Мандатот на извршната власт – за доброто на граѓаните е на прво место

Мандатот на извршната власт – за доброто на граѓаните е на прво место

Основната задача и цел на секоја извршна власт и понатаму е непроменета од значењето на латинскиот збор „министер“ – „слуга на народот“. И покрај сите политички предизвици, стапици, сплетки… со кои се соочува секоја извршна власт, за да биде успешна никогаш не смее да се оддалечи од потребите на граѓаните и нејзината основа намена – обезбедување функционална држава, институции и владеење на правото!

Денеска е денот кога претседателката Гордана Силјановска–Давкова ќе му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на партијата со најмногу освоени пратенички места во Собранието, според бројот на гласови освоени на парламентарните избори. Речиси еден месец познато ѝ е на јавноста во Македонија дека мандатот за составување влада ќе го добие претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој и додека го немаше добиено мандатот веќе почна да добива јавни „пораки и препораки“ од соседството и претставниците на меѓународната заедница во однос на неговиот став за спроведување на билатералните договори. Јавната комуникација и воспоставувањето политички релации од позиција на мандатар на новата влада, за лидерот на партијата што освои мнозинство гласови на изборите е започната можеби од мигот на објавување на резултатите, но со официјалното доделување на мандатот, на некој начин се означува почетокот на еден нов циклус на реконституирање на извршната власт. Покрај политичките цели и задачи што како изборни ветувања си ги има зададено новата извршна власт (во формирање), состојбите во општествената сегашност и реалност на Македонија како приоритет наметнуваат воспоставување функционалност и ефикасност на системот на управување со државата и на институциите што се дел од тој систем.
Многу веројатно, колку и да го имаат граѓаните „теоретски“ совладано значењето на стереотипните флоскули за „(не)функционалност и (не)ефикасност на системот и институциите“, очекувањата и барањата до новата извршна власт најчесто се поткрепени со вистински (лични) искуства на онеправданост и неможност да се остварат правата што им припаѓаат на граѓаните, поради таквата базична системска нефункционалност. Од позиција на власт, проблемите на граѓаните со пристапноста и функционалноста на институциите, најчесто се перцепираат како банални, лесно решливи, невредни за дефокусирање од големите (политички) цели и задачи, но неодговорноста во тој дел на „прв контакт“ со институциите на системот, веќе искуствено е докажано дека е почетниот чекор до хаосот, кој, за жал, некогаш може да има дури и фатални последици – на пример во здравството.

Дури и во миговите кога започнува тој нов циклус на дејствување на извршната власт, како акутен проблем што ги засега пациентите во Македонија, но и сите граѓани е нефункционалноста на 12 сали за операција на Клиниката за хирургија, во Клиничкиот центар во Скопје, кој треба да претставува најавторитетна здравствена институција во државата, со најголема доверба и надеж за секој што е доведен во ситуација да има една најголема желба – да биде здрав. Нели, здравиот човек има илјада желби, а болниот – една, да оздрави! Нефункционалноста на здравствениот систем, на човечки план им ги одзема надежта и вербата на граѓаните за здрав и квалитетен живот, но и на правен план им го ускратува уставното право за здравствена заштита. Несреќните жртви од тетовската модуларна болница во 2022 година, од времето на корона-пандемијата се трагичен пример, кој никако не смее да се повтори, дека нефункционалноста и неодговорноста на системот може да имаат фатални последици.
Нефункционалноста и неодговорното експериментирање во образовниот систем имаат можеби моментално невидливи, но подалекосежни последици. Веќе „со години“, најмалку три, учениците ја започнуваат учебната година (па и ја завршуваат) без учебници по неколку предмети. Менување на програмата од одредени предмети, спојување и раздвојување на (не)спојливи премети… внесуваше забуни и неизвесност, како кај учениците така и кај наставниците, а интервенциите во содржината на учебниците понекогаш предизвикуваше сомнежи дека има политичка заднина, особено по предметите Историја и Македонски јазик, поврзано со работата на историската комисија со Бугарија.

Ниската доверба (повеќе – недоверба) на јавноста во правосудниот систем се провлекува како „нераскинато проклетство“ во мандатот на неколку влади во Македонија. Правосудниот систем се чини дека никако не може да се избори за својата независност, интегритет и авторитет, како трет столб на власта, пред моќта на политиката. Последната „драма“ при изборот на претседател на Уставниот суд, со димензија на ватиканско сценарио за избор на папа и десет круга на прегласување, на некој начин навестува дека предизвиците за правниот систем, почитувањето на уставноста и законитоста ќе бидат и понатаму во фокусот на новиот политички циклус во Македонија.
Функционалната држава и владеењето на правото секогаш одат заедно, а придржувањето до тој „бинарен принцип“ на демократијата треба да ги гарантира правата и благосостојбата на граѓаните. Основната задача и цел на секоја извршна власт и понатаму е непроменета од значењето на латинскиот збор „министер“ – „слуга на народот“. И покрај сите политички предизвици, стапици, сплетки… со кои се соочува секоја извршна власт, за да биде успешна никогаш не смее да се оддалечи од потребите на граѓаните и нејзината основа намена – обезбедување функционална држава, институции и владеење на правото!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...

🎥 Тимур Дибиров тренираше под палката на неговата сопруга Ирина

Хрватскиот првак Загреб се уште не ги започнал...

We Are Seeing the Emergence of a New Way the Kremlin Pursues its Enemies

Olesya Kravtsova, an activist and journalist from Arkhangelsk, recently...