Пркосот раскажува моќни приказни – Република

Пркосот раскажува моќни приказни – Република

Васко Шутаров

Според една од поновите теории за формирањето на нациите, онаа на австралискиот научник Пол Џејмс објавена во 1996 година, тој процес секогаш се одвива во три стадиуми. Првиот стадиум се состои во создавање голема национална приказна, базирана на одредени митови, легенди, а понекогаш и на вистински историски факти! Во вториот стадиум, националната интелектуална елита ја редизајнира таа голема приказна и ја прилагодува на новото време! Третиот стадиум би се состоел од дисеминација, т.е. проширување на големата приказна, секаде каде постојат припадници на таа нација.

Повеќе или помалку, и големите и помалите, како и порано или подоцна формираните нации, основата на своето раѓање и создавање ја имаат во одредена посебна, различна од другите и најчесто необична приказна поврзана со некој херојски подвиг или натчовечка пожртвуваност, околу која се хомогенизирала одредена нација. Денес, кога скоро секоја национална историја вложува максимални напори да изнајде доволно релевантни факти за да ја поткрепи во целост својата голема национална приказна, најнеблагодарна работа што може една национална историја да ја има е да го проблематизира исклучивото и легитимното право на секоја нација на своја изворна национална приказна.

(Тоа не е само неблагодарна, туку во модерниов контекст на нови историски наративи и контексти сосема депласирана, и секако вулгарна појава, бидејќи националните приказни ги пополнуваат, како пределите од колективното свесно и несвесно, така и пределите на најличното и најинтимното!)

Денес, модерните народи и современите држави, имаат многу малку простор во креирањето на националните и државните приказни да се служат со факти што немаат допир со реалноста, со вистината или со емпириски научната докажливост. Денес, најдобрите приказни што за себе ги раскажуваат модерните држави и народи мора да бидат комплетно засновани на цврсти факти и јасни показатели, бидејќи тие приказни се многу лесно проверливи и во секој момент споредливи со нивото на вистинитост содржано во нив.

(Иако, чесно е да се признае дека не постои ниту една поголема државна пропагандна машинерија во светот, како во минатиот, така и во новиов век, која не посегнала по креирањето нова митологија, добро познавајќи ја исконската потреба и на модерниот човек за пополнување на неговиот интимен простор, кој некогаш го населувале митови и легенди од минатото, со нови митови поврзани со ѕвездите и хероите на модерново време.)

И од денешниве добри државни и национални приказни, можеби веќе утре некој ќе создаде нов мит, но тоа, само затоа што некаде постоел и пркос и подвиг на одредени визионерски обдарени и храбри лидери, кои успеале да прескокнат и историски епохи и географски и културолошки детерминанти, за да го направат и животот на својата и животот на следните генерации, многукратно подобар, поздрав и посреќен! Таков современ мит се создава околу раскажувањето на модерната сингапурска приказна, една од најнеобичните и најмоќни приказни од втората половина на минатиот век, која сè уште служи како парадигма и мотив на помалите држави и народи да успеат, да се надминат и себеси и сите пречки кои им стојат на патот кон успехот.

СИНГАПУРСКАТА МОДЕРНА ПРИКАЗНА
На еден премал простор, недалеку од брегот на Малезија, се наоѓаат 60 мали питорескни островчиња, меѓу кои и најпознатиот од нив, Сингапур. Името што го носи, на санскритски означува „град на лавовите“, што е всушност, резултат на една погрешна перцепција на експедицијата на еден суматрански принц, кој по силна бура на море, залутал до брегот на Сингапур во 14 век и видел непознато и страшно животно! Мислел дека е лав, но всушност тоа бил тигар што ги населувал тие непознати простори! Како и да е, од 14 век до денес, останало името Сингапур, но останал и фактот дека, разноликото домородно население не успеало културолошки да се обедини околу овој мит за „земјата на лавовите“ – и од тоа да создаде единствена национална приказна!

До почетокот на 19 век, на местото на денешен Сингапур постоело само мало рибарско село, со многу малку обработливо земјиште и скоро без никакви природни ресурси. Развојот на Сингапур започнал во 1819 година кога претставникот на британската кралска власт, Сер Стемфорд Рафлс, го прогласил овој град за британска сопственост и седиште на Британската источно-индиска компанија. Благодарение на исклучително важната стратешка позиција помеѓу Индискиот Океан и Јужното Кинеско Море и неговото огромно длабоко пристаниште, Сингапур постепено, но сигурно прераснува во едно од најпрометните пристаништа во светот.

Но, она што е Сингапур денес, тоа е плод на една многу автентична и несекојдневна приказна во историјата на современите општества и држави, а се случува со стекнувањето независност во 1965 година и со необичниот сплет на среќни околности, иднината на Сингупар да ја креира една исклучително пркосна и достоинствена, визионерска и со многу мудрост и знаења обдарена личност! Од неговите двотомни мемоари и неговата последна книга „Погледот на еден човек на светот“ и ден денешен учиме за успешната приказна наречена Сингапур, но и за таткото на модерниот Сингапур – Ли Куан Ју!

Ли Куан Ју – човекот што пркосеше и раскажуваше совршена приказна за два века
Кога Ли Куан Ју ја презема одговорноста за Сингапур во 1965 година, малкумина веруваа дека малата земја, опкружена на север со големата Малезија од која и стекна независност и на југ со непријателски настроената Индонезија, ќе може воопшто да опстане како независна држава! Минијатурната држава во која покрај недостигот на други ресурси, недостига и земјиште, посебно плодно, (па тоа обично се носи од ридестите предели, од морското дно или се купува од соседните земји), стана и единствен пример на држава која територијално постојано расте, од 581,5 километри квадратни во 1960 година на 697,2 км2 во 2003 и се очекува да се зголеми со нови 100 км2 до 2030 година.

Во 1965 година, кога на Ли Куан Ју му се укажува историска шанса да го создаде новово светско чудо, бруто домашниот производ по глава на жител во Сингапур бил едвај околу 400 долари, а корупцијата била насекаде распространета. Но, Сингапур не само што преживеа, туку под водство на Ли стана една од најуспешните и најбогатите земји во светот! Потполно свесен за сите препреки кои ќе му стојат на патот, две години пред независноста, Ли Куан Ју изјавува дека на Сингапур му недостигаат трите основни предуслови потребни за да стане нација – хомогено население, заеднички јазик и заедничка култура! Сепак, ни тоа не го поколебало во градењето на неговата визија за Сингапур како држава – центар на регионалната, а подоцна и на глобална извонредност!

Просечни политичари и лидери од просечен ков обично би се жалеле на таквото тешко наследство, но Ли Куан Ју храбро го прифаќа сетот од поделени карти што ги има во раце и ја започнува храбрата игра за претворање на сите наследени слабости во силни страни на младата земја во формирање. Веднаш го наметнува англискиот јазик како лингва франка -задолжителен јазик за разнородното јазично подрачје, а отсуството на обединувачко културолошко ткиво заедничко за сите, го надоместува со воспоставување сеопфатен и моќен образовен систем, како и задолжителен воен рок во новоформираните воени сили, што заедно чинат два моќни обединувачки фактори за младата држава.

Ли Куан Ју бил цврсто убеден дека мала земја не може да опстане или да напредува ако има неспособна, па уште и корумпирана влада! За да ја елиминира корупцијата, но и да ги привлече најдобрите кандидати во државната служба, тој решил сите државни и јавни службеници да бидат дебело платени, а над глава им висел и бескомпромисниот судски систем под негова контрола, кој немал милост за ниту едно коруптивно дело. Денес, само половина век подоцна, Сингапур е на врвот во светот по најповолна перцепција за корупцијата и на врвот од најбезбезбедни држави во светот!

Како државник, Ли Куан Ју бил неуморен промотор на нови и храбри идеи, во кои цврсто верувал! Пркосот, цврстата верба дека знае и може да ги реализира тие идеи, резултирале со спектакуларни промени на подобро! Денешниот БДП на Сингапур, со повеќе од 90.000 долари по глава на жител, е еден од најголемите во светот! За само една генерација, тој го трансформирал Сингапур од сиромашна населба, во финансиски, технолошки и интелектуален центар на Азија. Сингапур и денес останува неприкосновен симбол за пробојот на државите од третиот свет, до врвот на најдобрите и најбогатите во светот!

Развојното чудо на Сингапур не остана незабележано во остатокот од светот и многу брзо Ли Куан Ју станува омилен советник на светските лидери, вклучувајќи ги сите американски претседатели од Линдон Џонсон, преку Ричард Никсон, па до Барак Обама, како и советник на сите кинески лидери, од Денг Ксијаопинг до Кси Џинпинг. Никсон го споредувал со легендарните државници како Дизраели, Бизмарк и Черчил, а Маргарет Тачер јавно признавала дека ги читала сите негови говори и дека тој никогаш во ништо не погрешил!

Неговата последна книга, неговиот политички тестамент со наслов „Погледот на еден човек на светот“, денес станува задолжително четиво за сите оние кои сакаат да знаат во кои правци ќе се движи светот! Годиниве кои штотуку ги живееме, ги потврдуваат неговите визионерски предвидувања како неверојатно точни! Користејќи го богатото државничко искуство и длабокото познавање на економијата, историјата и меѓународните односи, Ли Куан Ју, во наследство на сите ни остави практичен прирачник, по чии координати ќе се движи и менува светот, а светот се движи токму по тие негови проектирани патеки!

Од големите теми опфатени во книгата, разбираме многу јасно дека Кина и во иднина ќе се држи до јакиот и централизиран систем на владеење, дека САД ќе бидат крајно вознемирени од нејзиниот подем и на сите начини ќе се обидуваат да го држат за себе ексклузивниот светски врв, дека Европа ќе продолжи да потонува и паѓа во неслога, дека Блискиот исток ќе остане во својата „пролет без лето“, дека допрва нè очекуваат најлошите сценарија поврзани со енергетските ресурси и климатските промени, а на личен план, следејќи ја филозофската мудрост карактеристична за Далечниот исток, Ли Куан Ју ќе запише: „Треба да го одбереме вистинскиот момент кога да си одиме! “

А за помалите земји, како неговата или како нашата, освен пркосот поткрепен со многу волја, многу знаења и умеења, Ли Куан Ју ни остава поука и исклучително корисен увид, како една прилично неважна земја која не може да ги промени „глобалните или регионални правила на игра“, а мора да остане поврзана со светот, треба да знае правилно да ги интерпретира сите глобални трендови и паметно да ги искористи во функција на сопственото афирмирање, патем, раскажувајќи своја автентична и успешна приказна…

И затоа приказната продолжува да трае… Сингапур и понатаму е држава со најдобар здравствен систем во светот, најдобри образовни резултати според ПИСА тестирањата, најдобро хармонизиран сооднос на урбаното и еколошкото, со најдобро решен сообраќај, со врвна јавна хигиена, со најголема безбедност и со најдобри услови за водење бизнис и трговија! И секако, најдобро место за раскажување успешни животни и национални приказни… иницирани од пркосот и волјата за успех и моќ, на еден човек! Ли Куан Ју!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Една од најдобрите руски ракометарки става крај на кариерата!

Една од најдобрите руски ракометарки, Екатерина Илина, ја...

Познати 20 учесници на Мундијалот во 2025 – еве ги можните ривали на Македонија

Откако беше комплетирана листата на учесници од Европа...

🎥 Тимур Дибиров тренираше под палката на неговата сопруга Ирина

Хрватскиот првак Загреб се уште не ги започнал...

We Are Seeing the Emergence of a New Way the Kremlin Pursues its Enemies

Olesya Kravtsova, an activist and journalist from Arkhangelsk, recently...