Израелската офанзива станува повеќе интензивна: Повици за прекин на огнот

Израелската офанзива станува повеќе интензивна: Повици за прекин на огнот

„Гледаме интензивирање на воената операција. Ние сакаме хуманитарен прекин на огнот зашто е потребно цивилите да се чувствуваат безбедно, да ја добијат хуманитарната помош што им е неопходна и заложниците да бидат ослободени“, изјави Стефан Дукариќ, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Од Тел Авив соопштија дека ја презеле контролата на целата должина на границата на Газа со Египет. Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор – „Филаделфија“.

„Во текот на изминатите денови, силите на Израелската одбрана постигнаа тактичка контрола над коридорот на границата меѓу Египет и Рафах. Нашите сили лоцираа во должина на Коридорот десетици натоварени фрлачи подготвени да истрелаат ракети“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од Белата куќа велат дека се работи на нов предлог кој би можел да донесе прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Претходно, Соединетите Држави и сојузниците на Израел предупредија дека целосна офанзива во Рафах ќе предизвика хуманитарна катастрофа.

„Постои нов предлог на којшто се работи. И можам да ви кажам дека Израелците целосно го поддржуваат овој нов предлог, и како и досега беа подготвени да се справат со добра волја. Нема да навлегувам во детали“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на Белата куќа.

Расте бројот на земји што решија да ја признаат палестинската држава. По Шпанија, Ирска и Норвешка, Палестина ќе ја признае и Словенија. И кинескиот претседател Си Џинпинг ги повтори повиците за формирање независна палестинска држава и вети поголема хуманитарна помош за луѓето во Газа.

„Војната не треба да продолжи бесконечно. Правдата не треба да отсуствува вечно. Посветеноста на решението за две држави не треба да се поколеба. Кина цврсто го поддржува формирањето на независна држава. Го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите Нации и поддржува поширока, авторитетна и ефективна меѓународна мировна конференција“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.

Поради воената акција во Газа, јеменските Хути нападнаа шест бродови во три мориња, во Црвено, Арапско и во Средоземно Море. Милитантната група тврди дека нивните напади се акти на солидарност со Палестинците.

Извор: МРТ

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ