Каде се инспекциските „одреди“ во време на воено и пазарно профитество?

Колумна на Владимир Величковски:

 Не обзема невообичаено чувство на страв и мачна егзистенција, покрај тоа што предолго трае транзицијата – се потсетувам на сликите на Е. Мунк и на книгата „Глад“ на К. Хамсун како мала утеха. На рафтовите има храна, но многу скапа, недостапна. Следи беда и сиромаштија која, за сега само ја насетуваме ама со чувство на конкретна извесност. Нешто од непосредната околина: кој го уништува и тоа мало пријатно катче на кејот на веќе загаден Вардар во Карпош? Не се јавува никој, ниту ќе одговара за тоа, ниту некого го интересира овој мал локален проблем, ама не е мал проблем: Преспанско езеро осетно се повлекува, а Дојранско езеро, пријатно одморалиште , било многу загадено. Покрај тоа кој може да си дозволи насред урбана населба да пушта прегласна музика од концерти (иако е тоа наш обичај, како и пукањето на свадба) од која не може да се распознае кој тоа таму пие и свири. И друго нешто иста така примитивно: се шири тешка смрдеа од расипано месо фрлено во новите длабоки кеси. Сепак, некој гладен буричка во кесата да најде храна. Не ме израдува (ниту изненади) посетата на познатиот Џон Малкович кој најави правење холувудски филмови во Скопје колку што тоа го направи новото издание на скопскиот светски џез фестивал.

После агресивното негирање и понижувања, следеше уште една манифестација на провокација: во меморијата се забележа триумфалното чекорење на бугарската влада (на чело со харвардовецот) по улицата во Битола (градот на Камера 300 на браќата Манаки) во која беше отворен т.н. „културен клуб Иван Михајлов“, во манир на ставање рака на оваа земја и народ. Следеше уште попровокативен и грд чин на влегување (како да е ова Елдорадо) во Охрид (македонскиот Ерусалим) со името за нив омилениот Цар Борис или „обединителот“, омилен и на Хитлер во Втората светска војна. Каква е таа симболика, или некој сака фашизмот да го израмни со зборот „администратори“ на туѓа, независна територија и народ со сопствен идентитет, јазик и историја? Државата и по овој повод реагираше пост фестум (а тоа е вообичаена практика како и донесувањето закони). Можеби некој сметал дека сервилноста кон посилниот (членка на ЕУ) ќе ни го олесни влезот во таа институција. Но веднаш следи прашањето: како и кој ќе се справи со тешката корупција, беззаконие и хаос во земјата и кој и како ќе спроведе реформи во партиското (заробено) коалициско и опозициско разнебитување на земјата? Каде се инспекциските „одреди“ во време на воено и пазарно профитество? Уште полошо: како внатре во земјата ќе се „сплотиме“ толку поделени и расцепкани со толку криминал и грабеж за да можеме со сите сили да го одбраниме правото и правдата на македонската држава? И над се со таквиот примитивизам и партизација практикувана безобзирно во време на корона во тешката и неизвесна економско – енергетска и воена криза. Холокаусттот е еден од најтрагичните настани во човековата историја, но како треба да се оцени уништувањето и на едно семејство од позиција на партиски министер – министерка со негов потпис со молив на хартија.

Луѓето не можат да почитуваат ниту еден партиски поставен функционер или пратеник, освен нивниот член, избран „од народот“. Каква иронија. Од друга страна можат да почитуваат борец со женски лик што ги застапува и брани текстилните работнички во Штип и слични ликови.

Што направи историската комисија, а Советот за развој на образованието е составен од политичко – етнички ликови, ама не од личности од професијата, а оние што ги уништуваат столбовите на државата и општеството лицемерно ветуваат реформи во образованието и правосудството но дали имаат капацитет за тоа? Не може да ни помогне ниту Исаија со силното извикување: Кој верува, не отстапува. Можеби треба да се почне со Јунговото уверување дека средиштето е во индивидуалноста на човекот и колку е важно психичкото здравје на човекот. Меѓутоа, во нашата средина се повредуваат и децата меѓу себе, како да има болни луѓе во болна држава. Или, од приказните: слушај што зборам, не гледај што правам?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ