сите и со себе во тие затворски четири ѕида да се види со својата сопруга и со своите деца. Тие си го гледале својот татко само на фотографии.
Асанж, барем додека ја пишувам колумнава, нема дадено изјава. А и што да каже, зарем досега не кажа доволно? Кажа!
Додека работев во редакцијата на „Дневник“ повеќепати пишував за Асанж, за неговата организација „Викиликс“, која објави илјадници телеграми на американскиот дипломатски сервис, која откри мрачни тајни, за храбрите новинари од „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“…. Во моја колумна од 2013 година пишувам: „Прашањето/дилемата ми е колку се смени светот откако се појави во кибернетскиот простор ’Викиликс’, кому можеме да му бидеме благодарни за објавувањето илјадници доверливи телеграми на американскиот дипломатски сервис. Освен сознанието за тоа како работеле дипломатите, дали биле валкани или не, кои биле последиците, дали нешто посуштински се смени во Вашингтон? Ние многу работи знаевме и пред да се појави ’Викиликис’, освен што Џулијан Асанж сето тоа го направи видливо. Нешто слично како мисионерската работа – одиш некаде и зборуваш за Господ, а тие таму не ти веруваат. Па, црташ сликички и им велиш, еве, ова е Господ за кој ви зборуваме. Оти човекот додека не види не верува“.

Тука е крајот или почетокот на асанжизмот? Џулијан ја разголи вмешаноста на американската дипломатија низ светот, тој предупреди, но дали се смени текот на историјата? Ја победи ли слободното новинарство наметнатата глобална тиранија, која ги надмина и границите на умствената фантазија и резон од „1984“? Можеше ли „Викиликс“ да стори нешто повеќе против новиот тоталитаризам, производ на западниот неолиберален антисистем? Ова се прашања на кои и како новинар и како човек барам одговор и притоа се плашам, затоа што тој што го создаде системот вели дека се појавува и во облик на Господ. Секако, лажното лице на Панкреаторот. Но велам се плашам, оти не можат сите да ја препознаат лагата. А, многу добро се платени да ја шират таа лага, без разлика што играјќи ја таа улога всушност самите си го копаат гробот наменет за слободното новинарство. Епитафот е веќе напишан – тука почива Гутенберговата цивилизација. Амин!
Два акта се џелатите на новинарството како чесна професија -Патриотскиот акт во САД и Актот за тероризам во Велика Британија, а тие се пресликаа и во многу „демократски земји“, зашто сметаат дека животите на тие што сториле злосторства се поважни од невините жртви каде и да се на нашава планета. Владите велат дека така ја чуваат националната безбедност. Токму Асанж (секако и Едвард Сноуден или Челзи Менинг) му фрли ракавица на американскиот правосуден систем кога рече дека Патриотскиот акт е во конфликт со Првиот уставен амандман. Ние не дочекавме да следиме фер судски процес и не знаеме како би поминал тој, но реалноста вели дека 12-годишната сага на основачот на „Викиликс“ е завршена со среќна мешавина на дипломатија, политика и правни норми. Факт е дека австралискиот премиер Антони Албаниз (Албанезе според неговото италијанско потекло) направи многу за неговиот сонародник конечно да биде ослободен. Тука, секако, улога одиграла и американската амбасадорка во Канбера, Керолајн Кенеди (сепак семејното име има тежина), но и многу цврстите врски забетонирани со скорашниот пакт меѓу САД, Велика Британија и Австралија, кусо наречен АУКУС. Интересно, за дел од австралиската опозиција „Асанж не е никаков херој“, што веројатно ќе значи и натамошно губење гласови на наредните избори.

Дали со ова завршува мисијата на „Викиликс1.0“? Дали на светот му е потребен „Викиликс 2.0“? Веројатно да, оти очигледно е дека на новинарството (не само нему) не му се пишува добро. Само еден пример – од неодамна по интернетот кружи една графика од дваесетина поединци што се обележани како дел од мрежата на проруски дезинформатори на Западот. Тоа го откриле фактчекери во Украина. На таа црна листа се Скот Ритер, Такер Карлсон, Расел Бренд, Макс Блументал, Пепе Ескобар, Глен Гринвалд, Џефри Сакс…. Дали е забрането да се појде на темната страна на Месечината? А, од вчера во Русија му се суди на американскиот новинар Еван Гершкович. Обвинение – шпионажа. Ако можете вие, можеме и ние.
За крај, да не заборавиме дека во илјадниците депеши на американските дипломати имаше и десетина за Македонија. Иако за повеќето нагаѓавме, откако беа објавени ни стана појасно. Како што рековме погоре, за Господ и сликичките – тој што не верува, сака да види. А, што кога ќе види? Што кога ќе разбере како се договарале коалиции, промена на име на една држава, за еден корумпиран систем што го водат корумпирани политичари? Излезе ништо. Целава работа со дипломатските телеграми излезе како некој дипломат да влегол во тоалет, убаво се испразнил, кога излегол надвор од панталоните му висело долго парче тоалетна хартија. Сите знаеле што правел, ама само се насмевнале и му рекле да се врати да се досреди. Животот мора да продолжи, макар и како фарса, па и во националниот пораз.
Да си жив и здрав, Џулијан Асанж. Ако ти е (ни е) за утеха, ни Исус не поминал подобро, но го носиме во срцата!

Христо Ивановски

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ