СЕДМЕРЕЦ: „Дигни рука“, ма дигни две!

Дербито во Битола беше „match of the week“ на стартот од плеј-офот, а исклучувањето на Аеродром „shame of the week“ во плеј-аутот.

1.Да не се налути Бранче…

Ем вечно дерби, ем дуел на новиот и на стариот шампион, конкуренти во борбата за следната шампионска титула – подобро отворање на годинашниот суперлигашки плеј-оф од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар не може да се посака. Дербито во Битола пред стандардно полна сала ги отвора картите уште на старт, а сигурната победа на битолскиот тим внесува дополнителна неизвесност во битката за шампионската титула.

Еурофарм Пелистер уште во првото коло го анулира оној еден бод повеќе што го пренесе Вардар од регуларниот дел на сезоната. Битолскиот тим со победата му оддаде достојна почит на Силјан Мицевски кој со децении беше синоним за Пелистер и со дополнителна самодоверба тргнува во одбрана на шампионската титула. Ако во есенскиот дел од сезоната „шкрипеше“ на многу страни, на стартот од вториот се покажа дека Еурофарм Пелистер успеал да пополни голем дел од празнините и стартува добро подготвен за пролетниот предизвик. Тоа е првиот впечаток по првиот натпревар од плеј-офот.

И колку и да е фразата застаната во времето колку и битолската носталгија по старите добри ракометни времиња, се потврди уште еднаш по кој знае кој пат, дека сепак битолчани најдобро му го знаат духот на Пелистер. И дека токму тоа беше еден од клучните моменти во победата која може комплетно да ја сврти сезоната за Еурофарм Пелистер.

Можеби нема ракометна логика бидејќи се врати од Бундеслига во македонска Супер лига, ама Филип Кузмановски со враќањето во Битола е како препороден, а и Еурофарм Пелистер со Фитиљот во лидерска улога. Продефилираа во зелено-синиот дрес многу ликови во изминативе неколку години,  и докажани и ѕвезди во подем, многу од нив омилени и веќе одомаќинети на Широк Сокак. Но во ниеден од нив Еурофарм Пелистер не пронајде вистински лидер. Да, Битола го обожуваше Радовиќ, беше тука Периќ, дојде Мандалиниќ…Беа и заминаа. Кузмановски некако природно влезе во таа улога, без да му бидат товар и притисок очекувањата од трибините. За битолската публика тој е нивно битолско „дете“ што може и да го пофалат и да го искараат и пак да тераат заедно. Како што беше и Никола Митревски. И кој знае дали некој од странците колку и да имаа попримено од битолскиот менталитет, ќе можеа да го поведат тимот до победа како што тоа го стори Фитиљот, откако тренерот онака сочно ќе ги испердаши.

А, да не викнеше Бранче Ангеловски онака лут по битолски, кој знае дали друг ќе можеше така да ги придвижи да го свртат натпреварот и да се одлепат. Можеби од некој стручен агол погрешно, но ете, битолскиот тајм-аут во кој немаше ни табли ни шеми, ни данска тактика, ни хрватска стратегија, на крај излезе поефикасен. Нормално, не е препорачлив секогаш и секаде, ама некогаш и некаде врши работа. Особено, кога Бранче ќе се налути. Впрочем, кој има малку подолга ракометна меморија, знае дека Бранче и како играч, секогаш знаел да ги „размрда“ работите. Верувам, нема да ми замери што и сега како тренер на македонскиот шампион го ословувам онака како што сите го знаеме, а не формално со Бранислав Ангеловски. Исто како и Кире, Раде, Столе, Аљуш… Оти, и кога се најдобри во светот и кога се најкритикувани, тие се наши.

2.Два клучни моменти

Ако вардарци заслужено се радува на претходниот пораз во Битола кој беше во „дозволен минус“ со кој на крајот од регуларниот дел останаа на пол-позиција за плеј-офот, овој вториот по ред на стартот од разигрувањето им носи само причини за грижа.

Кога се ќе се сумира, Еурофарм Пелистер има подолга клупа и во дербито очигледно, влезе многу поодбро подготвен. Вардар пак има пехови со повреди, потенка ротација и овој пат, помалку енергија од онаа вообичаената за „црвено-црните“. Кога и Столе Стоилов наместо на клупата, одново ќе се појави на загревање во дресот со број 5, веќе е јасно дека Вардар е нешто „тенок“ на терен. Тренерите и стручњаците сигурно ќе анализираат и ќе најдат и други елементи што го решиле победникот во дербито и што можеби ќе биде решавачко во конечната разврска во плеј-офот, во кој да не заборавиме, имам „жежок терен“ и во Автокоманда и во Кавадарци и во Охрид… Сепак, два моменти дефинитивно оставија белег на првата годинешна плеј-оф пресметка на старите ривали.

За пелистерци пресвртен и придвижувачки беше тајм-аутот на Бранче Ангеловски, за вардарци пресвртна беше грешката на клупата и двете минути што ги доби Владо Недановски. Реакцијата од клупата на Вардар во лош момент му отвори простор на домаќинот да се одлепи и да го реши натпреварот.

Заклучокот на крај е дека Еурофарм Пелистер можел подобро од тоа што го играше на стартот на сезоната, а Вардар и со ограничени ресурси, може многу поодбро од она што одигра во саботата во Битола. Треба да се комплетира и да се консолидира. „Црвено-црните“ во првиот дел од сезоната докажаа дека повторно може да се борат за титула, сигурно нема да потфрлат во решавачкиот втор дел. Впрочем, минатата сезона ја направија грешката која скапо ја платија – ја загубија шампионската титула и загубија уште една европска сезона со само два контролни меча и брза елиминација од Рајн Некар Левен.

Втора грешка веќе не е случајност, туку избор.

3.Аеродром лансира проблем

Дербито во Битола беше „match of the week“ во плеј-офот, а исклучувањето на Аеродром „shame of the week“ во плеј-аутот. Скопскиот клуб нема да ја доигра дебитантската сезона во Супер лигата, најверојатно заради административна пречка.

Натпреварот од првото коло од суперлигашкиот плеј-аут меѓу Аеродром и Еурофарм Пелистер 2 не се одигра и завршува со службени бодови за гостинскиот тим. Аеродромци изглегоа на терен, но не играа туку дигнаа транспарент „Дигни руке“. И порачаа до целата македонска јавност во камера дека тие нема „да кренат раце“

„Нека знае целата македонска јавност дека Аеродром не се откажува од натпреварите. Тоа е по насоките на генералниот секретар на РФМ. Натпреварот од тие причини нема да се одигра. Се извинувам на гостите што ги измалтретиравме“ – рече претседателот на РК Аеродром, Дарко Петровски.

Од РФМ нема официјално појаснување зошто на РК Аеродром му е одземено правото за настап. Неофицијално, скопскиот клуб е елиминиран затоа што не се пререгистрирал во акционерско друштво, што е законска обврска за сите клубови што се натпреваруваат во највисок ранг на натпреварување.

Ако е тоа причината, тогаш Аеродром ленсира нов проблем во македонскиот ракомет. Проблемот е што тоа требало да се побара од клубот уште пред стартот на сезоната, а не пред крајот.

Во член 10 од Регистрациониот правилник на РФМ стои дека „Ако Регистрационата комисија утврди недостатоци во пријавата, должна е да укаже на недостатоците и да наложи тие да бидат исправени во рок од 30 дена. Ако подносителот на пријавата во дадениот рок не постапи, ќе се смета дека нема поднесено пријава за регистрација“. Што по автоматизам значи дека нема право да настапува. Или не?!

Од рокот за пријава на клубовите и почетокот на сезоната поминаа многу повеќе од 30 дена! Ако РК Аеродром не ги исполнува(л) условите за настап во највисок ранг на натпреварување, кој и зошто му дозволил да игра во првиот дел од сезоната, спротивно на правилата?

Сега нека „дигнат рука“ и сите оние што дигаа две раце за проширување на Супер лигата на 16 како Македонија да е Франција во најмала рака. А, ваму клубовите не можат ни да се пререгистрираат, а не пак да гарантираат со буџет.

А, тоа што РФМ пак касни со реакција, сигурно пак со изговор на добра волја, тоа веќе не е ни вест.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...