Јас, суетата и креативната слобода

Околу мене поезија. Бучавата разбива совршен мирис. Можно ли е тоа? Бучавата на светот го вознемири совршениот мирис на битисувањето. Каква слика исцрта поетот, ќе рече вљубеникот во стихови. А всушност, низ отворениот прозорец кон булеварот, доаѓа бучава на возила и еротичен мирис на липите. Во такви метафорички моменти, ми се пишуваат стихови, а не колумни. И како човек при вакви поетско-скокотливи трепети на душата да грабне да се занимава со нордистански бесмислици? Веднаш ме напаѓаат невоспитани идеи како да фатам кривина од пишување колумна, односно колумна да има, ама јас да не се занимавам со неа.
Тоа е сосема лесно, се појавува суетата совршена како Шарлиз Терон за да ми биде убаво крај неа, па додава, само избери некоја постара колумна, од лани или преклани, измени вовед, размести редослед на пасуси и дај им ја на читателите како сега напишана, никој нема да забележи дека е истата, дури можеш да западнеш во чудни размисли на темата, како истата колумна лани ја обожаваа, а сега сакаат да те распнат поради неа, па да извадиш заклучок што тебе ќе ти биде смешно циничен, а ним нема да им се допадне, од типот, не дај Боже да им го дадеш Достоевски на читање, веќе по неколку страни ќе се чудат кој е татко, а кој син, кога во иста реченица се појавуваат Степан Трифомович и Петар Степанович, и двајцата Верковенски, можеби Маркес сето тоа добро го сфатил, па сите ликови во една книга ги нарекол Аурелијано Буендија.
Не сакам кога суетата во ист кош ги става сите читатели, оти знам дека повеќето од нив се крајно внимателни, а го пишувам ова бидејќи по минатонеделната колумна со буквално пресликани ставови и тези изнесени една година порано, многумина тргнаа да фрлаат дрва и камења по мене што секако ме збуни, (суетата се појави како Фуриоса), не поради жестината на навредите, тоа не ме допира, (поминав вербални крвопролевања со интелектуалната бижутерија од шарената револуција, повеќето од нив сега ребрендирани во патриоти), не ако погрешно ме разбираат, пренесуваат или цитираат (битно е идните генерации да ме рецитираат) туку поради кратката меморија кај многумина. Очекувам жестоки реакции и за овој пасус, ама не се вознемирувам, нервозата не ми е природна состојба, а на суетата ѝ објаснив дека реагирам жестоко само ако ми е загрозена креативната слобода.

Хм, креативна слобода… јас не знам што туку се занесувам, кога јасно ми е дека такво нешто воопшто и не ми припаѓа. Во Нордистан креативна слобода (а не факти) е природно право само на новинари. И тоа не сите. Само оние што се посебни (ексепшенал). Тие посебни новинари ќе објаснат дека, на пример, кога нешто не им се допаѓа, тоа е говор на омраза, а кога тие го прават истото што на други не им се допаѓа, тогаш нивниот говор на омраза е слобода на говор. Генијално, а? Па видовте ли дека јас во колумнава ниту еднаш не употребив „Зошто?“ И сега ми е страв што го вметнав во наводници.
Богдан Илиевски алиас Бетмен Велит прашал „Зошто?“, по интервју на новинарка од Нордистан со политичар од Јунонисган. Од Офф.нет отишле уште подалеку, поставиле слика од новинарката. И ЗНМ реагира. Бара кривичен прогон за Богдан и Трендо. Па секако дека ќе бара, и прогон и затвор, и каменување и клада, кога се знае дека ЗНМ е здружение на нежни маченици, кои мора да се обожуваат, а никако критикуваат. Тоа е бре ерес. Во протекторатов сите смеат да бидат на тапет, да се критикуваат, дури и лажни вести да се шират за нив, само нежните членови на ЗНМ не може да бидат изложени на критика или не дај Боже, да им се поставуваат прашања. А тука имаме, ем прашање, ем слика. Ужас! Се знае кој во протекторатов смее да прашува и покажува, јасно е како ден дека се тоа ексепшенал новинарите од ЗНМ и никој друг, а ако некој се осмели нив да ги прозве, веднаш замислете си слика каде што синедрионот и инквизицијата стануваат едно.
АМА, ЗОШТО, ПОБОГУ??? Извинете за овој крик! Морав, креативната слобода ми удри клоца и ме тргна од тастатура, така што целосно се оградувам од следниов нејзин пасус, оти немам никаква контрола над зборовите што таа ќе ги исфрли.
Искрено, малку ме зачуди бесмисленава реакција за ништо, на ЗНМ. Ама потоа ми текна. СДСМ се клинички мртви како политичка приказна и не се знае кога „меѓународната“ заедница ќе почне да им дава вештачко дишење. Некој мора да го заземе просторот што го оставија празен. И не е тоа само ЗНМ, ако забележавте, за „страшното злосторство“ на Богдан и Трендо, тие ги известиле сите амбасадори во земјава, па ете и коалиција. Ова е веројатно повик да се врати амбасадорската грант-демократија, оти веќе не се живее под диктатурава на ВМРО-ДПМНЕ, а уште недојдени на власт. Патем, имајќи предвид дека веројатно и јас ќе бидам подложен на прогон поради овој ерес спрема ЗНМ, (Боже Господе, што ли ќе кажат следната година кога ќе го завршам романот „Боуви“?), да си ја забетонирам судбината. Се сеќавам на времето како ЗНМ крикнаа „И јас сум Шарли Ебдо“, можеби затоа што се карикатурални, ама не ми текнува дека нешто зуцнаа за страдањето и мачеништвото на Џулијан Асанж, бидејќи веројатно ги потсетува што е вистинско новинарство.

Креативната слобода ми ја врати тастатурата, па сега чекајќи мечот да ми падне на шијата, мора да ја завршам колумнава. Ме зачуди како никој не забележа две крајно блесави ситуации. Без разлика за што се обвинуваат меѓу себе и дали играат или не играат византиски игри, кои ние сега не можеме да ги забележиме, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, имаат наратив дека се против нордистанизацијата на Македонија. И сега, Левица го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека е прекршен Уставот, а нападнативе тврдат дека тоа не е сторено. Е па, трепнете, и едни и други, ако ве киднапирала некоја паралелна димензија. Зборувате за уставот на Нордистан, што е битно дали е или не е прекршен? Искршете го и вратете го оној на Македонија. Јас знам дека ниту овој народ, ниту политиката немаат капацитет за такво нешто, одамна го зборувам тоа, а го повторив минатата колумна и ќе продолжам следната, оти оваа ми ја киднапираа суетата и креативната слобода, ама ајде демантирајте ме, и народ и политика, баш сакам на оваа тема да излезам глуп. Втората блесава работа е поврзана со обичниот Албанец. По новата распределба на политичката моќ, ДУИ тврди дека Албанците изгубиле сè, а Левица дека добиле премногу. И сега, обичниот нормален Албанец истовремено изгуби и доби сè, а тоа, драги мои, не може да го има во една нормална Македонија, туку само во безумна реалност, каква што е Нордистан.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Силен турнир во Добој: Пелистерци ќе тестираат против Веспрем, Барса, Загреб…

Еден од најстарите ракометни турнири во Европа заедно...

ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Обрадовиќ верен на Партизан, Динамо купуваше од лутиот ривал, Арсиќ останува во Шабац

<!-- ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Обрадовиќ верен на Партизан, Динамо купуваше...

„Секој натпревар го почнуваме доминантно, ја имаме публиката како осми играч“

Битола е ракометен град, каде битолската публика игра...

Пролет го донесе пивотот Стојчевиќ, Василевски потпиша нов договор

Тимот на Пролет го комплетираше првиот трансфер во...