Многу се причините зошто мора да има избори есенва

Колумна на Никола Тасев:

Нема полошо од бегање – напуштање на своето огниште. А Македонија тоа го има долго, долго низ својата историја. Деновиве се потсетивме на нашата голема бегалска трагедија од пред 75 години. Во чест на насилното протерување на нашинците од Егејска Македонија, во Чешка се отвори изложба на 20.000 црвени стапалки, како симболика за крвавите чекорчиња на протераните дечиња. Голема трагедија која ние не треба да ја ставиме во некоја архивска фиока. Треба да извлекуваме поуки.

А ги извлековме ли? Македонците и денес буквално бегаат од своите родни домови. Иако живеат во сопствена држава, неа властите им ја направија туѓа – па затоа заминуваат неповратно во странство. Не како некогаш, со оружје и присила, туку поради лошите политики што ги водат властите, поради безидејноста, немањето развој, правда и правичност, поради партизацијата… Народот масовно бега. Се уште стега во гради информацијата дека на почетокот на второто полугодие во февруари околу 150 дечиња од Кавадарци, Штип и Кочани не се појавиле на првиот час. Колку плус дечиња ќе отсуствуваат во септември? Колку цели семејства од другите градови трајно се отселиле. Со колку крвави стапалки, во иднина, ќе потсетуваме на оваа современа бегалска криза во Македонија?

Мисли ли некој во СДСМ и ДУИ како да се реши овој проблем што сами го прават? Има ли некој во македонската влада што сериозно гледа и кон стопанството, што размислува економски, развојно…да се грижи за државата, за народот..? Што прави власта за го подобри живеењето на граѓаните?

Ќе одговорам директно: ја партизира државата, ненормално се задолжува и уште поненормално троши, глуми дека прави реформи, тера пропаганда, угодува на странци и чека награда за тоа.

Уште ли партиски функционерчиња ќе стануваат директори на важни државни институции? Па нели ветија дека тоа нема да се случува и оти секое ново именување ќе биде транспарентно и со квалитетни кадри. Зошто баш во поранешниот неуспешен градоначалник на Карпош, од владата видоа кадар што ќе ја раководи Царината? Немаше ли некој „надоворешен“ да ја води оваа важна државна институција? „Се разговарало во Партија, му предложиле и тој прифатил“, вака го објасни Богоев своето назначување. Е оти не се разговарало во некое независно тело за избор? Баш ме интересира дали токму нему ќе му предложеле.

Или да го споменам оној „метеорологот“ од ДУИ, што и самиот призна дека не знаел на која институција го поставиле за раководител. Важно е да си партиски директор, сега и ако не знаеш што ти е работата – има време ќе се научи.

Што е со обемните управни одбори и неброени комисии? Колку милиони евра се трошат за хонорари на разни партиски членови кои се удомени во некои од овие одбори. Можат ли тие пари да се заштедат или да се искористат за подобрување на животот на сите граѓани.

А кога ќе се реформира администрацијата? Нели премиерот најави дека првин ќе се врши нивно оценување, па потоа реформирање. Каде заглавија? Па на истото место каде што заглавија и реформите во здравството, образованието, судството…целата држава.

Задолжувањето и ненормалното трошење е тема за која сум пишувал многу пати и немам намера да се повторувам, само ќе извикнам: Аманте бре луѓе, имаат ли крај вашите потреби за трошење државни пари! Толку ли сте гладни? Како буре без дно сте! Мислете малку за стопанството, за народот, за државата…

Еве и поради ова (а и многу други причини за кои нема место во текстов да ги набројам) на Македонија и се неопходни итни избори. Не е само неуспехот да направат промена на Уставот за што потрошија цел мандат. Избори се неопходни за да се откочат сите овие процеси за унапредување на државата, за развој на економијата и подобар живот на граѓаните.

Македонија мора во 2024 година да влезе со нова влада, со нови луѓе, енергија, стратегија… Оти вака ќе бидеме блокирани уште долго. Ниту ќе има економски напредок, ниту „живот за сите“, ниту пак ќе се откочи европски пат… Ќе има само розови очила преку кои власта ќе ни го презентира живеењето. Е токму тие розови очила народот ќе им ги симне од главата на итни избори. Тоа мора да се случи есенва.

Наместо идните генерации да се потсетуваат на ова време со црвени стапалки за иселени дечиња од Македонија, да го одбележуваат со убави чевли како симболика за современа и развиена Македонија. Ама со „овие на власт“ тоа не е можно!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Еве кои 16 ракометарки ќе настапат за Македонија на првиот дуел на СП

Денеска во Скопје ќе стартува Светското младинско првенство,...

Трампа меѓу Кил и Келце – Вулф во Германија, Беласен во Полска!

Според пишувањата на „Билд“, еден од најдобрите голмани Андреас...