#MeKryeministrin – Нова Македонија

Дали е премногу по 22 години од Охридскиот рамковен договор и неколку години откако е прогласен за спроведен да се очекува лојалност кон Македонија?

#MeKryeministrin или #СоПремиерот е популарен хаштаг во објави на социјалните медиуми за поддршка на Албин Курти, премиер на Косово, а во Македонија се појави при неговата неодамнешна посета на земјава, во Чаир и Тетово. Посета што предизвика политичка бура, та дури и Стево Пендаровски, претседател на државата, обвини за „националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи и претставува разгорување етничка омраза и нетрпеливост“. Како најмалку четвртата посета на Албин Курти предизвика таква бура, а тоа не се случи при претходните три посети? Да, Албин Курти најмалку трипати бил во Македонија, и тоа двапати во 2023 година: бил во службена посета во септември 2021 година, на економскиот форум во Скопје во март 2023 година и на „Преспа-форумот“ во Струга во јуни 2023 година. Тука не го вклучувам неговото патување во Охрид оваа година, за Охридскиот договор со Александар Вучиќ.
Зошто сега, на најмалку четвртата посета, политичка бура? Затоа што за првпат Албин Курти се вмеша во внатрешните работи на Македонија; затоа што домаќините Беса, Алтернатива и новоформираното Демократско движење ја (зло)употребија посетата за предизборни цели и ја врамија ако не во националистичка тогаш во моноетничка иконографија; неспособноста, и можеби злонамерноста на власта на СДСМ и ДУИ; и секако регионалното замешателство.
Албин Курти се вмеша во внатрешните работи на Македонија со две работи, прво изборот да има средби само со моменталната албанска опозиција, второ со изјавата какви надворешни односи треба да има Македонија. Да, Албин Курти има право да посетува настани во организација на една партија, како што доаѓаат политичари на настани на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ. Исто е, ама не е исто. Кога Себастијан Курц говори на митинг на ВМРО-ДПМНЕ или Сергеј Станишев на протест на СДСМ, тоа го прават како идеолошки сојузници на партиите. Кога Албин Курти го прави тоа, не може да се препознае идеологија, туку само етничко сојузништво. Ако е тоа претерување, тогаш тоа е во најмала рака во градење сојуз за меѓусебна поддршка во светло на растечкиот судир Курти – Вучиќ, судирот Запад – Курти и внатреалбанската поларизација Рама – Курти. Дали е тоа моментална поларизација или пак воскреснување на старите ривалства на Тирана и Приштина за лидерство во албанскиот свет, ќе видиме. Но факт е дека се случуваат поларизација и градење сојузништва. И не со оваа посета. На почетокот на годината Билал Касами одлучи да не учествува на средба со Еди Рама во Тирана. Изет Меџити, по мое разбирање, е единствениот пратеник од Македонија (и Албанија) што ја поддржа декларацијата на над 50 пратеници од Европа за поддршка на Косово (и Албин Курти) наспроти Србија (и Александар Вучиќ). Со оваа посета Албин Курти демонстрира дека Беса, Алтернатива и Демократско движење се преферирани партнери во Македонија.

Од другиот блок, преку Рамуш Харадинај стигна првото предупредување. Секако дека тоа нема да помине тукутака и во ДУИ, сигурно не со директен судир, но со хибридна војна. Но поважното а помалку коментирано мешање во внатрешните работи е сугерирањето на водењето на надворешните работи на Македонија, повеќе кон Косово, Албанија и Бугарија, а што подалеку од Србија. Курти како косовски премиер може да повикува на подобри косовско-македонски односи и ништо повеќе, сѐ друго е непокането мешање. Да скокнам на четвртата причина за бурата, регионалното замешателство. Веќе вториот ден, ненамерно или намерно, на водечки вести во Македонија доминираше изјава на Александар Вучиќ, кој секако ја искористи можноста да го обвини Албин Курти за великоалбанство и дестабилизација. Македонија не смее да се претвори во поле на натпревар на Албин Курти и Александар Вучиќ!
Вината на Беса, Алтернатива и Демократско движење? Тоа што посетата на странски премиер ја ставија во теснопартиски интереси веќе е одомаќена политичко-партиска злоупотреба. Сепак бурата ја предизвика тоа што посетата ја обоија со моноетничка иконографија, без државни знамиња, химна, исклучиво со албански фолклор, па до отворен национализам, шовинизам и иредентизам („Добре дојде во Албанија“, мелодија за спот за посета на косовски премиер на Тетово). Беса, Алтернатива и Демократско движење со настанот јасно покажаа дека ќе играат на картата на Курти и на национализам. Ова второто, национализмот, му се допаѓа на ДУИ.
Доаѓаме до власта, СДСМ и ДУИ. Поради нивната неспособност, можеби злонамерност, дозволија преименувањето на улицата од Втора македонска ударна бригада во Адем Демачи да се доживее како декомемориње на македонското и антифашистичкото, промовирање на албанското. Иако самиот Адем Демачи, како добитник на наградата „Сахаров“ од Европскиот парламент во 1991 година, заслужува одредена почит. Пишав, на ДУИ му се допаѓа дека Беса, Алтернатива и Демократско движење ќе играат на картата на национализам од две причини. Првата дека национализмот е домашен терен на ДУИ и ДУИ ќе преферира натпревар на тоа поле, а не на полето на владеење на правото и борбата против корупцијата. Зар Изет Меџити и Билал Касами мислат дека можат да го победат Али Ахмети на теренот на национализмот!? Второ, дека зголемувајќи ја националистичката реторика на Беса, Алтернатива и Демократско движење, која, ете, најжестоко ја осуди Стево Пендаровски, борејќи се за поддршка од ДУИ за претседателските избори, го оштетуваат опозицискиот капацитет на Беса, Алтернатива и Демократско движење со ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа води кон нова тиранска платформа за да се спречи влада на ВМРО-ДПМНЕ или, во најмала рака, го направи ДУИ поприфатлив партнер од Беса, Алтернатива и Демократско движење.
Во политичката бура не настрадаа само Адем Демачи и меѓуетничките односи. Настрада и идејата за пат Тетово – Призрен, кој се презентира како албански проект. Тунелот Тетово – Призрен, кој секако мора да биде предмет на анализа за трошоци/добивка, е најкратката можна врска не само меѓу Тетово и Призрен туку и меѓу Драгаш и Македонија, но и најкратка врска на Македонија со Албанија (Драч) и Црна Гора.
Дали овие мои мислења се албанофобија, изблик на србокомунизам? Петар Арсовски, политички аналитичар, неодамна обвини за една општа албанофобија, „фокусот кон корумпираноста на поединечни политичари некако премногу лесно се претвори во сеопфатна мантра „премногу им се даде на Албанците“. Дали е ова вистина или само дел од македонскиот самошовинизам? Дали е проблем „премногу им се даде на Албанците“ или „што добивме за возврат“? Дали е премногу по 22 години од Охридскиот рамковен договор и неколку години откако е прогласен за спроведен да се очекува лојалност кон Македонија? Дали е премногу да се очекува колективното неплаќање струја, ниската наплата на даноци да бидат минато? Дали е премногу да се очекува, не пеење, туку интонирање како знак на почитување на химната како државен симбол? И мене не ми се допаѓа државниот грб како комунистичка хералдика, но го почитувам. Дали е премногу да се очекува Орхан Муртезани од Алтернатива, кој тврди дека „оваа држава не ја разбира мултиетничката реалност – туку инсистира на моноетнички македонски државни симболи“, да ја разбере мултиетничката реалност на Чаир и Тетово и да не инсистира на моноетнички симболи и фолклор во средините каде што етничките Албанци се мнозинство? Дали е време политичарите на етничките Албанци да излезат од „жртви на србокомунизмот“ и да ја прифатат својата одговорност за мултикултурноста?

Авторот е аналитичар.

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...