Кавадарци дава многу на Македонија, а власта му дава малку

Колумна на Никола Тасев: 

Вчера бев во мое Кавадарци. Со радост тргнав да си ја видам Тиквешијата, езерото, пријателите… ама не требаше да вклучам радио во автомобилот. Вестите веднаш ми ја скратија радоста. Претседателот Пендаровски, по „долго“ размислување и консултации, го потпишал на Указот за одобрување на спорните закони поврзани со изградбата на новите автопатишта. За него немало ништо неуставно, дури и во Законот за работни односи не успеал да прочита дека се загрозуваат работничките права со продолжената работна недела. А, до пред некој ден јавно се топореше дека таков закон нема да прифати. По кој знае кој пат, човекот од „вилата на Водно“ го смени мислењето за неколку дена. А чекал да види каков му е рејтингот за да се кандидира по вторпат. Смешно!

А сериозното и болното е тоа што сега „Бектел-Енка“ може слободно да гази, а министрите да се правдаат дека се е „по Закон и Устав“. Може и слободно да се авансираат уште 100 или 200 милиони евра за автопат за кој се уште нема ниту проект и никој не знае колку на крај ќе чини.

И возам јас така радосно – разжален по автопатот кој има толку нерамнини и не е баш сигурно да возиш повеќе од 110 на час. На вестите го споменаа оризот и веднаш се потсетив на еден текст што викендов го прочитав на некој од порталите, дека во општина Чешино-Облешево од 14 села, само во едно има водовод и канализација. Колку чини канализација во едно село? Како живеат тие луѓе? Ја сонуваат ли ЕУ и со нетрпение ли очекуваат да возат по скапите коридори 8 и 10 додека на „чучњавац“ клечат во полското вц или додека се „лискаат“ во дворот со вода од бунар? Зошта за нив нема пари да им се направи попристоен животот, а не хранат со многу земјоделски производи и дебело плаќаат даноци?

И така поставувајќи си болни прашања се исклучив од автопатот накај Кавадарци. Тука ме обли нервозата. Центар на Македонија, индустриски прилично добро развиен, со јаки компании, невработеноста речиси кон нула. Фени, Тиквеш, Дрекслер Мајер, ИГМ, Кожуфчанка и ред други големи фирми успешно функционираат во овој град, вработуваат, извезуваат. Кавадарци според статистиката има и најголем број на камиони по глава на жител во Македонија. И сите немаат пристојни патишта за да се поврзат на било која страна со другите општини, со Скопје, со…

Што централните власти во изминативе години направија на Кавадарци да му ги подобрат сообраќајни врски со останатите градови? Еве, не мора автопат, ама барем еден експресен пат да имаше, крак на железницата до Неготино… Колку чини тоа? Ништо, во однос на придобивките што ќе се добијат за компаниите и за жителите. Ништо и во споредба со исплатените аванси од буџетот за автопатите што допрва треба да се проектираат.

За гасификацијата и не споменувам, оти тоа изборно ветување уште од 2016 година и власта веќе не го споменува. Среќа што локалните власти во Кавадарци во изминатата деценија покажаа дека се различни од централните, па градот има убав лик, модерен е, стопанството функционира, има живост…

Зошто мое Кавадарци дава многу на Македонија, а власта му дава малку?

Приказната за поврзаноста на Кавадарци со остатокот од државата, може да се разкаже и за други градови. Еве на пример, битолчани раскажуваат дека полесно им е за Гевгелија да одат низ Грција, преку Лерин по автопат до Богородица.

Ама приоритетот на Владата е друг. Друг дел на Македонија им е поважен, а и сега важно им е уставот да се смени. Како тоа ќе им се одрази на престојните избори ќе видиме. Анкетите веќе даваат навестување.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Андоновски со два гола во финишот му донесе голем бод на Трст

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...

Андоновски повторно најдобар – му донесе голем бод на Трст!

Македонскиот интернационалец Даниел Андоновски продолжува со одличните настапи...