Кризата е секогаш шанса за да преземете одговорност и да бидете подобар


Академик доктор Жан Митрев, во неодамна објавениот текст за магазинот The Bridge на Academia Balkanica Europeana, даде свое гледиште за целокупната состојба со пандемијата и улогата на лидер во целата оваа општествена а пред сѐ здравствена криза, која го потресе целиот свет. Митрев пишува:

ЛИДЕРСТВО ВО ВРЕМЕ НА КРИЗА

„Најголема опасност во време на криза, не е самата криза, туку тоа што реагираме со вчерашна логика – Питер Дракер“

Пандемијата неповратно го измени нашето размислување за животот и нашите секојдневни приоритети. Дали некогаш повторно ќе се вратиме на некогашниот начин на живот и плановите за иднината? Нормално е да нѐ измачуваат овие егзистенцијални прашања, бидејќи сите ние сме луѓе и како такви сме сведоци на реакции на пандемијата на повеќе нивоа истовремено: во глобални рамки, на национално ниво, на локално, но и на лично во склоп на нашиот колектив или семејство.

Ако се потсетиме на „Чума“ на Албер Ками, напишана во 1947 година, во која тој зборува за животот во изолација за време на епидемијата на чума, сигурен сум дека егзистенцијализмот сега ќе добие сосема друга димензија. Ликот на докторот во неа постојано кажува дека ја игра својата улога, како изговор за своите постапки. Но, од денешен аспект, ова нуди друга можност, а тоа не е оправдување за своите постапки, туку е поставување основа за да се биде автентичен во играњето на својата улога.

Јас не сум само доктор, јас сум сопственик на болницата, јас сум лидер. Мојата улога е повеќекратна и бара неминовно обединување и користење на различни способности.

Од тој аспект мора да се согласиме дека улогата на лидер некако ги вклучува сите.

Кога зборуваме за лидерите на бизнисите, нивната улога драматично се измени во изминатите  неколку  месеци. Пред  корона, извршните директори и останатите менаџери беа фокусирани на усвојување иновации, зголемување на приходите и освојување поголеми удели од пазарот.

Денеска голем број од нив мора да донесуваат брзи одлуки со цел да се контролираат трошоците и да се задржи ликвидноста. Тие се принудени да совладуваат претходно непостоечки блокатори како промени во синџирите на испорака, десеткување на своите тимови и оперативни предизвици кои драстично го менуваат фокусот на приоритети. Истовремено самите тие и нивните вработени се соочуваат со здравствени и безбедносни грижи, работа од дома, но и подршка на фамилиите во време на пандемија. Ова не е едноставна транзиција, преминување од една во друга улога, но со целото свое работно искуство применуваме некои принципи кои функционираат во кардиохирургијата, а тоа е донесување брзи одлуки.

Јасно е дека вистинското лидерство не доаѓа до израз кога „бродот плови во мирни води“, напротив. Вистинските jунаци, на мака се познаваат. Не постои упатство за употреба при криза бидејќи секоја има свои единствени карактеристики и бара различен пристап од било која претходно. Нема време за претходни подготовки.

Но она што не се менува е дека луѓето од тимот очекуваат од лидерот присебност и доверба. Лесно се пренесува паника, затоа мора да владеете со ситуацијата. Не смеете да реагирате емоционално, туку промислено.

Во време на криза ништо не е поважно од грижата за своите вработени. Треба да се ставите во нивна ситуација. Луѓето сакаат некој на кој ќе се потпрат, а не некој кого ќе треба да го тешат. Мора исто така да бидете позитивни и реални. Тенка е линијата на баланс, хаосот треба да биде ставен под контрола. Ова вклучува брзо делегирање на задачи, бидејќи сите треба да бидат инволвирани.

Исто така мора да се направи брза проценка на ризиците и да се донесе одлука во која насока би биле следните чекори.

Јасната и детална комуникација е од клучно значење. Треба сите да се информирани за новите цели и следни чекори.

Звучи невозможно? Не е.

Кинескиот збор за криза содржи два знака – едниот означува опасност, а другиот можност.

Човек треба да остане позитивен, а тоа е реално една од работите кои е полесно да се кажат отколку да се направат. Овде не зборувам за слеп оптимизам туку едноставно да запомниме дека секоја криза поминува. Не треба да ја избегнуваме или игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени. Кризата е секогаш шанса за да преземете одговорност и да работите подобро.

*Текстот е објавен во соработка со Zan Mitrev Clinic. Целиот можете да го прочитате на следниов ЛИНК

– Реклама –



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Алборг го повлече дресот на Хансен, но двајца ќе може да го носат

Данскиот шампион Алборг го повлече дресот со број...

Квартет засилувања за враќање на старите европски патеки

Словенечкиот првак Крим по Ана Грос, Грас Заади,...

Легендарната Луминица Дину по долго време повторно во Скопје

Легендарната романска голманка Луминица Дину, по подолго време...

Силен турнир во Добој: Пелистерци ќе тестираат против Веспрем, Барса, Загреб…

Еден од најстарите ракометни турнири во Европа заедно...