Кого ќе послуша Ковачевски – амбасадорите или македонските граѓани?

Уставни измени, уставни измени, уставни измени… ова е рефренот од песната на власта. Ниту нотите, ниту текстот се нешто посебно певливи ама македонските министри ја пеат со дерење како српски турбофолкер завиткан во македонско знаме среде Охрид. Едноставно, од власта веруваат дека се ѕвезди, а и во публиката им ракоплескаат амбасадори.

Од друга страна на мнозинството од македонските граѓани не им е до песна. А најмалку до споменатава. Анкетите покажуваат дека над 55 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот под вакви околност. Противењето е најсилно кога се во прашање етничките – Македонци: над 72 проценти се против.

Ама, македонското собрание денеска треба да ја добие владината Предлог – иницијатива за уставни измени со кои и Бугарите ќе бидат внесени во Уставот. Што натаму, дали иницијативата ќе ја добие потребната двотретинска поддршка за отворање на Уставот, е целосно неизвесно. Најголемата опозициска партија е категорично против, против се и пратениците од други опозициски партии, но и дел од редовите на владината коалиција.

Премиерот Димитар Ковачевски најавува и лидерска средба за да уште еднаш ја убедува опозицијата да го прифати ултимативниот услов кој се вгради во францускиот предлог со кој скоро никој во Македонија не беше задоволен. Зошто Ковачевски е толку упорен иако ги знае мислењата на граѓаните?

Јавноста последниве недели е сведок на големата поларизација во македонското општество во однос на исполнувањето на наметнатиот услов од францускиот предлог. На една страна се владините функционери коишто ја убедуваат јавноста дека уставните промени ќе се случат, дека се обезбедува мнозинство на пратеници… Помошта им доаѓа и од странски дипломати во Македонија, но и од оние кои деновиве се почесто ја посетуваат. 

Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер истакна:

– Доколку тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… што ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатлантските интеграции и европскиот пат, рече таа.

Став дека без менување на Уставот нема почеток на преговорите деновиве го кажаа и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, евроамбасадорот Дејвид Гир…

Но, од друга страна порака до премиерот Ковачевски и државните функционери пратија и граѓаните. Анкетите со месеци наназад покажуваат дека граѓаните се категорично и во убедливо мнозинство против менувањето на Уставот. Истражувањето на „Детектор“ покажа дека вкупно 56,1 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ. Противењето е најсилно кога се во прашање етничките – Македонци: нив 72,4 проценти се против. Мартовската анкета, пак, на ИДСЦС, пак, покажа дека 65 отсто од испитаниците не се согласуваат со уставни измени при што цврсто мнозинство од 80 отсто на етнички Македонци се против уставни измени…

Граѓаните, очигледно, не се подготвени да го прифатат она што се бара од нив преку францускиот предлог во кој се вградени и бугарските барања со кои се цели наше признавање на бугарските корени на македонскиот народ, јазик, идентитет… Односно, граѓаните не сакаат пак да доживеат лоши искуства што ги имале во минатото со менувањето на државното знаме, Привремената спогодба со Грција, прием во ООН со референцата ПЈРМ, територијална поделба, Преспанска спогодба, референдум и менување на уставното име на државата…, а кои беа донесувани без да се постигне полн консензус во македонското општество. И плус, ЕУ не ги исполни своите делови од ветувањата кога ги бараше (и доби) тие измени.

Кого ќе послуша премиерот Ковачевски? Чие мислење му е поважно – на македонските граѓани или на западните амбасадори?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ