И јас сум за ЕУ!

Македонија и ЕУ – е тема која непрестано се вергла 20 години. Убава приказна е тоа, ама како се развиваше така многу заплети доби, многу тешки сцени за нас Македонците има. А и крајот на сторијата не и се гледа, иако ни беше ветено дека нема да биде предолга и ќе е со среќен крај.

Засега се среќни само одредени наши политичари и оние од ЕУ. Дури Европската Унија и Западен Балкан прославија 20 години од, како што го нарекоа „историскиот солунски Самит“ кога најавија дека ќе се отворат портите за интеграција на регионот. Зад широките насмевки, срдечните гушкања и оптимистичките најави, атинската прослава уште еднаш ја потврди константната политика на Унијата кон Македонија и соседните држави: многу ветувања и нереални датуми, неразумни барања, условувања и вета, убави, но празни зборови, малку конкретни потези, а полноправното членство е се подалечно и подалечно.

Оттука, пресмешна е вчерашната изјава на „среќниот“ Бојан Маричиќ дека регионот забрзано се интегрира во ЕУ, кога резултатот од таа „забрзана интеграција“ во последните 20 години е повеќе од беден: Хрватска е единствена земја од Западен Балкан која доби членство, а останатите не ја допреа ниту кваката портата на Брисел.

Додуша, на некои држави им дозволија да ѕирнат преку клучалката, на некои им ја покажаа вратата, а на Македонија не и дозволуваат ниту во дворот да стапне. Но и покрај тоа Маричиќ и премиерот Ковачевски, денес ќе се вратат во Скопје, полни со себе дека се на вистинскиот пат и опиени од тапкањето по рамо на европските дипломати, па повторно ќе блеат за единство, заедништво и обединување, но и тоа дека „кој е против промената на Уставот е против ЕУ“.

Види мајката!

А „атинскиот славенички двоец“ всушност ја заборава клучната работа оти 80 отсто од Македонците се противат на промена на Уставот под вакви услови. Зарем власта навистина мисли дека сите тие се против ЕУ? Не мислат ли во Владата дека тие на ЕУ и дадоа погрешни ветувања и дека народот само не прифаќа слабеење на својот идентитет?

Ако го слушаа гласот на народот, ако ги разбереа повиците на интелектуалците, ако соработуваа со опозицијата – немаше да ја прифатат бугарската уцена за преговарачката рамка. Многу едноставно, можеа да се повлечат чекор-два поназад и да издејстуваат подобар договор, на рамноправна основа. А што е најважно ќе го обединеа народот во Македонија.

А сега, соочени со својата грешка, барајќи заедништво, прават поголема поделба на Македонците. И сега, заради нивната неспособност, коленичењето и грешките, според нивната логика за да се оправдаат пред Брисел и пред себе, тргнаа со пропагандата – секој што е против бугарските уцени, автоматски е против ЕУ.

Мало морген! Не прифаќаме вакви етикети, затоа што тие се неспособни.

Еве и јас сум за тоа да не се избрзува со уставните измени, ама гласно извикувам: И ЈАС СУМ ЗА ЕУ! Да, и јас сум за ЕУ!

И јас сум за европските вредности, за сериозна борба против корупцијата, и јас сум за поквалитетно здравство, подобрено образование, ефикасна администрација, дигитализација… А кој сето тоа не го прави – ете тој е против ЕУ!

Значи и јас можам да кажам дека власта е против ЕУ оти ништо не прави за да не приближи до Бриселските стандарди. Но, најдобро е да се избегнува етикетирањето кој е за ЕУ, а кој не е. Тоа ќе прави поделби непотребни, кои само ќе го успорат патувањето кон Брисел.

Едиствениот начин за да се откочи европскиот пат на Македонија се брзи избори. Нека се преслушаат партиите со народот, па потоа да се бара решение и да се гради заедништво врз концепт што ќе предвидува: да се биде во Европската Унија, без притоа да се изгуби Македонија!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...