Македонија како во ќор-сокакот на Обединетите нации

Македонската „историја“ во Обединетите нации само укажува дека кризата и дисфункционалноста на оваа организација со исполнување на своите „основни дејности“, како заштита на правото на самоопределување и интегритетот, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација на државите, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права (геноцид, тортура итн.), се започнати децении порано, пред денес генералниот секретар Гутереш да воскликне вознемирено дека „ООН е во ќор-сокак“!

Граѓаните на светот што имаат верба (колку и да е таа наивна според реалполитичките аналитичари) дека постојат меѓународни институции што го спроведуваат меѓународното право и се грижат да им бидат заштитени барем основните човекови права, веројатно го ставиле во сериозно преиспитување својот оптимизам по признанието на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, дека „светот влегува во доба на хаос“. Гутереш тоа го има изјавено во контекст на неснаоѓањето на највисоката меѓународна светска организација, со наоѓање решенија за критичните воени и хуманитарни кризи во Појасот Газа, но и за војната во Украина. Генералниот секретар на ОН е вознемирен од поделбите во Советот за безбедност на организацијата со која раководи, наведувајќи: „Советот за безбедност на Обединетите нации – примарна платформа за глобалните мировни прашања – е во ќор-сокак поради геополитичките поделби. Ова не е првпат Советот да биде поделен, но тоа е најлошото. Денешната дисфункција е подлабока и поопасна“.
Од особено очајниот апел на генералниот секретар на ОН, недвосмислено може да се добие впечаток дека светската организација, чија основна дејност и смисла на постоење е обезбедување на мирот и заштитата на основните човекови права, практично не е во состојба и нема моќ да ги спроведе и одржува своите базични постулати, наведени во нејзините основачки документи, како Повелбата на ОН и Универзалната декларација за човекови права. Признавањето на слабоста на меѓународните институции од редот на Обединетите нации, како главна поддршка за спроведување на меѓународното право во интерес на помалите земји и на заштита на човековите права, ги изненадува дури и оние што ја прифатиле позицијата на реалната политика дека интересите на големите сили им „дозволуваат да си го земат правото“ да ги прекршат и постулатите на меѓународното право. Ако досега судирот на интересите на големите сили, главно постојани членки на Советот на безбедност, бил во рамките на безбедноста и вооружувањето, сега поделбите меѓу земјите членки на ОН се исцртуваат и по линијата на приоритетните човекови права. Досега неоспорните и неоспорувани човекови слободи и права, кодифицирани како меѓународно задолжително право во конвенциите на ООН и во редица регионални организации, се сметаа за основа на новиот меѓународен поредок по Втората светска војна. И се сметаа(т) за универзални, како што се нарекува и Универзалната декларација за човекови права.

Но се чини дека во поново време фокусот на меѓународните организации за приоритетот на човековите права е насочен кон заштитата на некои нови категории на маргинализирани групи и идентитети, додека се замижува на прекршувањето на универзалните човекови права на сметка на некаков геополитички опортунизам. Неодминлив е впечатокот дека кога се дискутира за човековите права, актуелниот светски тренд е акцентот да биде насочен доминантно на правата на ранливите групи, како ЛГБТ-лицата и групите, мигрантите и малцинствата, притоа не водејќи сметка дека за да се постигне таквата цел се прекршува некое друго веќе декларирано универзално право.
Во конфузијата на геополитички интереси и манипулација со основните човекови права што се случува во доменот на дејствување на Обединетите нации, се чини дека е поудобно да се заборави и премолчи дека случајот на проблематизирање на членството на Македонија во ОН, на некој начин, е предвесник на кризата на меѓународните институции во заштита на човековите права. Ставајќи се во позиција да го прифати проблематизирањето на Грција на името на државата Македонија, за прием во членство во Обединетите нации, како легитимна наследничка на федерацијата Југославија, оваа светска организација уште веднаш флагрантно го прекрши одредбите од своите основачки документи за право на самоопределување и самоименување на народите и државите. „Превидувајќи“ ги сопствените постулати, ООН влезе во контроверзен процес на посредување за промена на името на една земја членка, која долги години ја нарекуваше според „референтно име“ изведено од поранешна, но веќе непостојна држава. И официјално, со посредство на Обединетите нации и под притисок на Грција, Македонија го потпиша Преспанскиот договор, поради кој со спорна легитимност, во уставното име додаде придавка со географска одредница. Спроведувањето на тој билатерален договор, со посредство на ООН, предизвикува понатамошни ситуации и процеси на преименување, негирање и оспорување на македонскиот национален идентитет, култура и историја.

Процеси што ги доведуваат во прашање почитувањето и заштитата на основните човекови права на Македонците, наведени во Универзалната декларација на човековите права и Повелбата на Обединетите нации. Македонската „историја“ во Обединетите нации само укажува дека кризата и дисфункционалноста на оваа организација со исполнување на своите „основни дејности“, како заштита на правото на самоопределување и интегритетот, правото на правна и суверена еднаквост и правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка независност, правото на немешање во строга внатрешна надлежност, правото на недерогирање на елементите од правниот субјективитет, правото на недискриминација на државите, правото на заштита на основните човекови поединечни и колективни права и слични егзистенцијални права (геноцид, тортура итн.), се започнати децении порано, пред денес генералниот секретар Гутереш да воскликне вознемирено дека „ООН е во ќор-сокак“!

 

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Доколку сакате да го намалите салото на стомакот, треба да го јадете ова овошје

123 ОВОШЈЕТО не само што е вкусно, туку игра важна...

МВП НА 8. КОЛО ОД ПЛЕЈ-ОФ/АУТ ВО СУПЕР ЛИГАТА – КОСУКЕ ЈАСУХИРА (ВАРДАР)

Ракометарот на Вардар, Косуке Јасухира, го доби признанието...

Чаневски одличен, Макаби Ришон од второ место во полуфиналето на плеј-оф

Израелскиот шампион Макаби Ришон Ле Зион, каде што...