Прва радост за Струга – Бугариновиќ ги матираше кумановци

Тимот на Струга по поразот од Охрид во езерскиот двобој, ја забележа првата победа во новата од суперлигашката конкуренција, откако на домашен терен беше подобар од Куманово со 30:26.

Гостите парираа во поголем дел од мечот, но една „црна дупка“ од 40 до 45 минута беше пресудна да останат без бодови и во второто коло. Стружани ги залечија раните по првиот пораз, па сега растоварени ќе патуваат во Кавадарци кај Тиквеш во следното коло.

Кумановци подобро го отворија натпреварот. Поведоа со 5-1 на стартот и покажаа дека нема да бидат лесен плен. Но кон средината на првиот дел им снема идеја во нападот, па домашните се вратија во игра.

Избраниците на Наум Танески предводени од средниот бек Петар Бугариновиќ израмнија на 8-8, а потоа двете екипи се менуваа во водство, но на пауза се замина со нерешено, 13-13.

Гостите парираа колку што имаа сили – во првите десетина минути од второто полувреме, кога беше 19-19. Потоа следуваше една домашна серија од пет гола за пет минути и тогаш се реши победникот.

Почнаа крилата Костоски и Мојсоски, продолжија Бугариновиќ и Тренчевски и Струга веќе беше на плус пет, 24-19. За момент Куманово намали на минус три, но немаше многу време за гостите да се вратат комплетно во игра и победата и бодовите останаа во Струга.

Најефикасен на средбата беше членот на Струга, Петар Бугариновиќ со 11 постигнати погодоци. Кај Куманово се истакнаа Иван Димитров со девет и Јован Даневски со шест реализации.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ