Генерално чистење на политичката сцена

Како да се постапи со новите политички движења? Дали треба да се постави „санитарен кордон“ кон нив или тие треба да се вклучат во политичкиот систем и да им се овозможи да преземат одговорност за владеењето? Одамна немало толку жешко политичко лето низ светот. Не мислам тука на рекордните температури измерени на северната хемисфера, ниту, пак, на сезонските пожари во медитеранските земји. Овој пат нема да зборувам за геополитичките теми поврзани со војната во Украина, актуелниот воен удар во Нигер, засиленото американско–кинеско ривалство, претстојниот самит на БРИКС во Јужна Африка и другите критични теми за вознемирената планета. Во мојот животен век светот никогаш не бил толку блиску до нуклеарна апокалипса и не помнам ваков распад на светскиот поредок. Но тоа е тема за друга колумна.
Подемот на новите политички сили низ демократскиот свет, вклучувајќи и кај нас во Македонија, е тема што е во срцевината за дебатите околу иднината на демократскиот поредок. Минатиот месец водачот на германските христијански демократи Фридрих Мерц, наедно и лидер на германската опозиција и алтернативен премиер, предизвика страшен политички земјотрес во германската јавност. Коментирајќи ги двете победи на германските национални популисти, партијата Алтернатива за Германија, на локално ниво тој кажа дека треба да се „најдат патишта како заедно да се соработува во градот, покраината и областа“. Оваа негова изјава предизвика вистинска бура и наиде на осуда од сите други политички партии, вклучувајќи и од значајни политичари од неговите христијански демократи, па тој мораше да се дообјаснува дека ЦДУ ќе се придржува кон „санитарниот кордон“ против германските алтернативци. Меѓутоа, легитимни се прашањата како е можно да се одржи оваа политика на игнорирање на германските национални популисти кога тие самите веќе освоија еден обласен парламент и избраа градоначалник од нивните редови на непосредни избори. Исто така, за алтернативците на последните анкети се изјаснуваат над 20 отсто од Германците и тие може дури и да бидат водечка партија на претстојните европски избори. Како да се игнорира јасно изразената волја на демократски избори на дури една петтина од граѓаните?
Еден друг земјотрес во Германија предизвика една хипотетичка анкета. Германските посткомунисти од тамошната партија Левица се наоѓаат во страшна идентитетска криза. Тие одлучија да станат типична глобалистичка левичарска партија, па ја напуштија работничката класа, заборавија на своето традиционално гласачко тело од поранешна Источна Германија и се фатија за екологијата, правата на маргиналните заедници и другите медиумски гласни идеолошки теми. Нивни проблем, нормално, е тоа што овие прашања немаат широка граѓанска и демократска поддршка, па партијата тоне на сите анкети. Меѓутоа, една од нивните поранешни лидерки, популарната Сара Вагенкнехт, излезе и со нова книга, која е критична кон сите аспекти на германската политика, внатрешна и надворешна.

Нејзиниот висок медиумски профил и контроверзни политички ставови предизвикуваат шпекулации дека таа ќе излезе со своја изборна листа или со нова партија. Вагенкнехт засега тврди дека нема такви планови и уште не ја ни напуштила својата матична партија, но гласините за ново радикално левичарско германско политичко движење стануваат сè погласни. На првото хипотетичко испитување на јавното мислење излезе дека оваа уште неформирана политичка опција ќе победи на покраинските избори во покраината Тирингија, дел од некогашна ДДР, како и дека ќе биде трета или четврта политичка партија во цела Германија.
Еден значаен дел од германскиот идентитет е избегнувањето на секоја форма на ризик. Затоа Германците се дури и здодевно предвидливи во сите области на живеењето, вклучувајќи и во политиката. Оттука изненадува ова чудно однесување на нивни граѓани, а ќе видиме дали тоа ќе се прелее и на следните циклуси германски избори. Тие одамна констатираа во нивната политичка наука и во јавните дебати дека традиционалните германски партии се веќе склеротични и дека се лишени од нови идеи и изводливи решенија пред нивните граѓани. Но, досега немаше поголеми изненадувања на нивната политичка сцена, ниту пак се одржаа во живот многубројните изненадувања, кои траеја само една избори или еден политички мандат. Дилемата со која се соочува Германија е уште колку долго ќе трае санитарниот кордон кон алтернативците и дали таму има простор и за нови политички движења?
За разлика од Германија, Шпанците избраа друг политички пат. Нивниот партиски систем прво беше разбиен во левиот спектар, каде што изникна Подемос, а потоа и десницата си доби свои радикални во форма на партијата Вокс. Но, наместо со „санитарен кордон“, во Шпанија овие опции беа вовлечени во коалициски влади по идеолошки терк. Така се разби шпанскиот политички обичај само победничката партија да ја формира владата, со парламентарна поддршка во Кортесот, па сега и таму започнаа да функционираат коалициски влади на национално ниво. Се чини дека вклучувањето на овие партии во власта овозможи тие да се соочат со одговорност, па да ги приспособат и реториката и политиката кон политички можното.
Се разбира, ниту актуелна Германија, а ни Шпанија не се единствените земји што се соочуваа со овие дилеми. Во нордиските земји „санитарниот кордон“ уште се одржува во живот, па националните популисти никогаш не биле дел од власта иако веќе редовно се дел од парламентарното мнозинство. Исто така и во Франција националните популисти не биле носители на националната власт. Но, во медитеранските земји, како Италија и Грција, и партиите од радикалната левица и националните популисти биле дел од власта, како коалициски партии. На Балканот долго време држеше санитарниот кордон во Србија против некогашните радикали, но откако тие се пресвлекоа во Српската напредна странка веќе не може никој да ги симне од власт.

Кај нас во Македонија, исто така, едно време се заговараше политика на „санитарен кордон“. Пред првите собраниски избори од 1990 година имаше дури и гласови за забрана на ВМРО-ДПМНЕ и на ПДП. За среќа, младата македонска демократија не влезе во налудничави политики со непромислени забрани, а ни „санитарниот кордон“ не даде резултати. Овој кордон прво попушти за да го опфати ПДП, а потоа ВМРО-ДПМНЕ стана стожерна и неизбежна партија на десницата. Засега ВМРО-ДПМНЕ успева да ја претстави целата политичка десница и да ги претстави сите нејзини внатрешни нијанси, од граѓанските до национално-популистичките, но кај левиот дел од спектарот веќе се случува фрагментација со подемот на Левица и со најавите за нови политички движења. Секако дека и тука одговорот на традиционалните партии треба да дојде преку нивно вклучување во власта, наместо со непотребни „санитарни кордони“, кои никаде не водат и никому не му вршат работа.
Разбивањето на партискиот систем и политичката нестабилност не се решаваат со „санитарни кордони“. Новите движења едноставно укажуваат дека традиционалните политички партии веќе не успеваат да ги претстават сите нијанси на политичкиот спектар, дека тие се затвориле во себе, немаат идеолошка и лидерска обнова, а и не нудат политики што граѓаните ги препознаваат и ги гласаат. „Санитарниот кордон“, демонизацијата и исклучувањето се неодржливи на долг рок и може лесно да им се скршат од глава на традиционалните политички партии. Логично е новите политички движења да не добијат веднаш можност за влез во власта. Тие треба да се докажат пред граѓаните дека се сериозна опција, дека нема да ги изневерат нивните гласови и дека се навистина подготвени да преземат одговорност. „Санитарниот кордон“ може да биде успешен само доколку граѓаните го одржат во сила со својот глас, но паѓа како кула од карти кога избирачите ќе заклучат дека традиционалните политички партии веќе не ги претставуваат нивните гледишта. На следните парламентарни избори македонските граѓани ќе се изјаснат за погубната надворешна и внатрешна политика на владите на Зоран Заев. Меѓутоа, потоа ќе следува ново компонирање на македонската политичка сцена, каде што избирачите ќе го продолжат животот на партиите и на лидерите што го читаат духот на времето и се приспособуваат кон новата реалност, а на буништето на историја ќе ги однесат сите преостанати. Впрочем, на македонската политичка сцена одамна ѝ е потребно едно генерално чистење!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Француски документарен филм за конфискуваната колонијална уметност е победник на Берлиналето

Добитник на Златната мечка за најдобар филм на овогодинешното...

Дивата од модните писти слави 58 роденден: Се трудам да бидам добра

– Благодарна за уште еден сет роденденски свеќички –...

Големо невреме зафати делови од БиХ – училишта и болници останаа без покриви

Силно невреме придружено со силен ветер во текот на...

Димитриевски: ЗНАМ нема да поддржи избор на претседател во Собранието

Вакви барања секогаш доаѓаат во предизборен период, и наводно...