Очи широко затворени пред газењето на Македонија

Затоа не случајно некој ќе кажува дека не постои Албанец што ќе ја пее химната „Денес над Македонија се раѓа…“ и што ќе го почитува државното знаме, бидејќи добар дел од тие што мислат така, всушност, немаат никаква врска со државата Македонија туку се дојдени од некаде другаде и во мислите повеќе им е таа друга држава отколку Македонија, која во суштина и не им е татковина. На оние Албанци на кои Македонија им е вистинска татковина, во ниту еден момент нема да им пречи химната бидејќи знаат дека и нивните предци што живееле на овие простори живееле во хармонија и разбирање со сите, си помагале со Македонците во најтешките моменти, делеле и лошо и зло, заедно војувале против фашистите и балистите, си ги почитувале празниците и славите, биле еден народ. Сегашниве на кои Курти им е премиер ги интересираат само Косово и Албанија и „тендеризмот“

Ниту неколку дена по неофицијалната посета на косовскиот премиер Албин Курти на општините Чаир и Тетово не стивнуваат реакциите во македонската, но и пошироко, меѓу јавноста во регионот, која изразува зачуденост како некој толку дрско може да ги погази територијалниот интегритет и суверенитет на државата Македонија и да мине без никаква одговорност.
Но тоа неповикување на одговорност и добивање толкава слобода да прави кој што сака во оваа држава е масло токму на меѓународната заедница, која дозволи од една нормална и функционална национална држава да се направи еден франкештајновски сурогат, кој само потсетува на држава по меѓународноправните обврски, но функционално е бездушен пациент чии ампутирани делови пукаат по сите основи.
Имено, кога во 1991 година беше прогласена независна Македонија, таа како државноправен субјект ги исполнуваше највисоките европски стандарди и тоа лично го потврди Роберт Бадентер, кој пред три и кусур децении ја изедначи земјава заедно со Словенија по нивната способност да бидат признаени како независни и суверени држави. Но и тоа не беше доволно, па се опструираше приемот на земјава во ОН и тоа се направи повторно со прекршување на меѓународното право, со референца и без можност земјата сама да го одбере сопственото име, што е основно право во согласност со Повелбата на ОН.
И сето тоа, со сите блокади и опструкции од соседните земји, функционираше десетина години, но веќе на влезот во новиот милениум стана јасно дека Македонија како држава на македонскиот народ и на другите малцински заедници е трн во окото на меѓународните играчи, исто онака како што беше трн и пред 100 и кусур години. Не попусто синтагмата „историјата се повторува“ постојано се провлекува, особено кога станува збор за Македонија, така што сето ова што сега се случува е резултат на редица наметнати одлуки и решенија однадвор, кои домашните политичари немаа доблест да ги одбијат и јасно да кажат дека тоа не е во интерес на Македонија и на нејзините граѓани. Или со прости зборови, не е функционално.

Откако со помош на меѓународната заедница се увезе воен конфликт во земјава со упад на терористички групи од соседно Косово почна да се креира наратив дека нечии малцински права биле загрозени и дека поради тоа мора да се менува карактерот на државата за да се создаде мултиетничко општество во кое малцинствата „ќе ги добијат загарантираните права“, кои и без војната ги уживаа. Голем број претставници Албанци, кои со своето знаење отскокнуваа, се наоѓаа и на раководни функции во политиката, ги имаше во научните институции, во образованието, во здравството и секаде каде што се бараше квалитет.
Но планот однадвор беше поинаков, да се направат такви експерименти со државата дури, па и самиот Бадентер во една пригода се зачуди и кажа дека и самиот не очекувал дека некоја земја може да имплементира во своето законодавство такви правни небулози како „балансерот“ и „Бадентеровото мнозинство“. Човекот беше свесен каква кармакаша ќе предизвика сето тоа, но беше „исклучен од игра“. На сцена стапи Охридскиот рамковен договор, кој 22 години нема никаква рамка, туку е еден правно неиздржан документ што од Македонија направи непрепознатлива држава и со кој де факто се реализира територијалното отцепување на делови од Македонија. Тие засега административно сè уште се водат во границите на државата, но функционираат како делови на една соседна држава.

Така, неодамна Албин Курти беше пречекан како премиер на сите Албанци, а со „добре дојде премиере“ пред извесно време беше пречекуван и албанскиот премиер Еди Рама. Од неодамна и официјалните соопштенија на државните институции почнаа да доаѓаат прво на албански јазик, а потоа на македонски, знамињата на Албанија се веат низ половина држава, а сега дополнително се одомаќинува и знамето на „голема Албанија“. За исвиркувањето на македонскиот јазик воопшто и да не зборуваме.
На сето тоа „огнениот“ Меџити само ќе прокоментира дека ако се апселе сите што веат туѓи знамиња цела држава ќе била уапсена. Но очигледно поранешниот интегративец заборава дека не е исто да се вее знаме што порано било официјално државно знаме на Македонија и да се виори знаме на соседна држава, уште помалку ако на тоа знаме се истакнати и територијални претензии. Што ќе се случеше ако за време на посетата на Курти на Чаир и Тетово се развиореа знамиња на некои други големи држави? Ќе им беше право? Секако не, оти секогаш кога е засегната нивната албанска кауза сите се борат како еден, без разлика дали се на власт или во опозиција, но кога станува збор да се распродаваат македонските национални интереси, тогаш се први пазарџии. Што вели нашиот народ, по туѓ грб сто стапа удри, не боли.
Затоа не случајно некој ќе кажува дека не постои Албанец што ќе ја пее химната „Денес над Македонија се раѓа…“ и што ќе го почитува државното знаме, бидејќи добар дел од тие што мислат така, всушност немаат никаква врска со државата Македонија туку се дојдени од некаде другаде и во мислите повеќе им е таа друга држава отколку Македонија, која во суштина и не им е татковина. На оние Албанци на кои Македонија им е вистинска татковина, во ниту еден момент нема да им пречи химната бидејќи знаат дека и нивните предци што живееле на овие простори живееле во хармонија и разбирање со сите, си помагале со Македонците во најтешките моменти, делеле и лошо и зло, заедно војувале против фашистите и балистите, си ги почитувале празниците и славите, биле еден народ.

Сегашниве на кои Курти им е премиер ги интересираат само Косово и Албанија и „тендеризмот“. Лицемерно е кога си ги полнат џебовите од државната каса да не им пречат ниту химната, ниту знамето, ниту јазикот, а потоа да зборуваат нешто друго.
И повторно, вината за сите овие состојби е кај меѓународната заедница. Таа криво ги насади работите пред 22 години, а сега сака уште повеќе да ги доискриви, така што притиска да се спроведат уставните измени. Па чуму ни се уставните измени кога државата ни се распаѓа, за полесно да се создаде уште еден бугарски ентитет? Очигледно некому Македонците му се трн во очите и работи на тоа сценарио.
Не бива таа работа, народот ја предвиде, па затоа крајно време е домашните политичари да ги отворат очите и да прекинат со изјавите од типот дека нема други алтернативи. За нив нема бидејќи секоја друга алтернатива ќе бара отчетност, знаење, одговорност, работа… Тоа очигледно не им одговара, оти немаат ништо од тие атрибути. Светот целосно се преструктурира и во една ваква констелација на односите да се разговара за внесување на Бугарите во Уставот е крајно несериозно. Африка им кажува не на големите сили, Јужна Америка економски расте, Кина се издига кон врвот, а Европа веќе никој не ја есапи како фактор. Затоа и не треба да зачудува дека повеќето моќни европски земји, почнувајќи од Франција, Германија, па и Австрија, Грција и други членки на ЕУ, си бараат алтернативи оти знаат дека вака веќе не оди. Попусто Брисел прави листи на земји-членки „идиоти“, тие си го тераат она што е во нивен интерес и во интерес на нивните граѓани. Тоа е визионерство, а не само да слушаш што другите ќе ти кажуваат што е добро за тебе.
Во едни вакви услови, кога не се знае што ќе биде во следните пет години и како ќе функционира светот, најдобро решение за нас е да почнеме да си ги средуваме работите дома. Да ги откорнеме ампутираните тела однадвор и да почнеме да создаваме здраво македонско ткиво во кое сите ќе имаат еднакви можности, каде што ќе се напредува според знаење, ќе се градат здрави и функционални институции ослободени од секакви квоти, каде што здравството нема да биде доходовен тендерашки партиски бизнис, туку ќе биде во функција на здравјето на граѓаните, каде што образованието ќе обучува способни кадри, каде што правосудството ќе суди според законите, а не според телефонските повици, каде што економијата ќе биде ослободена од неизвесностите и стегите што постојано ѝ се наметнуваат. Тоа е најпаметното што може да го направиме наместо слепо да слушаме што ни кажуваат другите. Доста кажуваа, време е да се потпреме самите на себе.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Дневен хороскоп за четврток, 29-ти февруари 2024-та

ОВЕННе ризикувајте да се потпирате на чудо што ќе...

Ангеловски: Алборг ни покажа зошто со Кил се најдобрите екипи во групата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...

Пешевски: Го одигравме најдоброто прво полувреме, но отворивме лошо во вториот дел

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар...

Кил ги освои бодовите на незгодното гостување кај ПИК Сегед

Екипата на Кил на гостувањето во Унгарија кај...