Конечно Владата се осмели да му каже НЕ на Брисел, ама…

Власта во Македонија е многу послушна на барањата на Брисел, Вашингтон… Што и да се побара – се исполнува. Не е важно која и да биде последицата по државата и граѓаните.

Ама еве дојде време Владата да оди контра на Брисел. Ќе си ги тера законските замисли околу спорните автопатски коридори и по изјавите од Брисел дека со петте закони не се врши усогласување на македонското законодавство со стандардите на ЕУ. И евроамбасаророт Дејвид Гир предупреди на тоа. Но, и не само на тоа.

-Многу често се употребува европското знаменце за закони за кои не е наменето. Употребата на европското знаменце секогаш треба да се направи по претходна вистинска консултација помеѓу сите политички партии и тоа е за усогласување на европската легислатива, изјави Гир.

Но, иако ова го рече човек (пред кого обично нашиве стојат во став – мирно) сега министрите сосе премиерот Ковачевски не стојат, не ни подзастануваат… 

Иако во Собранието не се усвоени измените на законите, иако не се расчистија сомнежите, иако не се изјасни Јавното обвинителство, иако доаѓаат најдиректни предупредувања дека на нив не смее да се прикачува европското знаменце, за денеска е веќе закажано поставувањето на камен – темелникот за автопатската делница од Прилеп кон Битола.

Но, премиерот Димитар Ковачевски остана глув за ова.

-Законите за коридорите се со европско знаменце затоа што станува збор за  изградба на стратешки коридори и оти со нив ќе се овозможи побрза и поевтина изградба. Станува збор за два исклучително важни коридора, но и за други стратешки инвестициски проекти кои се прават или ќе се прават во државата, во делот на патната, железничката или енергетската инфраструктура, објасни тој.

Ваква решителност до сега нема покажано македонската влада и сегашна и онаа претходната. До сега речиси беспоговорно се прифаќаше сето она што доаѓа како предлог или сугестија од седиштето на ЕУ. Па така, се прифаќаше и отворено попушташе во преговорите кои последниве години се водеа со Грција, со Бугарија за решавањето на долгогодишните спорови, а во кои имаше и вклученост на Брисел. Решенијата со кои Македонија се откажува од делот на историја, со кои го менува уставното име, со кои прифаќа „заедничка историја“ со соседната земја…, доволно покажуваат какви се попуштања се случиле. Круна на сето тоа сега е „францускиот предлог“ за кој и самите македонски владини функционери отворено си признааваат дека не е добар за нас но, ете, не можело да се добие подобар… Ги сечело нешто во стомакот, ама попуштиле за да ни била подобра иднината. Тогаш не се осмелија да кажат НЕ, а требаше.

Е, зошто сега не попуштаат? За доброто на Македонија ли се вака цврсти или договори со милијарди евра е сосема поважна работа според нив од претходните нивни млакости кога се работеше за достоинството и националната стабилност и интереси?

Од сега натаму, за многу прашања ќе бидат непослушни кон Брисел или само овој пат кога баш и требаше да се послуша и подразмисли што велат од ЕУ?

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Магдебург го бара Вулф, ама ќе треба да го „одврзе ќесето“

Германскиот Магдебург е заинтересиран во своите редови да...

Цирар: Покажавме дека може да се надигруваме со Еурофарм Пелистер

После победата над Струга во „Езерското дерби“, ракометарите...

Ред партиски митинзи – ред работнички протести, министрите каде одат почесто?

Изборната кампања зоврива, но зовриваат и проблемите на граѓаните....

Ќе ги издржиме ли сите убавини што ќе ни ги донесат?

Списокот за исполнување на желби и соништа во Македонија...