Групниот портрет без Путин – и само за Путин!

Васко Шутаров

Во срцето на Европа, во најголемиот замок на светот „Прашки град“, се одржа еднодневна мамутска конференција на која присуствуваа 44 претседатели и премиери на држави. Златна Прага и некогашното седиште на светите римски цареви во еден ист ден повторно станаа центар на светот како во најславните денови на големото Римско царство, собирајќи го во моментов највисококаратниот политички крем од Европа. Може ли по овој грандиозен политички собир, некој да ѝ замери на добрата стара европска дипломатија дека станала безидејна и изгубена во просторот и времето, во светло на разгорената руско-украинска војна?! И секако, во светло на 70. роденден на Владимир Путин, кон кого и најмногу беше наменета импозантната групна фотка под сфумато светлата од Прашкиот замок, од форматот наречен Европска политичка заедница?!

Денес, неколку дена подоцна, остануваат да висат во воздух повеќе прашања отколку одговори. Одговорите обично го имаат печатот од Елисејските полиња, бидејќи Емануел Макрон се смета за идеен татко на политичката платформа наречена Европска политичка заедница. Франција и во 1989 година, за време на претседателот Франсоа Митеран, се обиде да протурка идеја за своевидна Европска конфедерација, но тогашниот германски интерес беше повеќе насочен кон сопственото германско, отколку сеопштото европско обединување. Идејата за Европска политичка заедница, за волја на вистината, својот духовен татко го има во некогашниот италијански премиер, федералистот де Гаспери, кој во разгорот на Студената војна и директната опасност од европскиот Исток понудил таков европски политички формат, но и Европска одбранбена заедница, кои како идеја биле отфрлени во 1954 година, токму од Французите и нивниот парламент.

Денес неколку дена после Прага, француската дипломатија и лично претседателот Макрон можат да ликуваат – возобновената идеја за заедничка европска политичка платформа луцидно се „поклопи“ со јубилејниот роденден на Путин, а честитката кон него беше адресирана од целиот актуелен европски политички крем, од срцето на Европа, каде, во не така далечната 1968 година и за неколку часа тенкови од комунистичкиот Исток, доаѓаа да ја прегазат некогашната разбудена Прашка пролет.

Денес, кога политичката роденденска честитка од Прага веќе ја покрија други вести, други роденденски честитки, помалку од политичка, а повеќе од субверзивно-воена природа, каква што беше експлозијата на велелепниот и непотоплив Кримски мост, вистински останаа да лебдат во воздух повеќе прашина и прашања, отколку одговори за проектот наречен Европска политичка заедница. А зарем еден толку голем дипломатски и безбедносен потфат каков што беше Прашкиот самит, требаше да биде вест само додека горат светлата од зданието на Прашкиот замок, или додека слегне прашината од експлозијата на Кримскиот мост?! Зарем најголемото европско политичко собирање последниве години, требаше да се сведе само на кратки резимеа: дојдоа, се состанаа, ја осудија Русија, констатираа дека имаат многу заеднички проблеми за решавање, па на 4 различни тркалезни маси (внимателно распоредени да не се слушаат оние кои не можат ни да се гледаат, а камоли и да се слушаат!), се договорија дека повторно ќе се видат за 6 месеци во Кишињев во Молдавија, па потоа за 6 месеци во Шпанија, па за уште 6 месеци во Велика Британија- и си се вратија секој по дома?!

Кога веќе се спуштија кулисите од сцената за најважното групно политичко фотографирање, легитимно се наметнуваат неколку важни прашања, за кои и официјален Брисел, и уште повеќе официјален Париз, се подготвени да креираат одреден наратив, кој и однапред можеше да биде претпоставен! Едно од тие прашања, гледајќи во импозантната групна фотографија од Прашката тврдина просто само се наметнува: во галеријата од важни политички ликови, само 4 (четири!) од нив се жени, а во мноштвото машки ликови се наоѓаат и такви кои не се препознатливи по некоја своја демократска легитимација, туку напротив! Второто прашање е дали зад кулисите по групниот политички портрет може да се препознае одредена супстанца која останува и по заедничкото сликање, да ги охрабрува народите и државите во Европа дека може да се надеваат на поспокојно и побезбедно утре, повторно во светло на ползечката руско-украинска војна која катаден сѐ повеќе и повеќе ескалира?! Третото прашање, кое исто така се наметнува само од себе е, дали овој импозантен политички самит го убеди светот дека Владимир Путин и Русија остануваат сами и изолирани во Европа, а истoвремено дали ја убеди Америка, дека Европа е способна сама да ја креира и да ја уредува иднината на континентот?! Четвртото прашање за кое веројатно и најдолго ќе се разговара и дополнително ќе се убедува е, дали Европската политичка заедница е само уште еден формат во низата од: Отворен Балкан, Берлински процес, Три мориња, кој наликува на алтернатива или сурогат на заглавените процеси за пристапување во ЕУ, кои и во овие така драматични времиња добиваат контури на далечна и непредвидлива иднина?! И петтото, можеби и најважно прашање е, дали Европската политичка заедница има потенцијал да стане стратешка заедница од заеднички вредности, или ќе остане на нивото на стратешка заедница без никакви заеднички вредности, или „просто брборница која не носи одлуки, не нуди решенија и алтернативи“, за што пишуваше во своја колумна во „Тајмс“ и британската премиерка во пресрет на Самитот?!

Наративот на високите претставници на ЕУ кои стојат зад иницијативата и реализацијата на идејата за Европска политичка заедница, ќе биде и понатаму исполнет со тврдења дека овој политички формат нема задача да го замени ни во еден преоден период проширувањето на ЕУ, ниту да се натпреварува со веќе постоечките организации, структури и процеси. Во добро оркестрираниот наратив на политичкиот естаблишмент на Европската Унија, преовладуваат тврдењата дека Европската политичка заедница ќе биде еден вид платформа, најголема во Европа, за политичка координација на сите држави од континентот, со исклучок на Русија и Белорусија! Европската политичка заедница, седум месеци по избувнувањето на руско-украинската војна, треба да послужи како платформа преку која ќе се развива дијалог и соработка во соочувањата со предизвиците од заеднички интерес, a во поглед на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Стариот континент. Оваа платформа околу која се собрани 27 земји членки од ЕУ и 17 држави од поблиското опкружување, би требало да овозможи нов простор за нов одговор во контекст на реалната опасност од голема војна, за политичка и безбедносна соработка, соработка во енергетскиот сектор, во транспортот, во инвестициите и во слободата на движење на луѓето.

Луцидното редизајнирање на односите на ЕУ со држави како: Норвешка, Исланд и Швајцарија, преку Велика Британија, до Украина, Молдавија и Грузија, па преку Турција, Азербејџан и Ерменија, Србија и Косово, како и сите останати држави од Западен Балкан, претпоставува и официјална инаугурација на една нова нормалност во која актуелната европска политичка елита се обидува, во последен час, од себе да го симне проклетството од дипломатското неснаоѓање на европските политички елити во пресрет на Првата и Втората светска војна од минатиот век. Таквото проклетство за „свечено неснаоѓање“ и изгубеност на европската дипломатија пред реалната опасност од нова светска војна, ја  следи сѐ до овој момент и актуелната европска политичка елита, а дали овој обид за ново форматирање и редизајнирање на политичките односи на европскиот континент ќе донесе некакви суштински промени во актуелниот геополитички контекст, ќе се знае за многу бргу, можеби и порано од следниот Самит во Кишињев, за шест месеци?!

А дотогаш, барем за одреден момент, државите од Стариот континент и неговото опкружување, кои предолго се оставени да чекаат пред добро замандалените порти на европските дворци и замоци, ќе имаат чувство дека припаѓаат на едно исто семејство, дека конечно некој и за нив се грижи и дека е важно и нивното мислење, изразено од далеку поудобни фотелји, отколку во столчињата од чекалниците за ЕУ. Споделеното заедничко чувство дека за прв пат на заедничка маса седнуваат политички лидери кои никогаш во други прилики и околности нема да сакаат да се сретнат, ги подгрева надежите дека заедничката европска бебедносна архитектура е можна и во овој формат, во кој не мора после бескрајни политички ценкања да се официјализираат заеднички одлуки или заеднички декларации и од овој аспект првата Европска политичка заедница и може да се смета за одреден дипломатски успех! Но, ако на само неколку дена по затворањето на мамутскиот политички самит, на кој домаќинот на истиот, чешкиот премиер, ги прогласи заедничките разговори за миграцијата, безбедноста и енергетиката за плодни и успешни, а веќе денес самостојно одлучува да ја употреби и вклучи сопствената армија во чувањето на границите со Словачка од мигранти, ја покажува целата кревкост на истата таа безбедносна архитектура, која е можеби и вистински посакувана од поголем дел од учесниците на Самитот во Прага, но во моментов е повеќе далечна апстракција отколку реалност.

Како осамен глас во пустина, истиот оној ден во кој Путин го заокружи својот јубилеен 70 роденден, а европскиот политички крем позираше за групен портрет без него, прозвучи гласот на доскоро најмоќната европска политичарка, Ангела Меркел. И самата сведок на Студената војна, поранешната германска канцеларка од 2005-2021 година, ќе каже: „Студената војна ќе трае сѐ додека со помош на Русија не се обезбеди траен мир. На сите нам, најискрено ни се советува да ги разбереме пораките кои доаѓаат од Русија и Владимир Путин како крајно сериозни, наместо да ги карактеризираме од самиот почеток како блеф!“

Но, денес некои други гласови го диктираат главниот европски наратив, па од Прага се емитираа пораки на задоволство дека „Путин како никогаш до овој момент не бил така изолиран“, а овој Самит би можел „да биде почетна точка од која сите обединети европски сили би се насочиле кон завршување на војната“, како што во своето видеообраќање посака Владимир Зеленски! И за жал, секогаш во пресудни историски моменти за Европа, неа ја водат политички фигури кои или малку ја познаваат, или ја познаваат, но не и доволно ја разбираат или ја почитуваат европската историја, а истовремено во потполност се понесени од можноста да влезат во историјата, по секоја цена! Зарем не еднаш, барем во последните два века, кога некој успевал да ја убеди Европа заеднички да навлече чизми, ја навлекувал и на походи кон нејзиниот Исток, кон Русија! И не еднаш, таквите европски пазари без Русија, завршувале повторно со седнување на Русија на преговарачка маса, не само како неизоставен дел од креирањето на европскиот геополитички простор, туку како еден од главните протагонисти на глобалниот меѓународен поредок.

А до следниот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, остануваат уште долги цели шест месеци-и тоа студени и зимски! Политичките лидери од групниот портрет во Прага, сепак многу подобро од нас знаат, што сѐ може да нѐ очекува во најтешката зима од Втората светска војна наваму, како што од милост сакаат да ја нарекуваат претстојната зима. Дали импозантните групни портрети без Путин, ќе бидат еден скорешен ден во историските читанки обележани само како празно галско шепурење на последната европска политичка елита, или како вистински исчекор кон нешто ново што има потенцијал за разрешување и надминување на опасноста од сеопшта војна, ќе дознаеме и порано од следниот Самит на Европската политичка заедница, бидејќи живееме денови, недели и месеци низ кои актуелната политика забрзано акцелерира, што стара, што сосем нова историја!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ