May the Worst be with you!

May the Worst be with you!

Како дете ја засакав фантастиката со сите нејзини поджанрови. Бајките ми го обликуваа раното детство. Потоа дојде Жил Верн. Сонував да станам петнаесетгодишниот капетан Немо и за осумдесет дена да стигнам до центарот на Земјата. Растен во Југославија, ги имав на располагање сите стрип-школи, оти сè можеше да се купи во една обична зелена трафика. „Супермен“ и „Враќањето на џедај“ ми беа прв допир со филмската фантастика.
Низ годините поминав многу фантастични одисеи, од Хомеровата до оние на Артур Кларк. Јавав на џиновски црви низ бескрајните дини на Аракис, пливав во живите води на Соларис, бев на пикник покрај патот каде што се врши обука за идни сталкери, станав непоправлив неормансер што се вљуби во совршената жена андроид, па заедно сонувавме електрични овци, трчав низ челичните пештери, од Трантор до Терминус создавајќи свои сонувачки задолжбини и сето ова беше воодушевувачки, ама дека ќе живеам фантастика во стварноста, со сите нејзини поджанрови, на памет не ми паѓало. Да, да, денес сакам да ставам пешкир преку рамо и да фатам автостоп низ галаксијата, до ресторанот на крајот од вселената и никогаш да не се вратам на оваа налудничава планета. Добро, не сум само јас страсен читател, еве и мисијата на ЕУ ќе се вселува во просториите на библиотеката во Тетово, па оттаму ќе нè храни со својата „зелена соја“.

Да се вратам на темата. Никогаш не ми паднало на памет дека стварноста ќе ми биде фантастика. Околу мене, од чистачка, преку медиуми, експерти, професори, уметници, па сѐ до моќните чипира… чиновници наречени политичари, сите, ама баш сите, цело време зборуваат за иднината. Ми ја цртаат, обликуваат, прераскажуваат, пикаат под перница, среде воздишки, во најинтимните делови на моите мечти, постојано повторувајќи ми да ја искршам временската машина за патување низ минати времиња, оти овие чудесни и фантастични ткајачи на иднината ја имаат совршената формула за интергалактички „гргуљ-бластер“ со која ќе ми ја обојат во розово стварноста. А додека се пенават за иднината, животот ни го направија дистопија. Триесет години со нив живееме гротескна епска фантастика со примеси на медиумска спејс-опера и експертски хорор, среде која тие треба да нè качат на нивниот „Ентерпрајс“ за да стигнеме до, светлосни години оддалечениот вештачки сателит, вистинската рајска градина, инаку познатиот саНАТОриум каде што ќе ни извршат космичка ЕУтаназија, по која ќе станеме среќни клонови во прегратките на Црната ѕвезда на Империјата, ама не онаа лошата на Дарт Вејдерович Путин, против неа се придруживме во коалицијата за војна на световите, туку вистинската правдољубива и со цивилизациски вредности исполнета Недојдија среде која сите нивни желби се исполнуваат.
Затоа имаме џедај за премиер. Ни го постави мадам Јода Кале-Анѓа. Нејзините поданици, нашата аристократија предводени од министерот Робокап, ни даваат пример, како треба да дадеме крв за господарите. А пред тоа, на сила, ама за наше добро, нè преселија од соѕвездието Македонија, во црната дупка Нордистан. Економијата не ја кренаа 20.000 милји под дното… на морето… за да се удавиме или закопаме, кој како милува, во благосостојба. Здравствените реформи ни се спроведуваат според програмата „Рипомен“, а образованите ни е во „Матрикс“ фаза каде што, како што вели вицот, ако ја земеш сината таблета сè ќе остане исто срање, ама црвената е со вкус на јагода.

Пред очи ни ставија монолит за да ни ја ослепат непотребната виделина, за да можеме полесно да се кренеме угоре, од земјата за која нè оковала гравитацијата, до гранките на слободата каде што слободоумно ќе имаме право на нивно мислење, додека ги кркаме бананите на спознанието.
Во своите „Илузии“, Ричард Бах пишува: „Тоа што гасеницата го доживува како крај на светот, Месијата го нарекува пеперутка“. Ама тоа се само обични илузии на еден небитен писател без вистински визии за иднината. За разлика од него, секој активист на невладината организација „Џаба Хата“, ќе ти каже дека она што непросветлените го објаснуваат со зборовите „прават од нас мајмуни“, просветлениот прогресивен припадник на интелектуалната бижутерија го доживува како евроатлантска интеграција со еволуцијата.
За да нема вакви недоразбирања и за да се намали бројот на непросветлени, секогаш креативните господари на црната дупка Нордистан, ни смислуваат разни игри без граници. Па така, својот трагикомичен џедај што ни го ставија за сатрап, одвреме-навреме го пуштаат во сајберпанк-авантури. Често пати намерно мешаат жанрови. Последно, го извадија од неговата удобна бурлеска каде што живее и го фрлија во нивната инсценирана гротеска да лови „дартвејдери“ комунисти на кои тој и неговите припаѓаа пред да мутираат во џедаи и блејдранери. Тука се и „АЛИените“, (омилени на Кале-Анѓа и нејзините јода-претходници), исклучително откачена банда забавувачи чии членови ги оставија на таван чизмите и ножевите за креирање апстрактна уметност врз човечки кожи, па ставија свилени ракавици на рацете, за сега, додека во една рака вртат, како јин јанг топчиња, тендери и амнестии, со другата ги држат конците за марионети на кои се закачени гореспоменатите џедаи и блејдранери.
Тука се и познатите „The hunger games“ или „Игри за гладните“. Играта е многу едноставна. Пикаш во ист кафез на бесмислата, таканаречени „вемероботи“, инаку десно програмирани евромашини и „леворигами“, познати како џиџани, шарени хартивчиња за украс и ги оставаш едни на други да си вадат очи, зашто и онака, на слепи не им се потребни.

Во паузите на овие „Игри за гладните“, со свои куси рецитали настапуваат „шипшејфтерите“ од ансамблот „Блиски средби со трети опции“, кои, демек, сакаат да нè вратат од црната дупка Нордистан кон матичното соѕвездие Македонија, а всушност се само евтина забава во замена за грицкање семки. Како новитет се најавува фешта од Будимпешта, односно враќање од иднината на извесен Груевски.
За сите овие забави смислени од господарите за нордистанците, кои се кренаа од земја на гранки, ама одвреме-навреме се спуштаат до кафеани или се фаќаат за коси по социјалните мрежи, ревносно известуваат локалните медиуми, крајно едноставни програмирани машинчиња на ниво на пејџери за да пренесуваат пораки, желби и наредби на малку покомплицирани гаџети, познати како вештачка неинтелигенција. Секако, по овој мој „малцински извештај“, (ние, малцинството воини наречени АрМакедони, обучени да ви го донесеме крајот на иднината, како што вие нас сакате да ни го наметнете крајот на историјата), очекувам да ми пратат некој терминатор, нормално од иднината, за да ми ја реши сегашноста и да ме претвори во непотребно минато.

Александар Русјаков

The post May the Worst be with you! appeared first on Нова Македонија.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Двојна унгарска победа над Словенија, Германија триумфално против Франција

Селекциите што ќе бидат дел од Олимписките игри...

🎥 Галец пуштен на најјако – ги излуде Австријците

Голманот Иван Галевски по одличната клупска сезона, блеска...

Македонија чека чудо – португалско или германско

По ремито со Австрија, 20-20, машката младинска репрезентација...

И во лошото има добро: Младинците се пласираа на Мундијалот 2025 во Полска!

Машката младинска репрезентација на Македонија одигра само реми...