Распад-систем

Васко Шутаров

„Распад систем“ – дали сте гледале таква претстава?

Се облекувате како за во театар и заминувате да гледате претстава за која сите зборуваат. Се раскомотувате во гардероба и збунето гледате како еден од сценските работници, панично бара некое куче и патем, ве потбутнува! Влегувате тивко в сала, подготвени да ù се предадете на магијата која само „штиците што живот значат“ можат да ви ја доловат. Седнувате и се загледувате во раскошната сценографија, која треба да асоцира на ентериер од некогашен отмен дом, но (гледај чудо!) – сценски работник го поправа огништето, а напомош му се придружува и гледач од публиката. На сцена излегува и тон-мајсторот и замолува, ако некој во салата го најде неговото изгубено цеде од AC/DC, да го донесе до микс-пултот. На сцена излегува и режисерот на претставата и наместо да се извини за ваквиот почеток, почнува да држи френетичен говор за неправдите што ù биле нанесени на претставата од програмската комисија во театарот и други државни комисии и како токму преку оваа претстава ќе успеат сите да ги победат, но најнапред, сите што им згрешиле да ги уловат, како во „Стапицата за глувци“ од Агата Кристи. Публиката го проголтува и овој необичен театарски чин и чека претставата конечно да почне!

На сцена излегува целата актерска екипа што треба да ја игра „Стапицата“ од Агата Кристи, но во адаптирано сценарио, насловено како „Убиство во замокот Хавершам“, од анонимна авторка Сузи Х.К. Брајдсвел. Заплетот е типичен како за секој класичен трилер: младиот и богат Чарлс Хавершам е пронајден мртов на својот кауч на денот на неговата свршувачка, а локалниот инспектор Картер ги собира сите осомничени од имотот, за да го пронајде убиецот. Како што напредува истрагата, се открива дека свршеницата на Чарлс имала афера со неговиот брат. Исто така, јасно е дека убиениот Чарлс всушност е жив, бидејќи кога го изнесуваат, носилката на која го носат се расклопува и тој почнува да ползи по сцената. И како по законите на Марфи, кога најмалку треба нешто да тргне наопаку, сè тргнува наопаку – и на претставата ѝ се случува „театар во театар!“

Наеднаш почнуваат да паѓаат делови од сценографијата, една врата заглавува и не може да се отвори, па актерката влегува преку прозор на сцена, се губат реквизити, па наместо со клуч, вратата ја отвораат со пенкало, а наместо на нотес, запишуваат на една вазна! Еден од актерите го заборава текстот и реплицира на веќе поминат дијалог, поради што цела низа од дијалози ја враќаат претставата кон почетокот, актерите не ги следат меѓусебните знаци, а некои излегуваат од карактерите на ликовите што ги играат и почнуваат да зборуваат на сленг и на својот дијалект.

И паузата меѓу двата чина не е ништо помалку чудна – зад спуштената завеса публиката го слуша главниот јунак како одговара на мобилен телефон: „На работа сум, мајко! Да, јаден сум!“

The post Распад-систем appeared first on Република.

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...