Кина и геополитиката на мирот

Ќе се сетите дека и минатата колумна пишував за Кина, а по повод европската турнеја на кинескиот претседател Си Џинпинг (а во контекст на нашата заслепеност кон сè што се случува надвор од она што ние го викаме „Запад“ или место на наше припаѓање). Во моментов не цветаат рози во контекст на македонската евроинтеграција поради една банална сцена (или „лапсус“, како што ја нарече грчкиот премиер Мицотакис заклетвата на новата претседателка), но токму таа тривија покажува на колку стаклени нозе е поставена нашата државност и каква бура во чаша се подигна за нешто за што зборуваа дека претставувало „тапија“ и „бетон“ на нашето опстојување. Сепак, ќе ми дозволите да не се впуштам во оваа тема, бидејќи ја сметам за повод, а не за причина за проблемите што се акумулираат.
Јас сепак ќе останам на темата Кина. Не затоа што инсистирам на нешто што можеби вам читателите ви се чини толку неважно, туку напротив – затоа што сметам дека е недозволиво да ги игнорираме глобалните текови од кои зависи не само опстанокот на Македонија (или како и да ја наречат другите или на кој колосек и да ја постават – бидејќи имаат моќ), туку затоа што во моментов се одвиваат драматични текови од кои зависи судбината на човештвото. Зошто Кина? Затоа што тоа е во моментов единствената светска сила што има моќ да зборува за геополитика на мир. Таа е една од најголемите и најмоќните држави што сè уште располагаат со способности, но и волја да разговараат со СИТЕ други држави, без да подигаат ѕидови или да уриваат мостови на соработка. Посетата на Франција, Србија и на Унгарија, да потсетам, не се случи во вакуум. Во своите (инаку доста ретки посети во странство), кинескиот претседател се беше сретнал и со американскиот колега Џо Бајден, и тоа на американско тло во ноември 2023 година. Со оглед на непрогласената студена војна меѓу двете држави (а која, според мнозина, може да прерасне и во жешка/вистинска војна околу Тајван или Јужно Кинеско Море), од огромно значење беше двајцата лидери да разговараат лице в лице за воспоставување директна воена комуникација. Тоа е единствен начин да се избегне „грешка“ или погрешна процена, која би довела до катастрофален исход за целиот свет. Оттогаш, иако ретко, разговараат и на телефон. Желбата за одржување на соработката со Европа, Си Џинпинг ја демонстрираше неодамна, а Макрон е доволно разумен да сфати дека политиката на ЕУ, која воведува термини како „ризици“ или „разделување“, не е најпаметната. (Впрочем, Макрон е оној што повремено знае да каже нешто од што другите се фаќаат за глава, како дека „НАТО е во клиничка смрт“ или дека „ЕУ може и да умре“). Она што е битно е разговорот околу потребата да се соработува на економски план, а дека Кина има моќ да разговара и со озлогласениот Путин, оној околу кого цела Европа создаде приказна за „нов Хитлер“ (парадоксално, додека новиот Хитлер без последици врши геноцид не толку далеку од Европа, во Палестина). За влијанието на Кина во земјите на т.н. глобално мнозинство не треба многу да се зборува. Доволно е да се опише онаа (видео)епизода во која во ТВ-интервју со британски новинар, еден африкански лидер директно му плесна в лице: „Да, нашето гледање кон вас Европејците не е поволно. По секоја ваша посета ние остануваме со некоја политичка критика и поука како треба да си ја водиме државата; а по секое заминување на некоја кинеска делегација, ние остануваме со ниви патишта, пристаништа, болници…“ Додека го пишувам ова, Си Џинпинг разговара со рускиот претседател, и тоа на темата „Нов светски поредок“.

Тоа, се разбира, не е тема за двајца лидери – колку и да се моќни или во пријателски врски. Тоа е само артикулација на она што огромното мнозинство во светот го шепоти, ако веќе и не го зборува гласно: постојниот светски поредок во кој САД се борат за задржување на својата хегемонија (улога на полицаец и дилер на оружје, но и финансиски контролор со силата на доларот) е неодржлив. Тој станува непредвидлив, но и опасен за опстанокот на светот. Со оглед на Украина, за Путин е тешко да кажете дека е миротворец (иако такви „миротворци“ со децении беа сите американски претседатели, кои оставија пепел и лом каде што згазија). Си Џинпинг е човекот што може да го дефинира ’рбетот на новата геополитика на мирот за разлика од геополитиката на војната (заснована на глобално НАТО или нови воени сојузи и инвестиции за уништување). На Кина ѝ е потребен мир, не само заради алтруизам и хуманизам, туку затоа што опстанокот на својата голема земја го наоѓа во еден единствен пат: соработка и поврзување, размена и заемно уважување со земјите од целиот свет. Ако зачетоците на денешната ЕУ ги наоѓавме во функционално поврзување и економска соработка меѓу европските држави (кои некогаш беа и соперници и непријатели), зошто тогаш истиот метод не би дал глобални плодови за сите држави на светот, и мали и големи, а без поделба на сфери на интерес?
Ова го пишувам поттикната од една скорешна јавна дебата на три еминентни институции, здружени со идејата дека Кина е непријателот (на Западот, а со тоа и наш): Правниот факултет во Скопје беше домаќин на членови на германската фондација „Конрад Аденауер“ и една опскурна НВО „Естима“ (чија главна и единствена цел е да детектира и открива „,малициозни“ и штетни влијанија од Кина). (Може да замислите со чии грантови се финансира ваквото „истражување“, и тоа водено од истражувачка што во времето на Груевски работеше на другата страна – како промоторка на добрите политики и пријателско на Кина). Насловот на публикацијата што ја промовираа ве тера да си умрете од смеа, ама морате да останете сериозни: „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?“. И покрај сиот напор да ги откријат опасностите од „кинеската панда“, авторите морале да признаат дека Кина останува маргинален инвеститор, а Македонија не е најатрактивната инвестициска дестинација. Но очите на стравот се големи, а и грантовите, кои треба да се оправдаат.

Меѓу редови може да се навести дека геополитичките бранувања на релацијата САД – Кина, во однос на Тајван, односно политиката на „една Кина“, која е апсолутната црвена линија за Пекинг во одбрана на Тајван како дел на својот територијален интегритет, може Македонија да ја соочи со „тешки политички избори“ (впрочем, како што е земањето страна на НАТО и САД, како и во случајот на Украина). „Естима“ е позната и по неверојатна „сензитивност“ кон автори како што е овој што сега пишува, но и медиуми што објавуваат вести од областа на културата, спортот, технолошките иновации, „зелената индустрија“ – и сето тоа да се спакува како „негативен наратив и малициозно влијание врз нашиот веќе испран мозок од страна на западните центри на моќ и медиумски парадигми“.
Како тргнал светот со „очекување на најлошото“ (да ја парафразирам новата студија), можеме да очекуваме не само барање панди и каде што ги нема туку и ограничување на слободата на мисла, на откривање на светот со сопствени очи, демонизација на секој што од Вашингтон ќе биде ставен на црна листа итн. Покорувањето на еден народ почнува со покорувањето на умот, на погледот на светот и со наметнување на „имиџот на непријателот“, дури и кога некој ви подава пријателска рака, а притоа ниту ве уценува, ниту ви се заканува со вето, санкции или исфрлање од „ексклузивниот клуб“.
Напротив, барем кога сум јас во прашање (а верувам не сум единствена) секогаш кога некој ми забранува нешто, ми го претставува како табу-тема или ме уценува „или си со нас или си против нас“ – кај мене расте љубопитството сама да се уверам дали е тоа вистина или зад него стојат интереси, грантови и не баш добронамерни позиции на геополитиката на моќта (или што би рекол Грамши, културна хегемонија што одозгора наметнува уверувања за тоа што е добро, а што лошо, кој е пријател, а кој е непријател). Останете љубопитни, дури и кога универзитетски центри ви тврдат дека само тие ја знаат Вистината.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

🎥ВИКЕНДОВ НА 24РАКОМЕТ…Играше само 180 минути за Кометал ЃП, а стана легенда во Македонија

Постарите генерации добро се сеќаваат на романската репрезентативка...

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Македонија со една промена, Миленковска ќе игра против Исланд

Женската младинска репрезентација на Македонија денеска ќе го...

Полски клуб пред финансиски колапс!

Според пишувањата на „sport.tvp.pl“ тимот на Тарнов во...