Лажи, лажи Taче, ти нѐ лажеш најдобро

Предраг Димитровски

Општопознато правило е дека цел народ можете да го лажете краток период, дел од народот можете да го лажете цело време, но не можете цел народ да го лажете цело време. Е, ама кога за нашиот премиер намесник Димитар Ковачевски лагата станува основно средство во водењето на неговата политика, за да ја манифестира својата политичка моќ, притоа цврсто газејќи по стапките на неговиот претходник, тогаш правилата можат да се шират. Сопствениот народ станува претесна основа за ширење на лагите, па тие мораат да стигнат и до Европа! Поточно, до европските социјалисти, па и народњаци!

Нашиот Таче на лидерскиот самит на Западен Балкан на европските социјалисти и демократи во Виена меѓу другото ќе порача дека „ЕУ мора сериозно да ги сфати и разгледа опструкциите од опозицијата во Македонија и обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица по секоја цена да го загрозат европскиот пат на земјата. Блокадите на Собранието и на демократските процеси за напредок кон ЕУ се блокада на европските вредности“. И уште ќе додаде дека „и Европската народна партија не смее да биде само нем набљудувач на овие сценарија, бидејќи ваквите опструкции и блокади не се само за Владата, туку за европските вредности“.

Драг Таче, македонската опозиција верувала во европските вредности уште кога ти си бил млад аџамија, ама со право не верува во твоите европски вредности, кои се сведуваат на отворена распродажба на македонскиот идентитет, историја, јазик, култура, традиции, обичаи…Во твоите потписи на документи со кои на големо се отвораат врати за поништување на македонската етногенеза и целосна бугаризација на Македонците, што не сакаат или не можат да го видат само такви како тебе.

И попусти ти се обидите вината за сопствениот неуспех да ја префрлуваш на други. Тоа што не умееш самиот да ја напишеш сопствната домашна задача не е проблем на опозицијата, туку твој личен нуспех, чии последици, за жал, ги чувствуваат граѓаните на Република Македонија.

Ееее, на какво дереџе дојде нашиот премиер намесник. Јадно и бедно. Да не знае човек дали да го плаче или да му се смее! Својот валкан политички веш почна да го вади надвор! И тоа во време на кризи! Можете само да си замислите на што му мириса тој кога неговата Влада ни порачува да штедиме електрична енергија, а за поголеми ефекти туширањето да биде сведено на минимум, а машините за перење, како еден од апаратите кои важат за најголеми потрошувачи на струја, да се вклучуваат еднаш неделно?!

За волја на вистината, не знам дали и премиерот намесник се придржува на препораките, а и ни на крај памет не ми паѓа да навлегувам во неговата лична интима и хигиена. Исто така не знам зошто, ама неговото однесување во Виена веднаш ме потсети на култниот филм „Мирисот на жената“ од почетокот на 90-тите години, во режија на Мартин Брест, добитник на Оскари за најдобар главен актер и за најдобар филм. Главните улоги во филмот ги толикуваа маестралниот Ал Пачино, Крис О,Донел и Габриеле Анвар.

Пачино глуми слеп американски воен ветеран, потполковник, по име Френк Слејд, а О,Донел младо момче, Чарли Сирнмс, кое за пари ќе му биде придружник при патување во Њујорк. Но, Чарли е иден студент, кој се наоѓа на животен крстпат, па нивната урнебесна, искрена и трагикомична авантура заскогаш ќе ги промени обајцата. Зашто, Чарли, искреното и чесно момче, со своите најблиски другари, деца на добро ситуирани родители (слично, ако не и исто како нашиот Таче), треба да се соочи со наставничкиот совет, од што директно зависи и неговата иднина.

Би било добро нашиот премиер намесник да го гледа филмот, ако тоа не го сторил или го заборавил. Не заради историската филмска секвенца во која „слепиот“ Ал Пачино игра аргентинско танго со Габриеле Анвар во ресторанот на хотелот „Валдорф Асторија“ (од што произлегува и името на филмот), туку поради настапот на „слепиот“ потполковник во одбрана на младото момче пред наставничкиот совет на престижното училиште -колеџот Baird.

Еве само една реплика од тој дел:

-Што ви е мотото? Момчиња, кодошете за да ја спасите својата кожа или ќе ве запалиме на клада! Кога ќе згусне, некои бегаат, а некои остануваат. Чарли (Слејд) остана, а Џери (Вилис) се скри во татковиот џеб. А, вие? Ќе го наградите Џери, а ќе го уништите Чарли!…Ова е штакорско гнездо. Гнездо на тужибаби, што далеку ќе стигне. Но, ако така мислите од нив да направите мажи, уште еднаш размислете. Им го убивате духот за кој тврдите дека се обидувате да им го всадите. Каква лага! Што воопшто ви беше потребна оваа претстава? Во неа единствено вреди тој што седи покрај мене. Неговата душа е недопрена, непоткуплива. Знаете ли зошто го знам тоа? Зашто, некој овдека се обиде да го поткупи. Само што Чарли не е на продажба… Но, нема ништо полошо од поглед на ампутирана душа. За тоа не постои протеза… Не сум ни судија, ни поротник. Ама го знам ова-тој нема да се продаде за да си ја купи својата иднина. А, тоа, мои пријатели, се вика чесност, храброст, интегритет. Од тој и таков материјал се создаваат лидери…

Ако доблесно размислува, нашиот премиер намесник самиот ќе се препознае. Јас, на пример, не знам дали Таче е поткупен или не, дали во Виена сакаше да си ја купи својата иднина, но знам дека со својата постапка остана далеку од тоа што се вика чесност, храброст, интегритет.

Впрочем, ако беше поинаку на лидерскиот самит повеќе ќе зборуваше за институционалната корупција и немоќта на неговата влада да се бори против неа, за што во земјата веќе стигна специјален тим на нашите стратешки партнери од САД, ќе зборуваше за тоа дека седи во скутот на коалициониот партнер ДУИ и немоќно шири раце, па дури и ги оправдува очигледните криминални постапки, ќе зборуваше за катастрофалната инфлација, која секојдневно ги јаде животите на обичните граѓани, ќе зборуваше за катастрофалната состојба во здравството во кое, на пример, лекарите од Клиничкиот центар во работно време одат да работат по приватните клиники, додека пациентите беспомошно мрзнат по болничките ходници… Ќе зборуваше за недостигот на лекови по аптките, ќе зборуваше за недостапните лекарски комисии, за неможноста дете во градинка да се запише, за дивеењето на градежната мафија, за македонските пасоши, што ги добиваат најголемите светски криминалци, ќе зборуваше за непотизмот, за милионските наместени тендери во четири очи…

Ама не, за нашиот премиер намесник во Македонија изгледа опозицијата е власт, а власта е опозиција!!! Надвор од здрав разум!

Народот како народ, жив ѓавол, за вакви моменти или ситуации обично користи два термина-плачипи*ка или кодош. Плачипи*ка главно се користи за мажи на кои во емотивни моменти им се насолзуваат очите, наспроти оние „мачо мени“ на кои тоа им е сосема туѓо.

А, за кодош, пак, можеби најдобра дефиниција дала професорката Јасна Котеска, откако го видела личното досие на нејзиниот татко, писателот Јован Котески, последниот политички затвореник во комунистичка, социјалистичка Република Македонија. Според неа, „системот на контрола на кој почивало нашето општество, бил базиран на еден претпоставен субјект-носител на претпоставената „вистина“-а тоа е кодошот лично. Кодошот е оној што знае. Кодошот станува „големиот друг“, носител на интерпретацијата и на вистината. Тој станува најширокиот субјект за кој се претпоставува дека знае-тој станува Бог, мал, локален, политички, но сепак Бог…“.

Нашиот Таче самиот нека заклучи што во суштина е!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Во Струмица се играше без одбрана – паднаа 80 погодоци!

На натпревар со вкупно 80 постигнати погодоци, тимот...

Поповски перфектен, Цирих израмни против Луцерн во полуфиналната серија

Тимот на Цирих, каде игра македонскиот интернационалец Мартин...

Ристовска: Веќе знаеме со кого играме и каков предизвик имаме пред себе

Женската репрезентација на Македонија денеска ги дозна ривалите...