Голден Арт продолжува победнички во Супер лигата, откако на тешкото гостување кај Вардар Неготино дојде до значаен триумф од 26:24.
Тимот предводен од Владимир Глигоров во првото коло го надигра и дебитантот Мулти Есен и со новите три бода си ги зголеми шансите за добар пласман во својата група.
Почетокот на дуелот во Неготино донесе два црвени картони кај двата табора. По предноста на домаќините од 4:2, на теренот дојде до мала расправија меѓу српскиот интернационалец Кериќ и кружниот напаѓач на Голден Арт, Давид Даев, по што судиската двојка Вукашиновски и Трајковски одлучи на двата споменати ракометари да им додели црвен картон.
Гостите при негатива од 5:4 во два наврати не реализираа за изедначување, па домаќинот со голот на Орешков повторно дојде до плус два, 6:4. До половината на првиот дел на теренот имаше постигнато малку погодоци, вкупно 11. Вардар Неготино на крилата на голманот Ацев, кој до 15-та минута имаше пет интервенции, во 18-та минута успеа повторно да дојде на максималната разлика од воведниот дел и да зголеми на 7:5.
Ракометарите на Котевски во 22-та минута со голот на Орешков зголемија на највисоките дотогаш три гола позитива и предност од 10:7. Скопскиот тим пред финишот од првото полувреме на двапати изедначи (11:11 и 12:12), но домаќините со головите на Орешков и Адамовиќ заминаа на полувреме со активен резултат од 14:12.
Вардар Неготино во вториот дел, односно до 40-та минута ја одржуваше предноста од првите 30 минути. Голден Арт предводен од Шилегов се врати во игра израмнувајќи на 20:20. По неколку промашени напади на двете страни, гостинскиот тим во 47-та минута дојде до првото водство на дуелот, поведе со 21:20.
Избраниците на Глигиров до крајот беа во поволна позиција, бидејќи во финишот влегоа во брзина и голем акцент ставија на Орешков, Митевски и Адамовиќ, сите тројца дадоа вкупно 11 погодоци во првиот дел. На осум минути пред крајот, тимот на Голден Арт зголеми на 23:21, дојде и до 25:22 во 56-та минута, но ракометарите на Котевски во последната минута намалија на 25:24. Домаќините на петнаесетина секунди имаа шанса за реми, но направија грешка, па така сите долеми околу победникот веќе беа решени.