Македонската „обзнана“ – Нова Македонија

Помладите читатели веројатно и не го знаат значењето на зборот „обзнана“, но вистина е дека и ние постарите, за него учевме во историските читанки. Дебатата околу измената на законот (од 2017 година) и проширувањето на т.н. рестриктивни мерки создава впечаток дека авторитарноста се октроира/наметнува на голема врата. За оние што не знаат, само накусо да потсетам што беше тоа „обзнана“. Станува збор за декрет на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, предложен од министерот за полиција, донесен во 1920 година; наскоро тој ќе се надгради во Закон за заштита на државата во 1921 година, а првичните мерки за борба против „внатрешните непријатели“ (комунистите, синдикатите и сл.) ќе се заострат. Впрочем, неодамна можевме да се потсетиме на тоа време од серијалот за Рацин, „Црвениот поет“. Нема да одам во објаснување на различните околности во тогашното кралство и денешнава божем демократска и божем суверена Македонија, но едно нешто паѓа во очи: она кралство било автократско и сурово, но барем мерките што ги вовело биле израз на суверена волја на владетелот.
Кажано без ракавици, Македонија не се ни обидува да глуми суверена и независна држава, туку со закон обзнана ги прогласува „правните акти“ (не кажува кои) на туѓи држави како дел на внатрешното право. Зад маската на нивната наводна пожртвувана борба против корупцијата и организираниот криминал (и тоа сега, пред избори, по еден мандат обележен со корупциски скандали и неказнивост), всушност, се озаконува зависноста пред странските „стратегиски партнери“. Нешто во духот на песната „друже Бајден, ми ти се кунемо да са твога пут не скренемо“.
Во образложението на законот предложен од (пазете! техничка) влада, пишува дека тој е „придонес кон активностите за поефикасно остварување на стратешките надворешно – политички приоритети и интереси на Република Северна Македонија“. Нештата стануваат уште појасни кога ќе ја видите дефиницијата: „Рестриктивните мерки во смисла на овој закон се мерките кои имаат за цел одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи и развојот на демократијата и владеењето на правото, како и спречување на корупција и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата“. Како и обично, во орвелијански стил нештата се ставаат во фината обланда на „меѓународниот мир, човековите права“ и сиот тој убав џез, па дури и повикување на Обединетите нации – за да се ублажи фактот дека со закон им го предаваат правниот поредок во рацете на две странски држави (САД и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска). Предлог-законот оперира со израз „правни акти“ на наведените (само) две држави, за кои и врапчињата знаат дека се т.н. црни листи на кои властите на туѓи држави, врз основа на разузнавачки податоци или политичка процена, бележат личности што се наводна закана за демократијата, мирот, владеењето на правото – во Македонија (но и други држави за кои се прават такви листи за „отстрел“).

Врз фактички политичка одлука на странски власти се создава правна основа за мерки со кои можат да се ограничуваат човековите права на македонските граѓани и субјекти. Пред олтарот на моќта на странски држави се положуваат како жртвен јарец сите елементарни правни принципи познати уште од древните Magna Carta и Habeas Corpus Act, т.е. историските документи врз кои се градел низ вековите принципот на правда и правична судска постапка. Македонија се става доброволно и себеси и својот суверенитет во рацете на геополитичките и националните каприци на две држави.
Ајде да ве потсетам на кое меѓународно дереџе се токму овие две држави во кои се колне техничката влада (можеби и со верба дека така ќе ја добие нивната политичка поддршка за да ја задржи власта). САД се државата, која не само што е „шампион“ во масовно кршење на човекови права низ светот со децении, поттикнувач на неброени случаи на прикриени државни удари, туку сега се јавува и како соучесник во геноцидот во Газа. Велика Британија е државата што со години го подложува на тортура зборувачот на вистината, Исусот на модерното време, Џулијан Асанж. И најновата вест вели дека откако поведе случај против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за геноцидот во Газа, педесетина врвни правници подготвуваат одделна тужба против владите на САД и Велика Британија за соучество во вршењето на злосторствата на израелските сили во Палестина.
Ах, Кили, Кили, колку би сакала да ги кажам твоите легендарни зборови… Само така можам да го објаснам овој политички циркус на кој нѐ подложува една влада во заминување.
Во целиот калабалак на систематско уривање на правниот поредок, правната сигурност, па ако сакате и правната сувереност на Македонија, клучен е „балон-концептот“ (како што со право го нарече колегата Калајџиев): хибридни активности против државата! Да се разбереме! Оваа измислица е дел на некои мои колеги што се занимаваат со „новите форми на безбедносни закани“, па дури и учествуваат во некакви владини тела од каде што градат стратегија на „отпорност“ (resiliance) пред надворешните закани од незападните сили (преведено на обичен јазик, тоа е формула за „Ние наспроти сите други“ без оглед што „другите“ го сочинуваат Глобалното мнозинство). Додека пелтечат и објаснуваат што се всушност „хибридни закани“, убедена сум дека поим немаат и дека „концептот“ го прибрале од некој американски политички документ (преведен, бидејќи ни англиски не знаат асално). Тоа е толку згодна (неправна) алатка за елиминација на секој политички или друг противник, за кој оние од Вашингтон, Лондон или друг центар (на пример, во Ленгли, Вирџинија) ќе пратат сигнал дека се опасни за „меѓународниот мир“. Како и Уставот, и КЗ е веќе сторен партал, ама ова е врвот на дерогацијата на правото.

Во име на „заштитата на човековите права“, оваа влада на македонската обзнана наметната однадвор, предвидува тешки повреди на човековите права на своите граѓани, како што се презумцијата на невиност, правото на мирно уживање на приватната сопственост и политичките права на учество на избори! (Да потсетам, Македонија ги иззема од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд американските граѓани доколку бидат гонети за злосторства против човечноста уште од времето на Бучковски). Во целава „игранка“, главна улога играат Министерството за надворешни работи и еден куп разузнавачки служби. Кафкијанска и орвелијанска сценографија е поставена дури и без обид да се скријат вистинските намери. А „Бехтел и Енка“ си кешираат од нашата сиромаштија и експлоатираат национални богатства по пат, гајле си немаат. Anxhela Ageler се потпиша дури и на албанска транскрипција на своето име, за да порача на чија страна стои.
Веројатно чудна игра на судбината е што токму во овој период стасало писмото на Дуња Мијатовиќ, комесарката за човекови права на Советот на Европа, во врска со амнестијата за злосторствата од 2001 година. Таа го повторува она што уште од 2011 година го кажуваа (за жал, само) неколкумина – од страв да не бидат прогласени за политички некоректни. Воените злосторства и злосторствата против човечноста не застаруваат и не можат да се избришат со гумичката на т.н. автентично толкување на законот (она што го сторија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да направат коалициски договор). Корените на таа неказнивост се толку длабоки што главните политички актери не се ни осмелуваат да ги споменат, па така, командант Форина сега изигрува премиер што е загрижен за „отпорноста“ на заедницата, човековите права и владеењето на правото генерално, од „хибридни закани“.
Не знам дали ја сфаќаме апсурдноста во која нè тераат да веруваме. На едно око мижи за едни злосторства, а со другото откривај непријатели и злосторства што и не постојат. И најапсурдната работа во моментов е што опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која со слогани се бори за правда, сега час ја обвинува власта кога размислуваше за повлекување на законот, а сега и си молчи… и веројатно си потпевнува тивко „друже Бајден и другарке Anxhela“… А Македонија престанува да биде „сè уште“, каква-таква држава, туку има статус на колонија, која самата си го става јаремот околу вратот зборувајќи за наводна „западна цивилизација“. А чекајќи ги изборите, го чекаме и ветувањето на Anxhela дека предизборно ќе ја прошири „црната листа“.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...