Големиот нарцизам на малите луѓе

Еден од најраскажуваните митови во историјата е митот за Нарцис и неговата деструктивна убавина. Уште познатиот римски поет Овидиј кој живеел околу почетокот на новата ера, во една од своите книги насловена како „Нарцис и Ехо“ раскажува за убавиот ловец во кој се вљубила планинската нимфа Ехо и оддалеку, незабележливо го следела. Во еден момент Ехо конечно смогнала храброст и му дала љубовен сигнал, но овој штом ја забележал, веднаш ја отфрлил. Со скршено срце, Ехо се повлекла испуштајќи спорадични ехоа на тивок лелек од скршено срце кои се слушале од далечината. Штом разбрала за љубовниот инцидент божицата на одмаздата Немезида која била и заштитничка на Ехо, гневна, го намамила Нарцис до езерце со мирна вода во која овој си го видел својот одраз во бистрата вода беспомошно заљубувајќи се во истиот и неможејќи да престане да гледа и да се оттргне, се претворил во нарцис цвет.

Модерното поимање на митот се однесува на луѓе кои патолошки се преокупирани со себе, се сметаат за супериорни над останатите во интелектуална, морална, политичка и социјална смисла. Нарцисоидните чувствуваат голема важност, бараат внимание и бараат да бидат обожувани, сметаат дека повеќе заслужуваат, дека повеќе вредат од другите, а често кај нив се забележува и отсуство на емпатија. Секој од нас има одредена здрава потреба за препознавање, пофалба и почит од другите, потреба за самореализација и успех, но за разлика од здравата популација, нарцисоидните типови имаат потреба да ги остварат овие потреби по секоја цена, честопати на туѓа штета. Некои општи бихејвиорални показатели на нарцизмот се преувеличувањето на сопствените постигнувања, ароганцијата и надменоста, како и високата пребирливост на луѓето со кои нарцисот општи. Не се дружат они со секого бидејќи нив можат да ги разберат само „специјални други“ кои имаат капацитет да ја восприемат и сфатат нивната „грандиозност“. Обично тежнеат да се опкружуваат со луѓе од висок статус (според нивната перцепција) и избегнуваат да се дружат со луѓе „пониски“ од нив. Во нивните односи со другите можат да делуваат шармантно, често и харизматично, знаат да остават одличен прв впечаток, но обично не формираат долготрајни пријателства и врски. Поголеми епидемиолошки студии на застапеноста на нарцисоидното нарушување на личноста, барем во САД, покажуваат дека 6.2% од генералната популација спаѓа во оваа категорија според Дијагностичкиот и статистички прирачник за ментални нарушувања и нарцизмот е позастапен кај мажите за отприлика 1.5 пати повеќе во однос на жените.

Патолошките нарциси посебно се опасни и деструктивни за општествата доколку се дочепат на високи позиции на власт, преку макијавелистичко избоксување кон врвот или пак доколку се најдат во власта по некоја случајност. За нарцисоидниот лидер нема други мислења, нема критика на неговите одлуки, тој знае најдобро, тој одлучува најпаметно и не го интерисира мислењето на обичната раја. Посебно ако стане главатар без избори, таквиот уште повеќе си ја утврдува сопствената лажна грандиозност и уште повеќе самоуверено мисли дека природно му следува царство – за да биде цар. А гол е. Не само што не го интересира мислењето на обичните „овци“, туку смета дека треба уште и да му бидат благодарни што можат да уживаат во благодетите од неговите совршени политики, неговата дарежливост и неговото полубоженство. Заборавајќи на целиот концепт на демократијата, во која основен принцип е довербата и одобрувањето на мнозинството кое дава согласност на избори, нарцисоидната месија смета дека само таа има право да одлучува, да командува, да си игра со небитните животи на стотици илјади граѓани. Месијата мора да носи „тешки одлуки“, во името на сите, за наше „добро“, бидејќи само тој знае што е добро не само за оваа генерација, туку и за идните коишто доаѓаат. Нарцисоидниот лидер мисли дека Уставот на земјата е обична тетратка која може да ја чкрта и ѕврцка колку сака и како сака, може да брише и допишува, да кине листови и да си прави авиончиња. Арогантно смета дека може да потпишува договори во име на граѓаните без да ги праша, да им наметнува понижувачки називи на државата, да им менува историја, јазик и идентитет, да им кажува каков леб да јадат и колку треба да му бидат благодарни што воопшто го има (секој втор ден). Ако нешто тргне на погрешно, само во тој случај тоа не е негова вина и одговорност, бидејќи грешката е секогаш кај другите и таа мора да се случила само затоа што не го послушале неговото ценето мислење. Грандиозноста на лидерот никако не смее да биде доведена во прашање – дури и на најмала критика, месијата реагира со ароганција и гнев, веднаш бара извинување и испраќање на престапникот во гулаг. На прашањета на јавноста одговара исклучиво со цинизам додека прима плата од истата таа јавност – веројатно за него тоа е природна состојба на нештата. Ќе јаде, ќе пие колку што сака – и никој не смее да зуцне. Во светот на нарцисоидниот лидер секоја идеја која е спротивна на неговите е аморална и зла и веднаш смета дека има право да возврати на аморален и осветољубив начин. Своето лошо владеење и слугување на туѓи интереси додека си го камшикува сопствениот народ, ментално си го самоправда нарекувајќи ги „реалполитик“ и „прагма“, без притоа воопшто да помисли за штетата која прави, без трошка грижа на совеста. За него, целта ги оправдува средствата. А реалноста е следна: самоназначените божества, самозаљубените нарциси, неминовно носат нерационални одлуки и прават огромна штета на сегашните и на идните генерации. Треба да ги оставиме да овенат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...