Охрид со победа се „чекира“ за Европа

Охрид со победа се „чекира“ за Европа

Тимот на Охрид со победа над Тиквеш со 29-24 го заврши настапот оваа сезона во суперлигашкиот плеј-оф и со освоеното четврто место по подолга пауза се враќа на европска сцена. Домаќините имаа контрола во поголем дел од мечот, иако упорните кавадарчани се вратија во игра за позитивен резултат во вториот дел. Сепак кога требаше да притиснат, Охрид одигра подобро и на крајот заслужено славеше.

Гостите почнаа одлично и отворија со водство од 5-2, но потоа охриѓани заиграа подобро во одбраната и набрзина се вратија во игра, израмнија на 6-6, а потоа Бојаниќ по една добро изработена акција донесе прво водство за домашните.

Кавадарчани продолжија со лошо организирани напади, па Охрид уште повеќе се одлепи на плус три, 9-6. Гостите веднаш излегоа од „црната дупка“ и преку Анастасовски, односно Мијатовиќ на два пати се вратија во егал.

Охрид одново беше во налет, Мацуока ја размрда играта, подели две асистенции, постигна гол и „гладијаторите“ си ги вратија плус три гола, 12-9. Потоа уште неколку грешки на кавадарчaни беа казнети со лесни голови и на пауза се замина со 16-11.

Tиквеш заигра подобро на стартот на вториот дел и успеа да намали на минус еден, 21-20, додека домаќините се мачеа да постигнат погодок. Беше и 23-22, но Мијатовиќ промаши пенал, Сафранко даде гол на спротивната страна и Охрид поведе со 24-22.

Гостите промашија два пати на празен гол, потоа одбрани и Ристевски, па уште еден нереализиран напад и казната стигна преку Сафранко за 25-22 на десетина минути до крајот на мечот. Немаше веќе шанси за Тиквеш да стигне до позитивен резултат и Охрид смирено го доврши мечот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ојлески со осум голови, како и Сафранко и Цирар со по пет, додека во составот на Тиквеш се истакнаа Мијатовиќ и Анастасовски со по седум погодоци.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ