И Пендаровски мисли како опозицијата, ама и не мисли

И Пендаровски мисли како опозицијата, ама и не мисли

Наметнатите уставни измени долго се главна тема на власта. Опозицијата при вклучување во темата предложи измените да се направат, ама да почнат да важат кога Македонија ќе влезе во ЕУ. 

Овој предлог на опозицијата му се бендисува и на шефот на државата Стево Пендаровски кој вчера и откри на јавноста дека и тој посакува уставните промени да имаат одложено дејство. Но, потоа и додаде дека тоа сега е практично надвор од реалноста. 

Сепак, дали е навистина таквата опција неостварлива во овој момент? Околу неа деновиве имаше многу полемики. На една страна се тврдењата дека е можна одложената примена на уставните амандмани и дека таков бил примерот токму со некои од промените во Уставот направени врз основа на Преспанскиот договор. Од друга страна некои уверуваат дека заклучоците на Советот на ЕУ биле јасни…

Што ќе превагне кај македонските политичари ќе се види деновиве. Ќе се види и дали Пендаровски ќе направи нешто оваа идеа (која нели му се допаѓа и е за доброто на Македонија) да се реализира или тој си е помирен со тоа дека треба да се постапува само по диктатите од надвор.

Интересно е Пендаровски и да објасни, а што тој направил околу ова пред да се подготви и прифати „францускиот предлог“? Се обидувал ли тогаш таков да биде заклучокот во Брисел или не му текнало дека може да се бара одложено дејствие на уставните измени?

Опозиционерот Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски рече дека е „подготвен да разговара со неколку премиери на следниот состанок на Европскиот совет за да се изгласа гаранци или потврда на неговите предлози“, доколку се прифатат како опција. Што, тогаш, врзано со ова, би можел да направи шефот на државата кој јавно кажа дека посакува амандманите да имаат одложено дејство? Планирал ли воопшто ваквата можност и предлог да ги претстави пред лидерите на земјите – членки на ЕУ? Па да им објасни зошто ваквиот предлог е добар и дека треба да се прифати, а со што би имала само мала корекција во преговарачката рамка. Ако претседателот на сите граѓани сметал дека таквата опција е во интересите на нашата земја, тогаш на тоа треба и да се поработи, да се лобира, да се направат обиди да се убедат земјите – членки на ЕУ зошто е тоа добро. Односно, зошто тоа е начин да не се случи нова блокада во македонската евроинтеграција со оглед на фактот дека во парламентот нема двотретинско пратеничко мнозинство за изгласување на уставните промени.

Вака, излегува дека шефот на државата однапред се помирил дека заклучоците на Советот на ЕУ се непроменливи и дека секој обид да се сменат во наш интерес е однапред осуден на неуспех. А не мора да биде така, особено ако има единство меѓу власта и опозицијата и особено ако нема малодушност кај нив кога стојат пред странски функционери.     

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ