KINA ANTE PORTAS – Нова Македонија

По неколкумесечна преокупација со претседателските и парламентарните избори, Македонија влегува во антиклимакс: од една страна доминира чувството дека нештата се драматично сменети со доаѓањето на власт на нова претседателка на Републиката, која наскоро ќе ја следи и новата влада. Но малкумина можат да кажат колку новини ќе донесе оваа смена, бидејќи едно е замена на владетелите, а друго е промена на домашната и надворешната политика. Ако се цени според (сè уште) прелиминарните честитки што доаѓаат од странство, а особено начинот на кој им одговара претседателката Силјановска-Давкова, нема основа да се очекува нешто сосема ново. Сето тоа е обвиено во традиционална евроатлантска фразеологија, следење на европските вредности и европската надворешна и безбедносна политика (особено кон Украина). Интересно е што прашањето на Газа (поточно, масакрот врз Рафа) и натаму е неважно прашање: македонската делегација не беше ни присутна при гласањето на резолуцијата за признавање на палестинската држава (за која гласаа 143 држави, а само 9 беа против: Македонија не беше ни воздржана, бидејќи не беше во салата).
Деновиве Македонија ги чисти паднатите и веќе извалкани конфети од изборните победи и се трезни од политичката еуфорија. Потенцијалниот мандатар Мицкоски вети некаква „нова милијарда“, ама не кажа од каде ќе дојде (на мнозина им падна камен од срце дека таа нема да стаса ни од Кина ни од Русија или Турција). Но, додека ние во Македонија очекуваме чуда со проста смена на елитата на власт (Курто наместо Мурто), светот се менува драматично. Ќе ги оставиме настрана домашните настани (од кои искрено и не очекуваме чуда, освен разочарувања), да видиме што се случуваше во соседството. И таму се собираат црвените килими послани пред многубројната делегација на НР Кина.
Имено, најзначајниот настан беше европската турнеја на кинескиот претседател Си Џинпинг (во Франција, Србија и Унгарија), најмоќниот човек на светот како што го нарекуваат светските медиуми. За разлика од таквиот епитет даден на американскиот претседател, кој најмногу асоцира на воена моќ, овде станува збор за човек што ја претставува не само втората економски најмоќна сила на светот туку и тој што не зборува за војни, туку за соработка, инвестиции и потрага по мировни решенија и еколошки спас на планетата Земја. Извештаите од нашиот најблизок сосед зборуваат за огромен напредок во економската и инвестициската сфера, особено од 2016 година, кога Србија се наоѓа на работ на банкрот, до денес, кога дури 17 отсто од странските инвестиции стигнуваат само од Кина, а чии резултати се највидливи во Смедерево и Бор, изградба на канализациски систем во должина од 5.000 километри и 159 пречистителни станици за отпадни води.

На листата може да се набројат железарницата, рудници, топилница, фабрика за гуми, делови од автопатишта и брзи пруги, сè до изградба на проекти околу Националниот стадион и Експо 2027… Странските аналитичари, не без доза на страв, велат „Кинезите се насекаде“. Населението на цела Србија изнесува само една третина од Пекинг, но во геополитиката и геоекономијата тоа е сосема неважно, особено во контекст на поврзување на Грција (Пиреј) со железницата меѓу Србија и Унгарија, а потоа отворање на портите кон ЕУ. И да не се лажеме, иако Урсула е американскиот Кербер за странското влијание, сепак „кинеската четворка“ среде Европа ја сочинуваа токму Франција, Германија, Унгарија и Велика Британија. Ако учеството на Кина во Европа во 80-тите години на минатиот век изнесуваше само 2,7 отсто, тоа е сега изедначено со тоа на Европа – двете страни учествуваат со по 19-19 отсто од БДП. А Западен Балкан, во очите на Брисел е некакво недоносено сираче, кое уште треба да се нормализира пред воопшто да се вложува во него. Кина не мисли така.
Поентата е следната, барем за оваа кратка колумна: додека Европа гледа и со страв ама и со восхит (и желба за заемна бенефиција), кај нас намерно се негува синофобија (страв од сè што доаѓа од Исток, а особено од Кина). Еве, јас сум пристрасна бидејќи бев политички учесник, но кажете ми една земја во која шефот на тајните служби (директор на Агенцијата за разузнавање, Ерол Муслиу, човекот оставен од шефот на државата) дава изјави за медиуми (Радио Слободна Европа – ама слободна, што да ви кажам) во врска со претседателските кандидати и политички актери што биле помошници на софистицирани напади водени од Русија, Кина и Иран (?!), и тоа преку наративи пласирани низ изборите. Според Муслиу, „Агенцијата за разузнавање забележа хибридна стратегија и селективна употреба на наративи што будат емоционални реакции, користејќи сензитивни прашања за регионот“, а целта била зголемување на евроскептицизмот преку нудење алтернативи за соработка со земјите на БРИКС. „Генијалецот“ Муслиу (оној што се натепа пари со жена му со разни НВО-проекти со западни пари) утврдил дека Кина негува соработка со одредени луѓе што биле против членството на земјата во НАТО и во ЕУ, односно поттикнува мултиполарен свет и соработка со Кина. Што е ова ако не директна закана (кон мене, чие име е експлицитно спомнато, и партијата што ја поддржа мојата кандидатура). Цела среќа што Макрон нема ваков шеф на разузнавачка служба, а богами ни Британија ни Германија.

И во Србија постои цела армада на „прогресивни“ новинари што се потсмеваат на играта на Слонот (Си Џинпинг) и Глушецот (Вучиќ), но сиот нивен политички цинизам и сатира не може да го избришат фактот дека земјите на ЕУ (па дури и Британија, која не е дел на тимот) прават сè за да ги одржат врските за заедничка соработка со Слонот (кому му одат и на гости, на поклонение), дури и кога зборуваат за „намалување на ризикот“, а Србија почнува нов режим на слободна трговска соработка за земјоделски производи со далечната Кина. За тоа време, преспанските јаболка скапуваат, ама затоа се политички коректни и ориентирани кон Западот, кому баш и не му е до јаболковача.
Она што шапшали како нашиве не го разбираат е дека политиката може и мора да се одвои од економијата, особено ако со политичко подаништво не добиваш ништо, освен тапкање по рамо и пофалби, а со економска соработка (дури и со задолжување) создаваш инвестиции што ќе ти се вратат – без условување да менуваш устав, име и презиме, политички систем, па дури ни шеф на разузнавање (колку и да е недоветен).
За разлика од Србија (на која не морате да ѝ завидувате на Вучиќ), која гради надворешна и економска политика врз темелите на Движењето на неврзаните и знае што е дипломатија, ние овде живееме како да сме се родиле вчера, од tabula rasa.

Ние сме подготвени да работиме на сопствена штета само Западот да нè пофали колку сме послушни, иако сиромашни. А Кина е ante portas, на сите четири страни на светот, затоа што како мирољубива сила не носи ниту оружје ниту политички уцени, туку понуди за соработка во заемна помош. Таа не одбира страни на светот, таа создава пријателства, во согласност со нивната стара изрека – ако некој не ни е пријател, нашата задача е да се обидеме да откриеме зошто е тоа така, како да го направиме пријател. Инаку, оние нашине што љубат да ви читаат лисабонски договор, немаат поим за тоа што е неофункционализам и како се гради зона на мирот преку повеќеслојна соработка. Ќе ви рецитираат за ЕУ, ама истата песна нема да ви ја кажат кога станува збор за Кина. За цела среќа, мнозина од нас знаат дека ЕУ во себе нема ништо уникатно што го нема Кина – освен разурнувањата на двете светски војни (и подготовките за третата).

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Соиграч на Филип Талески пред преселба во Партизан

Тимот на Партизан за следната сезона создава тим...

Фуксе Берлин по долга пауза се враќа во европската елита

На неколку кола пред крајот во најквалитетната лига...

Не го однесе клубот на Ф4 во ЛШ, па си заработи отказ

Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по...

Три екипи во битка за директен опстанок во елитата

Утре со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс...