Франција и Британија ги менуваат местата

Франција и Британија ги менуваат местата

Се чини дека Европа е без лидер во време на зголемени глобални закани

Гидеон Рахман

Британија и Франција седат на спротивните краеви на политичката клацкалка. Три дена откако Обединетото Кралство избра прагматична, центристичка влада со огромно мнозинство, Франција отиде во спротивна крајност. Законодавните избори во неделата доведоа до ќор-сокак на парламентот, при што и екстремната десница и екстремната левица стекнуваат популарност.

Во Британија, периодот на политички хаос што почна со гласањето за брегзит во 2016 година, можеби конечно заврши. Но, во Франција, веројатно допрва почнува продолжениот период на политичка нестабилност.

Олеснувањето што екстремно десничарскиот Национален собир помина полошо од очекуваното во вториот круг на гласањето, не може да го прикрие фактот дека центарот во француската политика се стеснува – а со тоа и авторитетот на претседателот Емануел Макрон. Мирноста на Лондон во изборната ноќ минатата недела беше во голема спротивност со жестоката атмосфера во Париз во неделата навечер.

Жално е што францускиот и британскиот политички циклус се толку несинхронизирани. И покрај нивното инстинктивно ривалство, има многу смисла двете земји да работат заедно. Тие се соседи и демократии со слична бројност на населението. Секоја од нив задржува некои од симболите на статусот на големи сили, како што се нуклеарното оружје и постојаното членство во Советот за безбедност на ОН, додека повеќе нема економска моќ да го поддржи тој статус.

И Франција и Британија се обидоа да играат водечка улога во меѓународните напори за справување со климатските промени. Двете земји многу сериозно ја сфаќаат заканата од Русија и се силни поддржувачи на Украина. Во последниве децении, Франција и Британија исто така беа двете водечки воени сили во Европа – иако со текот на времето, германското повторно вооружување може да го промени тоа.

Но способноста на Велика Британија да применува конкретно влијание врз иднината на Европа е попречена од брегзит, кој го стави Обединетото Кралство надвор од клучните политички структури во Европа и остави наследство на недоверба и институционални урнатини. Во отсуство на Британија, Макрон ја искористи можноста да претстави амбициозна визија за иднината на Европа. Но способноста на францускиот претседател да претендира на интелектуалното лидерство на Европа сега веројатно ќе исчезне, заедно со неговиот внатрешен политички мандат.

А, сепак, меѓународните предизвици со кои се соочуваат Велика Британија, Франција и Европа како целина, веројатно ќе се интензивираат во текот на следната година. Војната во Украина моментално е во ќор-сокак и нервозата во врска со потенцијалниот руски пробив се зголемува. Вториот претседателски мандат на Трамп би претставувал јасен ризик за НАТО и меѓународниот трговски систем. Тоа, пак, ќе ги загрози идниот просперитет и безбедност на Европа.

Теоретски, очигледен одговор на овие заеднички закани би бил Франција и Британија да соработуваат многу поблиску – и да се залагаат за поголема европска соработка за да се намали ранливоста на континентот.

Во реалноста, неодамнешните политички промени во Франција и во Британија ќе го отежнат тој вид соработка. Ако француската надворешна политика почне да ги одразува приоритетите на политичките екстреми, тоа би создало очигледен судир со ставовите на новата влада на Кир Стармер во Британија. И екстремната левица и екстремната десница во Франција се многу повеќе наклонети кон Путиновата Русија, отколку кон Макрон или Стармер.

Интернационализмот со зелена боја на Стармер е поочигледно во склад со тековните политики на германската владејачка коалиција, која е предводена од социјалдемократот Олаф Шолц. И навистина, на неговиот втор ден на функцијата, Дејвид Лами, новиот британски министер за надворешни работи, отпатува за Берлин, каде што беше примен со топлина што вообичаено е резервирана за министерот за надворешни работи на Франција.

Стармер и Лами се инстинктивни проевропејци, кои треба да се справат со реалноста дека Британија повеќе не е членка на ЕУ – нешто што лабуристите ветија дека нема да го поништат. Наместо тоа, нивната цел е да преговараат за нов безбедносен пакт со ЕУ, но да ја дефинираат „безбедноста“ многу широко, така што таа потенцијално вклучува широк опсег на теми како што се енергијата, климата и критичните минерали. Тоа, за возврат, може да стане клин преку кој ќе се отвори вратата за поголема соработка со ЕУ насекаде – без да се допираат чувствителните (и клучни) прашања за британското членство на единствениот пазар на ЕУ или царинската унија.
Идеите на лабуристите за поблиска соработка ЕУ – Велика Британија добија топол прием за време на патувањата на Лами во Германија, Полска и во Шведска. Но реакцијата на Франција на предлогот на лабуристите за нов безбедносен пакт останува од витално значење. За време на долготрајните преговори за брегзит, француската влада беше клучна во одржувањето на линијата против какви било обиди на Велика Британија да ги пробира најатрактивните елементи на членството во ЕУ, избегнувајќи ги своите обврски.

За жал, Франција е на пат да сврти самата против себеси и можеби ќе поминат повеќе месеци пред да има влада што ќе биде способна да даде јасен одговор на европските прашања. Тоа ќе биде проблем, не само за Британија туку и за цела ЕУ.
Гласањето во Франција, исто така, испраќа интригантна порака за претседателските избори во САД. Не верувајте во анкетите. Сите истражувања укажуваа на тоа дека екстремната десница ќе фигурира како најголем блок во францускиот парламент. Најпосле, Националниот собир на Марин Ле Пен беше трет. Можеби конзистентното, иако тесно, водство на Доналд Трамп во анкетите е помалку сигурно отколку што изгледа?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Сиднеј Универзитет им се придружи на Барса, Веспрем, Магдебург…

Се комплетираа учесниците на претстојното Светско клупско првенство...

Магдебург најде дефанзивец – доаѓа Шпанецот Серадиља

Поранешниот европски првак Магдебург го промовираше второто засилување...

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...