СЕДМЕРЕЦ: Квалитетот пред квантитетот, ама ваучерот пред се!

Предлозите за промена на системот на натпреварување во машките и во женската лига Собранието на РФМ ги остави на доразгледување и на УО за одлучување

1.Предлогот од клубовите не помина кај клубовите?!

Проширувањето одеше лесно, скратувањето малку потешко. Е, па оди сега врати ја гломазната лига со разводнет квалитет во нормала! Отприлика така некако оди со промените во системот на натпреварување во македонските ракометни лиги.

Системот на натпреварување од следната сезона ќе се менува по четврти пат во последните пет сезони, но во кој формат ќе се одлучува дополнително. Предлог од клубовите, како што стоеше официјално, за трансформација на Супер лигата со сегашните 16 екипи на Супер А и Супер Б со по 8, што со месеци се пеглаше и кружеше за потпис, на крај не помина кај клубовите на Собранието на РФМ!

Некаде, очигледно, избил куршлус во комуникацијата. Во Еурофарм Пелистер кој не е потписник, на пример, инцијативата за промена на системот на натпреварување не ни стигнала од клубовите, ниту пак, некој од клубовите ги контактирал за предлогот. Впрочем, слична потврда пред извесно време имаше и од Вардар кој за разлика од битолскиот тим е потписник на предлогот за промена на системот.

Намерно или случајно, малку се измешале работите…Нејсе.

2.Ваучер системот го препознава „дриблингот“

Каде заглавија промените со кои квалитетот треба да добие предност пред квантитетот? Па, претпоставувате веќе – кај ваучерот!

Обидот со „два во едно“, ем да се концентрира квалитетот, ем со финтата А и Б да се „издриблаат“ ваучерските критериумите, не помина ни по сето моли-коли од ракометното раководство. Наумче Мојсовски, сега од другата страна како директор на Агенцијата за млади и спорт, брзо ја „пресече топката“ – викајте ги лигите како сакате, ама според правилникот, ваучерскиот систем ги препознава како „прва“ и „втора“, односно највисок и втор ранг на натпреварување.

Во највисокиот ранг екипите се борат за шампионска титула и настап во европските купови. Во Б пак ќе се борат за влез во А.

И тука се јавува проблем. Екипи кои не се во професионален систем на натпреварување, ако се протнат А и Б како во предлогот, доаѓаат на исто рамниште да земаат средства како професионалните клубови. И да си опастојуваат од и за ваучерот кој, не ретко, им покрива и до 90, па и 100% од буџетот. А, може и да остане „нешто ситно“ колку за кафе. Или за нова кола, ако си малку пофакман.

Реално гледано, тоа ги става во нерамноправна положба клубовите кои обезбедуваат милионски буџети, имаат дополнителни вложувања и настапи во европските купови и се борат да привлечат спонзори, а во поделбата на државните пари од спортскиот ваучер – добиваат ист ранг со аматерски или само формално професионални клубови во нереално проширените лиги. Или според спорниот предлог, во А и Б лигите, кои натпреварувачки би биле во различен, а ваучерски во ист ранг.

Фамозниот ваучер систем така навидум е спас, а всушност од година во година тивко го убива спортот. Не е имун ни ракометот како спорт број еден во Македонија, кој во пет сезони по четврти пат (ќе) го менува системот на натпреварување.

Квалитетот пред квантитетот, ама ваучерот пред сѐ!

И, на крај испадна, ни волкот сит, ни овците на број. Предлогот за промена на системот на натпреварување, Собранието на РФМ го остави на доразгледување, со префрлена ингеренција Управниот одбор на РФМ до крајот на декември да реши за промените што би стартувале од следната сезона 2024/2025. Што е полесен пат да помине одлуката, само што одново ја става во временски теснец одредбата дека системот на натпреварување се менува една година однапред за да имаат клубовите доволно време да се консолидираат и да го планираат и буџетот и составот според тоа каде и како ќе играат.

3.Помалку не е ич пари

Клубовите, генерално, се согласни во оценката дека Супер лига со 16 екипи за Македонија е прегломазна, дека квалитетот е разводнет и се концентрира дури напролет во плеј-офот. Арно ама, кога ќе дојде муабетот за парите од ваучерите, никој не сака да се откаже од релативно лесно стекнатиот статус на клуб од највисок ранг на натпреварување. Уште помалку да гравитира на границата на испаѓање од најдобрите осум, кога може да си биде комотен во суперлигашкиот статус на средина во пошироките 16, со 70-80% , ако не и 90, па и 100% покриен буџет со спортскиот ваучер. Посебно сега кога државните пари ќе легнуваат директно на сметка на клубовите без да бидат  „книжени“ од спонзори со даночно ослободување.

Во ракометната дискусија за „кратењето“ на Супер лигата малку несреќно и заплашувачки прозвуче констатацијата дека клубовите што ќе отпаднат во кратењето на Супер лигата, се оставаат на цедило без ваучер. А, всушност, формулацијата е непрецизна. Клубовите што би отпаднале од Супер лигата по новиот систем, нема да останат без ваучер, туку само ќе имаат помала ставка според рангот на натпреварување. И, ако се види последната распределба на средствата од ваучерите доделени годинава за сезоната 2021/2022 кога, за потсетување, Супер лигата од 16, беше скратена на 12 екипи, разликата во сумата што ја добиле најслабиот од Супер лигата и најдобриот од Прва лига и не е за толку поаѓање во несвест. Изнесува 200.000 денари или околу 3.200 евра што и не е сума од која би зависел опстанокот на некој клуб. Надолу сумите паѓаат подрастично, но не поради рангот, колку поради другите критериуми што (не)ги исполниле клубовите.

Гледано од оваа перспектива, кратењето на Супер лигата дефинитивно нема да значи оставање на клубовите без пари, туку ќе значи концентрација на квалитет, поголема конкуренција и можеби, будење на клубовите од мртвилото на конфорната зона да се борат за погоре и за повеќе, а не само да опстојуваат за да земат ваучер.

Ако се гледа повеќе за доброто на македонскиот ракомет и клупски и репрезентативен, а помалку за индивидуалните интереси и за парите од ваучерите, системот треба да се смени и најсилната лига да се концентрира на најдобрите осум или 10 екипи. Ништо повеќе.

4.Нееднакви, ама и нереални

За разлика од машката, за женската лига која исто така беше на дневен ред на Собранието, не се ни покрена расправа за предлог промените во системот на натпреварување во сега единствената лига со (не)формално аматерски статус. Уште еден „дриблинг“ на системот.

Визијата за подобрување на состојбата во македонскиот женски ракомет се сведе само на констатација дека 14 екипи колку што се сега во натпреварувачки процес, се можеби премногу за една, но премалку за да бидат формирани две лиги. И толку.

Чест на исклучоците кои се обидуваат да направат некој позабележителен исчекор, сепак, генерално, останува впечатокот дека кај женските клубови нема некој голем интерес за промена и за квалитативен исчекор напред . Од проста причина што тоа повлекува и нивна професионализација и по прописите – трансформација и пререгистрација.

Но, кога се ваучерите во прашање, не изостана барањето за родово порамнување. Неспорен факт е дека женскиот шампион во ваучер системот сега добива четири пати пониска сума од машкиот шампион и тоа не е во ред. Но, факт е и реалноста во македонскиот женски ракомет, онаа од погоре и онаа плесната во лице од директорот на АМС.

„Треба да сме објективни и да гледаме искрено на спортот. Треба да сме искрени и да кажеме дека пола од екипите кои се пласираат во Европа од женскиот ракомет не пријавуваат тимови и се откажуваат од настапот за да заштедат и како сега да ги изедначиме?“

Што би рекле – барањата на една, реалноста на друга страна. Помогни ми да ти помогнам…



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Песот на Бајден ги каснал тајните агенти најмалку 24 пати

Кучето Командер на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти...

„Кога на вашите им викате „јас и Оливер се обезбедивме“ ЈАСНО ИМ Е ДЕКА ГИ ГУБИТЕ ИЗБОРИТЕ“

Во однос на апанажата, кога вашите членови, симпатизери, луѓето...

За оваа изненадувачка придобивка од водата за пиење ретко се зборува

131 Знаеме дека не можете да живеете без вода. Тоа...