Македонија ја сакам повеќе од Путин, САД и Нордистан

Излезе интервјуто на Такер Карлсон со Владимир Путин. Уште не сум го гледал. Кај вас сега е сабота, ама во моментов кога ја пишувам оваа колумна, за мене е петок, рано наутро, морам да ја завршам мојата обврска кон читателите на „Нова Македонија“, а вчеравечер (четврток), бев на книжевна промоција, потоа на гости и веќе беше доцна да вложувам каков и да е напор за гледање што било. Интервјуто со Путин секако ќе го гледам, како што ги изгледав и четирите дела разговори со рускиот претседател што ги сними Оливер Стоун, но не ни имав намера да прераскажувам детали и поенти од дијалогот меѓу Американецот и Русинот. Може секој да го види и да извлече сопствен заклучок, туку сакам да споменам дека ме изненади фактот што новинарот Карлсон мораше да објаснува зошто го прави тоа што го прави.
Уште од времето кога Марк Твен ни го обелодени „новинарството во Тенеси“, за мене еден од најсликовитите прикази за оваа професија која во своето мејнстрим издание воопшто не се променила до ден-денес, крајно е комплицирано и по ѓаволите е тешко да се негува вистинскиот новинарски порив за потрага и стигнување до вистината, односно правилно информирање на јавноста, ама и да се издржи и остане независен и чист среде политичката џунгла каде што моќта, речиси секогаш, за свои потреби ја облекува лагата како вистина манипулирајќи со фактите преку својата пропагандна машинерија и, секако, претворајќи ја седмата сила во марионетска претстава за свои потреби. Оттука, пусти Такер, соочен со „прогресивната“ хистерија, која беше неизбежна откако објави со кого ќе разговара, мораше да објаснува дека го прави ова интервју затоа што тоа му е, како новинар, работа, да каже дека тоа не го прави затоа што го сака Путин, туку Америка и да потсети дека на сите, барем во САД, слободата на говор им е загарантирана со раѓање, иако владата со сите сили се труди да им го одземе тоа. Ако го земеме предвид првиот амандман на американскиот устав, Такер Карлсон не би ни требало да се „правда“, ама и Америка си ја доби својата нова нормалност, па ете ја Хилари Клинтон пред колешка на Такер, суди и пресудува за неговиот лик и дело, патем користејќи го своето интервју за предизборна пропаганда, да ги потсети Американците дека и Трамп, покрај Такер, му верува на Путин, како интервјуа да се прават само со оние на кои им веруваш.

Да, Такер Карлсон ни кажа дека се соочил со низа обиди да биде попречен во својата намера, дека вистината е далеку од обичниот американски граѓанин затоа што владата прави пропаганден булинг врз јавноста користејќи ги мејнстрим медиумите кои одамна се во служба на моќта и нејзините, најчесто, изопачени потреби. Ако се земе предвид дека западните мејнстрим медиуми беа соучесници во злосторството против човештвото извршено во Ирак затоа што ги ширеа одвратните лаги на Буш и Блер за хемиското оружје, по кои следуваше гнасниот масакр за депопулација на Ирачаните (читај, за да им се земе нафтата), тогаш станува јасно дека веќе живееме во крајно нездраво време, нова нормалност, каде што сосема слободно, поетски, ќе си дозволам да кажам дека модернава „демократија“ ужива да спроведува диктатура врз слободата на избор што ќе мислиме и веруваме или, едноставно, нашиот слободен избор е да имаме право на нивно мислење. Така е во западниот свет кон кој нели се стремиме, така е во САД и не знам како понатаму ќе се одвива таа приказна, иако одамна не мириса на добро, но дали е исто кај нас, како што е кај нив?
Хм… паа… секако имаме ловци на руски вештерки. Тие си ги имаат своите „клади“ за спалување на оние што не се баш расположени да се занимаваат со вечното прашање, што е постаро, Си-ен-ен или вистината, односно дали Си-ен-ен ја роди вистината или обратно, ниту паѓаат во несвест по светата насмевка на Хилари, па како такви веднаш се прогласени за руски ботови, рубља-патриоти, кои, нормално, повеќе го сакаат Путин отколку татковината и за таа цел треба постојано да бидат измачувани со фактчекирање додека не си признаат дека навистина се руски вештерки, кои ноќно време, на полна месечина, во шума, се мачкаат со руски кавијар и општат со црниот ѓавол кој го смести пеколот во Кремљ и, затоа, марш во Салем! Забегав.
Хм, Путин или татковината? Баш ми е тешко да изберам, не затоа што се двоумам помеѓу двете опции, туку кај нас толку стана сè безумно и бесмислено комплицирано што просто е невозможно да се одговори едноставно. На Такер Карлсон, на пример, лесно му е, па ќе ти рече, не сме тука затоа што го сакаме Путин, туку затоа што ги сакаме Соединетите Американски Држави. За разлика од него, јас Македонија многу повеќе ја сакам од Путин, САД и Нордистан. Односно, без Македонија не можам да живеам, за Путин и САД немам интимни емоции, а Нордистан е окупација на слободата да ја сакам и живеам Македонија.

Дали таму кај што живее Такер и тука каде што сум јас е исто или различно во однос на вистината, слободата, демократијата? Ние немаме прв амандман во Уставот со кој од раѓање ни е гарантирана слободата на изразување, верување… чекај, па ние немаме ни устав. Тука веднаш се појавува, по она суштинско прашање за тоа што е постаро, Си-ен-ен или вистината, следното, помалку суштинско прашање, што почесто се отвора, Пандорината кутија, вратата од јавна куќа или нашиот устав? Секако, најчесто се отвораат вратите на нашиот устав, по влегувањето внатре се тераат политички оргии во темница, по кои за нас не останува ни надеж на дното од Пандорината кутија, надеж дека барем имаме некаков устав. Не, одамна немаме.
Добро, има и сличности меѓу татковината на Такер Карлсон и окупацијата Нордистан во која живееме. Ете, кај нив, мадам Хилари ни кажа, парафразирам, дека Такер е еден идиот што постојано го бркаат од работа, па веројатно затоа не треба да му се верува(???) кога прави интервјуа. И кај нас слично. Не поминаа ни две минути откако Ковачески стана експремиер, а Таче ни кажа, парафразирам, дека медиумите предводени од МРТ веднаш се вратија во 2016 година, што значи, од проевропски моден фронт по рамка а ла франка, се напикаа во вмровски режимски демоде стил скроен по а ла путин крој. Проблем е што и партијата на Клинтон и партијата на Ковачевски оваа година имаат избори, а ѕвездите баш не им се наклонети, па затоа тие и си мислат дека ѕвезденото небо над главите им го крои Путин, а не граѓаните пред кои се претставуваат.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...