Гордана, името и Уставот – Нова Македонија

Македонија нема море ама силно се разбранува. Брановите што при читањето на свечената изјава за највисоката функција во државата ги предизвика гордата Гордана, новата претседателка на горда Македонија, ја возбудија политичката сцена експресно и матно. Прескокнувајќи го зборот Северна од официјалното име Република Северна Македонија, го пушти првиот пробен балон за да опипа какви би биле реакциите околу името Македонија, каменот на сопнување во односите со соседите и со Европската Унија. И реакциите внатре во самата држава за да види појасно со кого ќе си има работа додека ја носи капитенската лента на македонскиот национален тим.

Дебатата што се разви дали испуштањето на зборот Северна е направено случајно или намерно, свесно или несвесно, е толку беспредметна колку што се беспредметни и реакциите. Па, во целата изборна кампања Силјановска ниту еднаш не го употреби тој географски додаток што стана дел од официјалното, променето име. Ако се превртат весниците или телевизиските емисии од 2019 година, кога таа се бореше при првата кандидатура наспроти истиот Пендаровски, ќе се види дека тоа и не е нешто ново. И тогаш Силјановска го имаше истиот гард спрема Северна, изјавувајќи дека ќе размисли дали таа именка ќе ја вброи во својот вокабулар доколку седне во претседателската фотелја.

Не треба човек да е некој стручњак за Уставот и уставните прашања, за да се меша во спротивставените мислења дали нејзината постапка значи прекршување на Уставот, суштински или формално. Во држава во која од владејачките структури постојано се повторува дека Уставот не е Библија, дискусијата околу постапката на Силјановска личи на човек што се загубил во шумата и не знае што бара. Сетете се само на изјавите на челниците на СДС и на ДУИ (и на други) околу барањето за промена на Уставот за впишување на Бугарите во него. Цели бајки се кажуваа дека е тоа само техника, техничка операција, дека Македонија не треба да се плаши од таа промена.

Прашањето е зошто многумина, и надвор и дома, толку многу се уплашија од една, смислена, но никако злонамерна, техничко-лингвистичка експериментална формулација. Како потпалени со оган скокнаа разните политичари и аналитичари, како некој да им пикна раска во окото на американските и грчките лобисти или како да им брцна во нивните џебови.

Во врска со почитување на Уставот ќе ви кажам искрено за неуспехот на една моја добронамерна постапка, која има некаква аналогија со употребата на уставните одредби. Шест-седум години пишувам и се обидувам да докажам дека македонскиот устав најмногу го прекршуваат политичарите и пратениците во Собранието. Имено, речиси сите тие ги употребуваат термините парламент, македонски парламент, македонски парламентарци и слично.

Во Уставот никаде нема да се сретне зборот – ПАРЛАМЕНТ, затоа што Македонија не е парламентарна држава. Истиот збор го нема ниту во Деловникот на Собранието, ниту во Законот за влада. Македонскиот уставен термин не е парламент туку е Собрание. Од сето ова произлегува логичен заклучок: сите официјални лица, особено пратениците и членовите на Владата, го прекршуваат Уставот доколку не го употребуваат терминот Собрание.

Тоа е едната страна. Другата е дека неофицијално, говорно, на улица, во кафеана, во неформални дискусии, може да зборуваат за парламент, за парламентарни состави и слично. Никој не го оспорува тоа право.

Не треба да се оди далеку за да се направат споредби. Никогаш и од никого во хрватскиот Сабор нема да чуете друго именување освен официјалното, во Србија сите зборуваат за Скупштина, во Бугарија за Собрание. Би било национална срамота Германците својот Бундестаг да го ословуваат со парламент. Слично е и со употребата на зборот премиер, збор што го нема во ниту еден државен акт.

Слично е и со примерот со спогодбата со Грција за името. Краткото име е „Конечна спогодба за решавање на разликите….“. Значи тоа е спогодба, не е договор како што најчесто се именува. Во уставните амандмани насекаде стои формулацијата „Конечната спогодба за…“ И сега, ако бараме влакно во јајцето, следува прашањето дали го прекршуваат Уставот сите оние што се повикуваат на договор, а не ја употребуваат уставната формулација.

Како поткрепа треба да се додаде дека во медијацијата не постојат договори, не се одвива така тој процес. Секоја медијација завршува со спогодба меѓу страните, како што се случи меѓу Македонија и Грција со посредништво на медијаторот Метју Нимиц и како што гласи официјалниот документ усвоен и во македонското собрание, запишан во уставните амандмани.

Дилемата е дали ќе бидеме легалисти или формалисти!

Различните реакции по повод прескокнувањето на одредницата Северна отвораат низа други прашања поврзани со иднината на државата.

Историските аргументи за Македонија што самите си ги доведуваме во прашање, меѓупартиските несогласувања, пасивноста на Социјалдемократскиот сојуз, офанзивната национална политика на Албанците во последните години не одат во прилог на јакнење на идентитетот на Македонците и на нивната домицилна држава. Може да се случи Македонија во новите околности да биде единствената држава во нова Европа што го имала и го изгубила својот идентитет.

Поранешните републики по распадот на Титова Југославија својот идентитет го повратија или го дефинираа, вклучувајќи ги и Црногорците и Бошњаците во Босна, како нови национални ентитети. Само за и во Македонија тој е под сомнеж и ставен на тежок европски испит. Само Македонија е исклучок, светски пример за апсурдноста на светската политика.

Свечената изјава на претседателката Силјановска не е причина да се создава домашна и меѓународна паника, да се зборува за загрозување на позицијата на државата на меѓународната сцена, за последици кон членството во ЕУ и да се даваат апокалиптични предвидувања. Има други многу посериозни прашања и проблеми што ја чекаат новоустоличената владетелка и врховна командантка.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Чурлиновска собра 12 одбрани и стана МВП против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Македонија со две промени против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ќе го...

Македонија доживеа дебакл, но шансите за главната рунда останаа

Женската младинска репрезентација на Македонија во второто коло...

🎥ВИКЕНДОВ НА 24РАКОМЕТ…Играше само 180 минути за Кометал ЃП, а стана легенда во Македонија

Постарите генерации добро се сеќаваат на романската репрезентативка...