Македонија имаше асли жени херои – да го следиме нивниот пример

Колумна на Наташа Котлар: 

Оваа недела е недела на ж е н а т а ! Историски гледано нејзиниот ден – „Меѓународниот ден на жената“ е востановен во 1910 г. на Втората меѓународна женска конференција одржана (Копенхаген) во организација на Социјалистичката Интернационала. Тогаш, познатата германска социјалистка Клара Цеткин предложила да се определи еден ден во годината во чест на борбата за женски права. Нејзиниот предлог е прифатен и првиот „Ден на жената“ е одбележан веќе следната 1911 г. на 19 март. Подоцна е сменет во 8 март бидејќи на тој датум во 1917 г. жените во Русија (идниот СССР) добиле право на глас. Интересно е што ОН го прогласиле овој датум дури во 1975 г. за Меѓународен ден на жената.

Поставувајќи ја темата на домашна почва, може да се истакне дека и македонската историја во својата комплексност и хронологија го бележи учеството на жената во борбите за општествени промени и конкретни права. Нејзиното чекорење кон ослободување на сопстевниот род, личност, но и заедница – народот, понира длабоко во историското минато. При тоа, овде се соочуваме со спецификата, што таа – жената како бунтовник, немирник, револуционер и борец долг период дејствува под превезот на анонимноста, последица на актуелните историски прилики, влијанието на религијата, општествените формации и слично. Одејќи по трагите на средновековните историски извори наоѓаме податоци за учество на жената во богомилското движење и во антифеудалниот отпор. Народната меморија го бележи нејзиниот отпор и реакција на насилната исламизација за време на османлиското владеење (Калеш Анѓа, Злата Мегленска). Во преведените турски документи за ајдутството и арамиството во Македонија, го среќаваме и првиот пишан податок  од 1636 г. за жена – ајдутка.

Податоците за женската борбеност и немирење во османлискиот период остануваат лапидарни сè до крајот на XIX век. Најпрвин поединечно, но многу брзо и групно, женското дејствување прераснува во масовно учество во организираното ослободително движење. Во револуционерните редови, македонските жени се вклучуваат и даваат голем придонес како учителки – револуционерки, везилки на револуционерните знамиња и нивни заштитнички во критичните моменти, логистичка подршка на дејците и четите, нивна инспирација за истрајност, рамноправни борци во четите, активистки и пред сè девојки, мајки, сопруги, сестри, љубени. Во оваа смисла, карактеристичен е ставот на војводата Никола Петров–Русински: „Жената има потреба од осознавање на нејзините права – дајте ѝ ги, таа е прекрасна агитаторка и организаторка на револуцијата… жената е неделив дел од човековиот бит; таа е мајка, таа е воспитувачка, таа е домаќинка, таа е одговорно лице и пред мажот во денешното капиталистичко општество, во кое егзистираат два закона – еден на правата на мажот и другиот за обесправеноста на жената“.

Во неможност да ги напишам имињата сите жени – борци од овој период, ќе споменам само неколку: Рушка Делчева, Анастасија Узунова, Ана Малешевска, Зоица Иванова, Константина Н.Бојаџиева, Славка Чакарова, Јустинијанка Каневчева, Клио Самарџиева, Павлина Пројчева (Хаџи Панзова), Роса Плавева (Дели Роса) и Накие Бајрам, Руменка Хаџи Панзова и др. Длабоко сугестивни и решителни, силно впечатливи, со возвишени, но реални особини, овие први жени се инспирација и за следната  генерација жени борци и патриотки: Магдалена Антова, Блага Рампова, Фана Кочовска – Цветковиќ, Oливера Верa Јоциќ, Елпида Караманди, Ибе Паликуќа, Естреја Хаим Овадија – Мара, Мирка Гинова и многу, многу други.

Оваа македонска, женска историја се одликува со херојство што обврзува – да се презрат личното задоволство и среќата во корист на возвишеното – слободата, татковината! Затоа единствениот начин за чествување на Денот на жената е да се знае и следи примерот на овие знајни, но и на многуте незнајни жени и да се прегрнат нивните завети и епски подвизи.

Честит 8 Март!

 

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Noć kad je Zoran Milanović izgubio

NIJE ništa uspjelo – ni...

„Од Хрватска веќе не добивам повик, ќе играм за Романија“

Левото крило на Констанца, Валентино Ровниќ, во иднина...

Првпат во историјата – осум земји имаат и машка и женска репрезентација на ОИ

Во текот на вчерашниот ден беше извршена ждрепката...

Легендарниот Шола доживеа неуспех на изборите во Хрватска

Црногорскиот селектор Владо Шола учествуваше на парламентарните избори...