Порнократија на наш начин – Република

Васко Шутаров

Еден од најлуцидните мислители на минатиот век, германскиот филозоф и писател од еврејско потекло, Валтер Бенјамин, во еден свој познат есеј запишал:

„Живееме во времиња во кои доминира еден нов културолошки код и во кој принципот на изложливост ќе биде апсолутно доминантен. Ние сме опкружени со голи тела, наменети само за изложување!“

(Со оглед на фактот дека овој есеј е напишан пред 90-ина години, можеме само да констатираме колку луцидниот дух на несекојдневниот и тогаш неразбран мислител, бил всушност –пророчки)

Валтер Бенјамин, бил исклучително оригинален мислител, имал своја идеологија, бил социјалдемократ и марксист, а подоцна и ленинист. И како што обично бидува со оние кои не летаат во јато, Бенјамин својата интелектуална слава ја стекнува децении подоцна, по неговата смрт во 1940 година. Денес, кога порнократијата без сопствена идеологија, станува доминантен тип на владеење (посебно кога владеат модерните социјалдемократи и поранешните марксисти-ленинисти!), потсетувањето на оваа оригинална и сè уште актуелна критика на изложеното голо во општествата, а посебно на голото во политиката, станува неопходна и ургентна!

Порнократијата во време на социјализмот со човечки лик

Изложувањето на голото во државите на комунизмот беше сметано за типично западен феномен и одлика на моралното пропаѓање на „гнилиот капитализам“. И југословенскиот социјализам со човечки лик сакаше да има потполна контрола над голото тело за изложување и требаше да поминат години и години за да се покаже нешто голо и тоа најпрво од женското тело, и во обланда од „софт или модест“ еротика. Тоа беа, истовремено и времиња, кога низ пукнатините на дотогаш монолитната комунистичка владејачка структура, почнаа, до широките народни маси да пробиваат и голотијата на личниот, тесно-партискиот и етно-националниот интерес. Крајно луцидно и лукаво, со секое пробивање на тие соголени пукнатини во политичките борби за гол интерес, југословенското комунистичко раководство дозволуваше делумно изложувања на голи тела, што на филмското платно, што во печатените медиуми.

Тито, во еден од неговите долги телевизиски монолози, со ништо непредизвкан, еднаш ќе каже дека за него во младоста најдобра забава биле циркузите и еротските филмови прикажувани во патувачките кина од Пешта. Можеби затоа и не било посебно тешко да биде убеден, дека социјализмот со човечки лик мора да промовира и продава и голо тело – првенствено женско тело! Така, голотијата и мрсните приказни стануваат составен дел од сликата за социјализмот со човечки лик, а како парадигма за таа слика може да послужи познатата илустрација на славниот сликар Лирој Ниман, кој во еден летен број на „Плејбој“ објавува слика, на која, зад неколку голи жени кои излегуваат од море, на карпа, стои испишано името Тито. Тоа е знак, дека во пикот на ерата на светската сексуална револуција, ќе пукаат стегите и како пупка ќе се отвори голотијата во тогашното југословенско општество.

Шпела Розин, Беба Лончар и Силва Кошчина се првите голи изложени актерки кои му се подаваат на социјализмот со човечки лик, како своевиден нов опиум за народот. Во скоро секој филм, освен партизанските, пука по некое ново разголено женско торзо, а веќе со „Мистеријата на организмот“ (оргазмот!) на Душан Макавеев од 1972 година, во некои ласцивни сцени (како земањето калап од пенис и машината за оргазми!), југословенскиот филм ќе ја запрепастува и блазираната публика по светските кина.

Југославија, за сите останати социјалистички земји, беше своевиден излог преку кој можеа да се видат сите слободи од западот, па и еротските слободи. Во трафиките, никнуваат како печурки по дожд, неделници и месечници кои нудат и квалитетна еротска фотографија и сериозни новинарски текстови. Голотијата тогаш се нуди умерено, дозирано на лажичка, а урбани легенди велат дека писмата на читателите за теми од сексот, во еден од првите еротски списанија ЧИК, ги пишувале Матија Беќковиќ и Брана Црнчевиќ. Друга урбана легенда вели дека Миљенко Смоје, најчитаниот сплитски публицист, една од своите најчитани колумни ја пишува инспириран од „Последното танго во Париз“ од Бернардо Бертолучи, чие интегрално прикажување, сосе ласцивните сцени со путерот, се гледале слободно во сплитските кина,! Тоа е време кога загрепскиот месечник „Старт“, првично замислен како магазин за автомобили, во трката за читаност и тиражи, почнува да го имитира „Плејбој“, да објавува исклучително квалитетни дуплерици со голи девојки, но и да биде пример за интелектуална префинетост и ангажираност.

Како се ближеше распадот на Југославија и социјализмот со човечки лик, голотијата, полека но сигурно, го полнеше севкупниот јавен простор, а дотогаш воздржаната и срамежлива еротика попушташе пред налетот на чистата порнографија, веќе консумирана на големо! Непосредно пред распадот, кон крајот на 80-тите години, списанието „Еротика“ почнува да пласира најотворени порнографски содржини и да се продава во 500.000 примероци. Но, дури и таквиот период бележи брилијантни вредности, како што се боцкавите еротски текстови на Игор Мандиќ, подоцна објавени во книгата „Пријаповиот проблем“.

Порнократијата денес!

Ако под порнографија разбираме нешто што е до крај отворено и нескриено, бесрамно, вулгарно и оголено од секакви предрасуди или табуа, под порнократија разбираме исто такво владеење, со ништо непокриено, бесрамно, отворено и вулгарно, потполно соголено од какви било морални вредности, принципи и скрупули.

Распадот на социјализмот со човечки лик проследен со најпримитивната варијанта на првобитна акумулација на капиталот и сеопштиот грабеж на дотогаш општото и заедничко добро, паралелно, на голема врата го отвори пазарот на голи тела – сечии и ничии! Транзициското владеење, потполно соголено од срам и морал, го следеше постојан дефокус со отворањето на порнографскиот пазар од секакви голи изложени тела. А, зад фронтовите, рововите и урнатините во меѓусебно разгорените војни помеѓу некогашните југословенски републики, се вртеше заеднички пазар од „секс, лаги и видеоленти“!

Многу набргу, новооснованите држави и нивните транзициски порнократи, разбирајќи ја во потполност потребата за бегство од суровата реалност, посебно во пределите на дотогаш забранетото, создаваат еден јавен простор во кој приватноста, интимата, чувственоста, љубовта и достоинството се предадени на пазарот на кој секој секого може да го соголи, да го понижи, да го клекне на колена, а послабиот нужно да мора да му се подаде на помоќниот! Новата транзициска порнократија (братија од нови политички ликови и новопечени олигарси) милува јавните и признати интелектуалци како и моќните новинарски пера да ги третира исто како што порно-кралевите ги третираат порно-актерите! Ако си и малку обдарен со талент за пишување или поседуваш нешто малку талент за работење зад грб, имаш доволно јавен простор да кажеш и напишеш, за кого било и за што било, што било – и да успееш во животот! Политичката порнографија почнува да цвета, бесрамни гадости да ги полнат таблоидите, а секој добива можност секого да го соголи и да го повреди, а зошто не и потполно да го уништи!

Порнократијата и пазарот на вниманието

Кога во 2016 година се појави платформата Only Fans, порнократите од цел свет, па и од нашиве балканско-транзициски простори, можеа да ликуваат и да здивнат! Веќе во 2021 година оваа платформа имаше 2 милиони изведувачи и публика од преку 130 милиони корисници. Изложувањето на голото тело доживува невидена експанзија, иако не сите содржини на платформата се еротски – овде своите минути слава ги бараат и бројни музичари и фитнес-тренери, на пример! Но, се сомневам, дека на овој нов пазар, можат некогаш да поминат и добри новинари, колумнисти, писатели, интелектуалци кои сакаат нешто значајно да кажат!

Највносната заработувачка денес се остварува токму на тој пазар -на пазарот на внимание, каде најдобро заработуваат оние кои нудат перфектно извајани тела. Перфектно избрусената, моќна и слободна мисла, тешко го следи и уште потешко го пробива патот до тој пазар на внимание! Најголем проблем за интелектуалните содржини во новово време е краткиот домет на концентрацијата, кој актуелно се мери во делови од една минута!

Во така искреираното и испровоцирано постлиберално општество, веќе тешко се продуцира состојба на шок и полно внимание. Оваа сеопшта летаргија е предизвикана од долгогодишното содомизирање од страна на политиката, економијата и индустријата за забава, модерното свето тројство на порнократијата!

И легитимно е прашањето, во овој контекст, дали овде се гледа крајот на порноманијата и порнократијата?! Ако му веруваме на познатиот психолог Филип Зимбардо и неговата студија со наслов „Смртта на мажот“ (мажот, како порнофил и порнократ!), сериозно мнозинство од новата генерација момчиња, имаат голем проблем да започнат комуникација со девојки кои реално им се допаѓаат, имаат страв од одбивање и потполно отсуство на иницијативност! Сè повеќе девојки ќе ви се пожалат дека е така, а сè повеќе јавни места на кои одвоено седат девојчиња и момчиња, го потврдуваат истото!

Неодамнешни истражувања на врвни германски невролози, научно ја поткрепуваат претпоставката дека прекумерното консумирање интернет-порнографија, создава и промени во мозокот! Скенирањата на мозоците на 64 мажи, кои биле зависни од порно содржини, покажуваат намалување на делот од мозокот наречен стриатум – задолжен за мотивација! Овие мажи, генерално, не се само демотивирани во пристапувањете кон жените, туку и за каква било животна акција – демотивирани се за свој кариерен напредок и развој, за каква било животна борба или општествена промена! Со други зборови, прекумерното консумирање порнографија ги претвора мажите во пасивни и депресивни живи суштества, а во комбинација со порнократијата која ги поттикнува таквите процеси – во празни пластични шишиња, пуштени низ вода!
…………………….
И каква врска имаат наследниците на Валтер Бенјамин-социјалдемократите и марксистите-ленинисти, со актуелната македонска власт?! Пред 90-ина години германскиот мислител предупредувал дека изложувањето на телото, нашата најголема приватност и нашиот интегрум, може да стане предмат на јавна расправа. Тој клучен момент, на трансфер на приватното во јавно, го прави едно општество порнографско, а власта која го поттикнува тоа, порнократска!

Денешната македонска власт, преку акумулација на сето стекнато знаење од владеењето во време на социјализмот (и со човечки лик?!), а посебно преку долгото транзициско практикување власт, порнократското го смета за стандард преку кој најлесно и најуспешно може да владее! И затоа им нема рамен во порнократското, бидејќи освен телото и јавното пазарење со него, со невидена леснотија и сè останато што е човечки интегрум: името и припадноста; духот и душата; традицијата и наследството, од пределите на најприватните и најинтимните чувства го пренесоа во недозволените предели за јавна (и тоа меѓународна) дебата и го изложија да биде предмет на јавно пазарење (на меѓународен пазар)

За голиот пазар со уцени и купување пратенички гласови, за сите преземени улоги и услуги за исполнување на туѓи желби и страсти, за судско-обвинителските перверзии, за поткупливоста и корумпираноста до гола кожа, за голиот пазар на струја (небаре се договора сексуална услуга на улиците на Амстердам или Хамбург, за 50 евра!), за бесплатното користење луксузни автомобили, што од државата, што од блиски соседи и за сè останато типично порнократско, до следното читање!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

ИЗБЕРЕТЕ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – ЖЕНИ (АНКЕТА)

Втора сезона по ред редакцијата на 24Ракомет, единствениот...

ИЗБЕРИ ГО ИДЕАЛНИОТ ТИМ НА СЕЗОНАТА 2023/2024 – МАЖИ (АНКЕТА)

Зад секој успех на тимот стојат и поединци...