Овации и долг аплауз во Тирана за актерите од Народен театар Битола

По 30 години ансамблот на НУ Народен театар-Битола настапи на сцената Artturbina на Народниот театар во Тирана со изведба на претставата „Артуро Уи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани и беше поздравен со долг аплауз и овации од публиката во преполната сала.

„Претставата „Артуро Уи” е една од најфамозните на 20-от век, поставувана во многу светски театри, а сега на мое задоволство и во Битола. Цела претстава ја изработивме според „методот” на Брехт и верувам дека публиката ќе ужива во улогите на актерите во претставата“, рече режисерот Ријани.

Како за режисерот така и за актери работењето на една таква претстава е вистински предизвик. Иван Јерчиќ кој го игра ликот на Артуро Уи во истоимената претстава за Трн ќе рече дека соработката со Ријани е едно големо искуство.

„Кога започнуваме да ја работиме претстава ние и немаме некои очекувања. Тргнуваме од некаква отворена форма, што се вели од бел лист хартија, и најмалку размислуваме на финалниот продукт. Многу поважно ни беше како тече целиот процес на работа, а големиот резултат си дојде сам по себе. Лично за мене тоа е едно огромно задоволство. Морам да признаам дека приемот беше одличен. Ќендрим Ријани е одличен режисер кој веќе има работено во Тирана и во остатокот од Албанија со тоа што е многу познат за театарската публика, а работи и на Факултетот за драмски уметности. Сето тоа беше појдовна точка и гаранција дека публиката во Тирана ќе се заинтересира за претставата во наша изведба. Салата беше преполна, искрено имаше толку многу публика дури и повеќе од очекуваното“, вели Јерчиќ.

И за младиот и талентиран актер Никола Стефанов самата претстава и изведбата пред албанската публика се едно позитивно и големо искуство.

„Премиерата на „Артуро Уи“ беше лани на шести мај, во која го играм ликот на Гивола. Со оваа претстава, ова е наше прво гостување надвор од Македонија и по три децении македонскиот јазик одекна на театарската сцена во Тирана. После вчерашната изведба се уште ги сумираме импресиите и впечатоците. Морам да признаам ова е едно позитивно и големо искуство. Чест е да се биде дел од претстава на Ријани. По завршувањето на истата, публиката не испрати со голем аплауз и силни овации“, вели Стефанов.

Покрај овие двајца актери во претставата играат и Илина Чоревска, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска- Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски и Александар Стефановски.

Како асистент на режија се потпишува Јован Ристовски, драматург Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, додека зад костимографијата стои Благој Мицевски. Музикат е на композиторот Тимор Доми.

Ова прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија е реализирано со поддршка на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана.

Инаку како што истакнува Билјана Крајчевска, драматург, „Задржливиот подем на Артуро Уи“ на германскиот драматург и режисер Бертолт Брехт – политичка пиеса напишана 1941 г. за време на неговото прогонство во Финска – е сатирична алегорија која низ парболата за фиктивниот мафијаш Артуро Уи (кој за време на Големата Депресија во 1930 г. во Чикаго се обидува да ја контролира и рекетира трговијата со карфиол) всушност го опишува издигнувањето на Адолф Хитлер и Нацистичката партија во Германија пред почетокот на Втората светска војна.


Post Views:
18

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ