СЕДМЕРЕЦ: Ден за историја и памет за друг пат!

Прва тренерска титула за Кире Лазаров, прва Куп титула за Алкалоид и двојна круна за ЖРК Ѓорче Петров токму на 19 мај, денот кога Кометал ЃП пред 22 години на Македонија и ја донесе првата европска титула

1.Пехарот се врати во Автокоманда

По еден куп освоени титули и пехари во играчката кариера, Кире Лазаров го  подигна и првиот тренерски пехар. РК Алкалоид под негово водство ја освои титулата во 31.издание од Купот на Македонија. Историски момент и за легендата на македонскиот ракомет и за најмладиот клуб на македонската ракометна сцена.

И уште еден голем исчекор за „новите сини“ од Автокоманда во кусата клупска историја во која за една година од дебитант станаа суперлигаш, за две вицешампион, за три победник во Купот на Македонија.

Погледнато низ историјата, пет години по последната Куп титула на Металург во 2019 година, престижниот пехар се враќа во Автокоманда, сега со нов сопственик.

Додуша, титулата не беше баш „апсолутно неочекувана“, но факт е дека Алкалоид на патот до неа во три дена (што е пак друга приказна), ги победи двата најголеми ривали. Прво во полуфиналето го елиминира Вардар како бранител на титулата, а потоа во финалето на седмерци го доби Еурофарм Пелистер и ја „елиминира“ надежта на битолчани за освојување на двојната круна, што воопшто не е мала работа.

Да биде иронијата поголема, судбината на битолскиот тим ја запечати младиот битолчанец Иван Галевски. Со неполни 20 години Галевски искусно го бранеше голот на Алкалоид и го реши и полуфиналето со Вардар и мечот за Куп титулата со Еурофарм Пелистер и беше една од најсветлите точки и придобивки во годинашната не баш многу репрезентативна завршница во Купот на Македонија

Кога се ќе се сумира, генералниот впечаток е дека тимот на Алкалоид на завршниот турнир влезе со најголема желба, најмотивиран, најдисциплиниран и тактички најдобро подготвен. Забележително доминантна над сето тоа беше „раката на Кире Лазаров“, со јасен преглед на играта, навремени реакции, корекции и прецизни насоки. Го сакале или не со сите доблести и маани, факт е дека Лазаров и тренерски веќе се издигнува на ниво многу повисоко и се подалеку од домашната самозадоволна просечност.

2.Фокусот на титулата, Купот ради реда

Иако не така одамна во пресметката од суперлигашкиот плеј-оф, Еурофарм Пелистер демонстрираше надмоќ и супериорност над вицешампионот и со 10-ка го исфрли од борбата за шампионската титула, во Куп завршницата, неочекувано, видовме многу поинакво издание на актуелниот шампион.

Силна преписка, голема офанзива и бурни реакции пред завршниот турнир (во голем дел оправдани, ама за тоа потоа), и после настап во дијаметрално спротивна насока! Според капацитетот, квалитетот и настапите во суперлигашкиот плеј-оф, Еурофарм Пелистер со право се издвојуваше како прв фаворит за освојување на Купот. Но, шампионот на терен, во овие два натпревари баш и не личеше на фаворит. Стани-падни победа против Тиквеш во полуфиналето и инфериорна улога и пораз од Алкалоид во финалето.

Наместо очекуваната доминација на шампионот, видовме осцилации во играта, конфузија во нападот и лоша реализација, недолични зборови на тајм-аут, потфрлувања, технички грешки, заборавени играчи, нелогична ротација и уште понелогични потези во финалната пенал-серија.

Флеш периоди колку да потсета кој е шампионот и впечаток дека колку и да е посакувана двојната круна, сепак фокусот е многу повеќе на шампионската титула, а Купот дојде колку ради реда. На што всушност, некако укажува и изјавата на капитенот на битолскиот тим со ветување по поразот во Купот дека во последните две кола од плеј-офот и „во мечот за титулата сите ќе го видите вистинскиот Пелистер“.

За потсетување, во последното коло играат токму Еурофарм Пелистер и Алкалоид и токму овој меч може да биде решавачки бидејќи Вардар од позадина чека евентуален кикс на битолчани. Ако се суди според последната пресметка во Купот и ако не е „ние титулата, вие купот“, тогаш финишот на плеј-офот може да биде неизвесен, а можеби и шокантно интересен.

3.Традиција и двојна круна

Она што изостана или што го пропушти Еурофарм Пелистер во машкиот дел од завршницата во Купот на Македонија, го оствари ЖРК Ѓорче Петров во женскиот дел. Ѓорчепетровки ја потврдија улогата на фаворитки, супериорно го победија Куманово, а потоа и Чаир и го освоија Купот. Во третиот обид стигнаа до двојна круна, прва во новата ера на клубот кој ги наследи титулите на славниот Кометал Ѓорче Петров

Новиот подвиг на ЖРК Ѓорче Петров случајно, дојде на 19 мај, во македонскиот ракомет познат како „Денот на титулата“, односно токму на денот кога се одбележуваа 22 години од европската титула на Кометал Ѓорче Петров. Случајност со убава симболика за новиот трикратен македонски шампион кој на најдобар можен начин ја заокружи успешната сезона во која Симе Симовски ги штиклира сите три зацртани цели.

****

И, на крај како епилог, завршницата на Куп годинава го загуби оној традиционален белег – празник на ракометот. Можеби „средствата беа во функција на целта“, но растегнувањето на завршниот турнир од финален викенд на 4 дена спротивно на Пропозициите за Куп натпреварите беше лош потег на РФМ. Уште полош беше обидот да се сменат термините, за после под притисок на јавноста и на дел од клубовите, пак да се вратат во ждребуваниот термин. А кога веќе се исплеткаа работите, најлошо беше  кукавичкото префрлање на вината на клубовите, и создавањето непотребна тензија во која едни станаа „плачковци“ други „џентлмени и херои“.

На публиката и на јавноста искрено, на крај веќе и ракометот и одмиле од непринципиелности и глумење рамноправност. Па можеби и затоа празникот на ракометот на крај беше мачен и за играње и за гледање пред (полу)празни трибини во скопската арена. Памет за друг пат!



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николов и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку изминатата сезона одлучи...

🎥 Ѕирнете одблизу: Како Николив и Начевски го судеа финалето на ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во штотуку сезона одлучи правдата...

Колку заработија екипите што играа во ЛШ?

Европската ракометна федерација (ЕХФ) во изминатата сезона подели...

United in Isolation, Putin and Kim Keep the World Guessing About Their Sanction-Busting Plans

Nearly a quarter-century after his last visit to Pyongyang,...