Македонија ја сруши моќната Унгарија, ќе игра за 9 место на СП!

Машката кадетска репрезентација на Македонија по денешната победа над Унгарија од 22:20 ќе се бори за 9 место на Светското кадетско првенство во Хрватска.

Кадетите во дуелот со четвртата европска сила од последното Европско кадетско првенство одиграа одлично во вторите 30 минути и целосно ја надиграа силната Унгарија, која немаше решение за Калајџиески, Марио Стојановски, Петковски, Галевски…

Македонија имаше посакуван старт, иако по почетните 1:1 на трипати промаши, сепак, со погодоците на Петковски и Ристевски дојде до 3:1 во воведните пет минути. Унгарија никако не можеше да влезе во ритам, наиде на добро поставена одбрана на „црвено-жолтите“ и само за петнаесетина минути имаше постигнато четири погодоци.

Ривалот на Македонија за момент израмни на 3:3, по што следуваа два гола во низа на нашата репрезентација, која кон средината на првиот дел дојде до предноста од почетниот дел, поведе со 5:3. И повторно кога избраниците на Стојановиќ требаше да направат чекор плус и да се оддалечат на три разлика, ривалот се врати во игра.

Унгарската репрезентација направи серија од 5:0 и во 20-та минута имаше плус три разлика на свое конто, 8:5. Добрата серија на Унгарија беше прекината со голот на Марио Стојановски, кој намали на 8:6. Иако Унгарија на пет минути пред крајот водеше со 12:9, Македонија со одличниот Галевски меѓу стативите и погодоците на Ристевски, Петковски и Калајџиески се избори за 12:12 на полувреме.

Македонските кадети го отворија второто полувреме победувајќи со 13:12. Од тој момент, ракометарите на Стојановиќ ја презедоа контролата на теренот. Во првите десет минути од вториот дел предноста на Македонија беше гол позитива. По нерешените 15:15, погодија Петковски и Димковски, па така предноста од плус еден беше зголемена на два разлика, 17:15.

Одбраните на Галевски и добрата организираност во нападите и донесоа на Македонија плус четири позитива во 48-та минута, 21:17. Ракометарите на Унгарија не се предаваа, се доближија на 21:20, но во 3-4 наврати не успеаја да го совладаат Галевски. Кризата на Македонија од десет минути без постигнат гол ја прекина Калајџиески со гол од пенал за 22:20 на две минути пред крајот. Тоа значеше голема радост за ракометарите на Стојановиќ, бидејќи Унгарија немаше доволно време за барем реми.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ