СЕДМЕРЕЦ: Пред Илинден – за македонските работи

1.Вардар во нов правец

Ако некој пред 4-5 години споменеше дека Вардар во екот на славата ја запостави базата, веднаш ќе добиеше воспитна дека не се разбира од модерен ракомет и задолжително, лекција со подготвена статистика за тоа колку Унгарци играат во Веспрем и колку Германци има Кил. A, потоа и шампионски самоуверен и „длабоко аналитичен“  став  дека ограничувањето на бројот на странци како еден механизам за заштита на домашната база е „глупост невидена“ и непотребна обврска за клубовите што имаат попаметна работа од тоа да учат ракомет таму некои наши дечиња и да градат национална стратегија.

За успех во Европа ти требаат скапи странци (во што донекаде има вистина ако е направена паметна селекција), за имиџот уште повеќе. Што да произведуваш кога имаш да си купиш готов производ.

И не само Вардар, туку и многу други македонски клубови со помалку пари, извесен период го следеа тој тренд. Клубовите се приватни, изборот е легитимен .

Се имаше, се можеше, што би рекле некои.

Вардар за неколку години успеа да направи единствен успех и невиден подвиг со освојувањето на двете шампионски титули во Келн. И тоа никој не го оспорува ниту пак некој може да ја намали вредноста на тоа што го оствари најголемиот македонски бренд. Ќе лаже секој што ќе каже дека останал рамнодушен кога Вардар ја покори Европа и правеше чуда во Келн. Или дека не беше убаво кога имавме македонски екипи на двата Ф4 турнири во ЛШ или по три ЛШ натпревари неделно, од „Борис“ до „Јане“.

Беше убаво додека траеше. Се живееше моментот, не се мислеше што ќе биде утре… Или по пет години.

Но, потоа дојдоа оние потешките времиња. Времиња на турбуленции, кризи, тужби и суспензии. Пари веќе се немаше, а скапите странци еден по еден ги спакуваа куферите. Останаа најверните и домашните да го спасуваат и да го сочуваат Вардар да не го однесе матната вода.

Сега, најтрофејниот македонски клуб, двоен европски шампион и во последната деценија неприкосновен на домашната сцена, по девет години по ред, за прв пат е симнат од тронот. Наместо нова сезона во Лигата на шампионите и враќање во елитата по ланската европска суспензија, Вардар како третопласиран ќе игра квалификации за Европската лига. И тоа, ни помалку ни повеќе, против Рајн Некар Левен! Дебела наплата за киксот во Автокоманда ако се погледне наназад сезоната.

Но, она што е суштинско сега е борбата на Вардар да тргне од почеток и одново да застане на свои нозе. Тргнува во нов правец и се враќа на основата, онаа што можеби не носи европски титули за две години, но носи сигурност и каква-таква, подолгорочна стабилност. Со своите сега решени да помогнат и во друга улога, Борко Ристовски како спортски директор, Столе Стоилов како асистент тренер на Владо Недановски и координатор на младинските категории.

„Она што го запоставивме мора да го обновиме, да ги вратиме младинските школи во сите категории и на цврста база да тргнеме во нов почеток“ – беше пораката од новата раководна постава на „црвено-црните“ на прес-конференцијата во пресерт на новата сезона.

Добра насока во најава иако во преодниот период, Вардар и во претстојната сезона пак, главно ќе се потпира на странски играчи што може да си ги дозволи, од Србија до Токио. Додека не зацврсне базата.

2.Искушенија и предизвици

Пред нов но подруг предизвик пред почетокот на новата сезона се и новиот шампион и новиот вицешампион на македонската ракометна сцена. Еурофарм Пелистер кој по 18 години ја врати титулата во Битола, настојува да ја врати и старата слава на клубот и достојно да ја одигра првата сезона во европската елита. По можност, да повтори барем дел од успесите на Вардар, но да не ги повтори грешките што скопскиот тим скапо го чинат во изминативе неколку години. А тука линијата е многу тенка. Најлошата опција за Еурофарм Пелистер ќе биде ако тргнат во насока „сакам да бидам Вардар“ со Гедбан на голот и со Циндриќ во мислите.

Битола си има традиција, Еурофарм Пелистер стабилен спонзор и шанса со паметни потези да си гради своја приказна. И да не биде лоша копија на оргиналот. Но, кога сме кај „македонските работи“, битолскиот тим од Вардар може слободно да го земе моделот – тајм аут на македонски без разлика колку странци има во тимот. „Изумот на Раул“ во кој шпанскиот тренер и на Шпанците во Вардар им делеше совети на македонски, се покажа за тимот се покажа како еден од најобединувачките елементи во тимот. Ако можеше Раул во Скопје да се разбере на македонски, за Јовиќ и за Шундовски во Битола не би требало да биде проблем.

РК Алкалоид дебитантски излегува на европска сцена во релативно поволна група. Новакот нема децениска традиција како онаа на Вардар или на Пелистер, но има легенда на клупата и стабилна финансиска и логистичка  поддршка.

Релативно брзиот прелет од Прва македонска со групна фаза во Европската лига и декларативната заложба клубот „да регрутира“ млади македонски играчи и да биде репрезентативна база, сега го ставаат вицешампионот со селекторот на клупа во малку незгодна позиција да не се експонира многу со странските засилувања. Демек, тие се тука како искусна поддршка, ама ние ја тераме агендата.  Па, така сега ретко кој знае дека Бинго дошол во Автокоманда, уште помалку дека Кубанецот Ромеро ќе го брани голот. А не така одамна токму во Афтокоманда, Њокаси беа пречекани како холивудски ѕвезди.

3.На аголот од сликата

Странците во Автокоманда на аголот од сликата, се само уште еден показател дека за разлика од пред неколку години кога кој се не продефилира во ракометниот „ел дорадо“, сега некако подоминантен станува фокоусот на домашниот производ, и играчки и тренерски.

Иако навивачите дури и оние најпатриотските, многу повеќе „се палат“ на странците, и се уште даваат „три домашни за еден странец“, па дури и кога тој не е ни Ландин, ни Гидсел, ни Лауге, туку некој од просечните, сепак, генерално, во клуботите значително се намалува процентот на странците и фамата дека се што доаѓа е подобро од тоа што е тука.

Можеби е до парите што во ракометот ги има се помалку, а можеби е до смената на генерации или пак до промена на сфаќањата за македонскиот ракомет. Како и да е одамна не било во цела Супер лига да бидат само македонски тренери и тоа се од ред поранешни играчи од најуспешните генерации, од Лазаров, сега и Стоилов, Недановски, Кузманоски, па до  Јовиќ и Алушовски. Колку е тоа добро или не толку добро за македонскиот ракомет, ќе покажат времето и резултатите. Пред нив е шансата.



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

Ваљадолид се збогува со Дарко Димитриевски

Македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски во новата сезона ќе...

Хрватска со нов селектор против Македонија на ЕП

Младинската репрезентација на Хрватска ќе има нов селектор...