Ќе пропадне ли новиот кантонален закон за сузбивање на корупцијата во БиХ?

Канцеларијата за борба против корупцијата и управување со квалитет на кантонот Сараево започна постапка за проверка на постоење на судир на интереси кај носителите на јавни функции, откако стапи во сила новиот закон за спречување и сузбивање на корупцијата, на првиот работен ден во 2023 година, во кантонот Сараево. Во тек се проверки за тринаесет лица. Веднаш по стапувањето во сила, околу Законот се крена многу прашина во јавноста и меѓу пратениците, бидејќи е во спротивност со друг закон на ниво на ентитети на Федерацијата Босна и Херцеговина. Имено, важечкиот федерален закон, кој има поголема надлежност од кантоналниот закон, дозволува двојни функции. Слични законски решенија има и во преостанатите девет кантони. Кантонот Сараево е исклучок, бидејќи новиот закон го усвои кантоналната влада, која е опозиција во сите други кантони и на федерално ниво.
Инаку, новиот закон на ниво на кантонот Сараево беше доставен во собраниска процедура пред една година, па иако меѓународната заедница инсистира на подобрување на законските решенија низ целата земја, со цел борба против корупцијата, неговото донесување не е поврзано со кандидатскиот статус на БиХ за членство во ЕУ. Едноставно кажано, на поголемиот дел од територијата на Босна и Херцеговина се дозволени двојни функции, а најапсурдното законско решение е во ентитетот Република Српска, каде што е дозволено едно лице да биде пратеник во собранието на ентитетот или во градското собрание и директор на јавна установа, како на пример болница, здравствен дом, културен центар итн. Меѓутоа, забрането е истовремено да се биде пратеник и директор на јавно претпријатие. И покрај тоа, кај многу пратеници со години постоел судир на интереси, а Републичката комисија за утврдување судир на интереси го оправдувала тоа со фактот што овие лица биле именувани за вршители на должност, а не за директори. За нив, в.д. директор не е директор во полн капацитет.
Без оглед на неусогласеноста со федералниот закон, Канцеларијата за борба против корупција и управување со квалитет на кантонот Сараево не се откажува од спроведувањето на законот. Меѓу 13-те носители на јавни функции, предмет на проверка е Аднан Делиќ, пратеник од партијата Народ и правда (НиП) во Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина и министер за економија на кантонот Сараево, кој ги потсети медиумите на својот претходен став за двојните функции што го објави на своите официјални профили на Фејсбук и Линкдин, дека нема намера да извршува повеќе од една функција.

Тој потсетува дека на претходните избори освои мандат во парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина и, по прифаќањето на мандатот, објави дека неговиот избор ќе биде една од функциите во извршната власт доколку му биде понудена. Тогаш би се откажал од својот мандат во парламентот на ФБиХ.
Освен Делиќ, во јавноста се обрати и Маријела Хашимбеговиќ, пратеничка од Демократскиот фронт (ДФ) во Собранието на кантонот Сараево, која тврди дека навремено доставила барање до Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина да се утврди престанок на мандатот во Советот на Општина Ново Сараево и Советот на Град Сараево и добила одлука на ЦИК со која се потврдува престанокот на мандатот во советите, како и дека според решението од ноември, таа не е вработена во ЈУ Народен театар и, со самото тоа, не ја врши функцијата раководител на техничката служба. Во меѓувреме, на 26 јануари, Хашимбеговиќ на своите социјални мрежи објави дека добила решение од Канцеларијата за борба против корупција и управување со квалитет на кантонот Сараево според кое таа не е во судир на интереси. Познато е дека и претходно укажувала на таков исход, тврдејќи дека таа не требало да биде предмет на проверка, а канцеларијата требало да биде потемелна при изборот на пратениците за проверка.
„На општите избори во 2022 година гласачите ми дадоа мандат да ги застапувам нивните интереси во Собранието на кантонот Сараево. Ја прифатив таа одговорна задача. Кратко време истовремено ја извршував и функцијата претседател на Туристичката заедница на кантонот Сараево. На првиот работен ден во 2023 година дадов оставка од Туристичката заедница на кантонот Сараево, што е во согласност со одредбите на Законот за судир на интереси“, напишал на својот профил на Фејсбук Кенан Магода, член на Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина (СДП) и поранешен директор на Туристичката заедница на кантонот Сараево. Тој тврди дека не поднел оставка порано за да не го загрози спроведувањето на финансискиот план и програма за работа за 2023 година, со што би се загрозил и работниот процес на целата Туристичка заедница на кантонот Сараево.

Новиот закон за спречување и сузбивање на корупцијата во кантонот Сараево стапи во сила на 1 јануари годинава, а на 4 јануари почнаа проверките на поединечни пратеници. Новиот закон забранува вршење на повеќе функции истовремено, освен ако со посебен пропис е определено поинаку.
Освен претходно споменатите тројца пратеници што се обратија до јавноста преку медиумите и преку нивните официјални профили на социјалните мрежи, и Ердуан Кафеџиќ, шеф на Канцеларијата за борба против корупцијата и управување со квалитет на кантонот Сараево, на 4 јануари потврди за медиумите дека се вршат проверки и за Аљоша Чампара, пратеник од партијата Народ и правда во Собранието на кантонот Сараево, и министерот за внатрешни работи на ФБиХ, Давор Чиќиќ, пратеник од СДП во Собранието на кантонот Сараево, кој од претходно е министер за финансии во кантонот, Себија Изетбеговиќ, генерална директорка на КЦУС и пратеничка од СДА во Собранието на кантонот Сараево, потоа за Нихад Ук, пратеник од Наша партија во Собранието на КС и советник во општина Центар, Абел Балтиќ, советник на СДП во Општина Нови Град и директор на ЈУ Здравствен дом на КС, Аида Ожеговиќ, советничка на НИП во Општина Нови Град и директорка на основното училиште „Грбавица II“, Хамди Хасановиќ, советник на СДА во Општина Центар и член на Управниот одбор на ЈУ „Меморијален фонд на КС“, Миомирка Меланк, пратеничка од Наша партија во Собранието на КС и членка на Комисијата за човекови права, слободи и родова еднаквост во Општина Ново Сараево, и Мидхат Керла од НиП, кој е директор на Воспитниот центар на КС и член на Комисијата за статут и прописи во Општина Вогошќа, и за Лејла Кхатаб, која е независна советничка во Општина Центар и директорка на Фондот на КС за изградба на станови. Кафеџиќ за медиумите изјави дека ова е само почетокот кога станува збор за проверки според одредбите на новиот закон за спречување и сузбивање на корупцијата во кантонот Сараево.

Кога се зборува за законски решенија во Босна и Херцеговина, често се слуша реченицата дека законите се добри, но нивното спроведување баш и не е.
Маријела Хашимбеговиќ, пратеничка од ДФ во Собранието на кантонот Сараево, ги поддржа напорите во борбата против корупцијата, како и другите од списокот за проверка што се обратија јавно – негирајќи го судирот на интереси во својот случај. „Без да го доведам во прашање новиот закон за спречување и сузбивање на корупцијата во кантонот Сараево и неговата колизија со Законот за судир на интереси на властите во Федерацијата на Босна и Херцеговина, причината да се сомневам во сериозноста на пристапот кон сето ова е моето име наведено како некој кај кого е утврден судир на интереси. Беше доволно да ги побарам документите што го потврдуваат наведеното“,напиша Хашимбеговиќ претходно во својот демант.
Аднан Делиќ, меѓу другите, безрезервно даде поддршка и пофалби за работата на Канцеларијата за борба против корупцијата на кантонот Сараево, но неговата замерка беше упатена до службите за информирање, сугерирајќи на повнимателен пристап во пренесувањето на информациите што можат на каков било начин да влијаат на оштетувањето на угледот на поединци што се држат до своите принципи и политички интегритет.

Борбата против корупцијата е темел на националната сигурност и владеењето на правото на општествата со долга демократска традиција. Со оглед на фактот дека Босна и Херцеговина е чекор поблиску до европското семејство од декември минатата година, со добивањето кандидатски статус за членство во ЕУ, јасно е дека особено сега меѓународната заедница ќе стави акцент на ова прашање, како едно од најважните прашања во Босна и Херцеговина.
Резултатите од проверките секако ќе покажат дали кај некој од 13-те носители на јавни функции вклучени во проверките постои судир на интереси. Чекорот за донесување нов закон е важен, бидејќи корупцијата во Босна и Херцеговина е едно од горливите прашања на кои меѓународната заедница инсистира со години, а граѓаните ја губат довербата во системот. За оцената на спроведувањето на Законот ќе ги чекаме првите резултати и зборот на фелата, како и за новите законски решенија на територијата на цела Босна и Херцеговина. Треба да се напомене дека Европската Унија претходно зазеде став дека нема да преговара со ентитети и кантони, туку со државата Босна и Херцеговина. Затоа се очекува новата власт да ја регулира законската борба против корупцијата на ниво на држава и на ентитети, а не на пониските нивоа на власт.

Едина Шечеровиќ

(республика.еду.мк)

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Алборг го повлече дресот на Хансен, но двајца ќе може да го носат

Данскиот шампион Алборг го повлече дресот со број...

Квартет засилувања за враќање на старите европски патеки

Словенечкиот првак Крим по Ана Грос, Грас Заади,...

Легендарната Луминица Дину по долго време повторно во Скопје

Легендарната романска голманка Луминица Дину, по подолго време...

Силен турнир во Добој: Пелистерци ќе тестираат против Веспрем, Барса, Загреб…

Еден од најстарите ракометни турнири во Европа заедно...