Смешни ликови за сериозна потврда на “Букурешт“ – Denesen.mk

Страшо АНГЕЛОВСКИ

Секој оној кој ќе ви рече дека европскиот притисок врз Македонија за промена на Уставот на државава е добронамерен и оди во правец на наше приближување “на чекор до елитниот цивилизациски клуб“, односно европската наддржава наречена Европска Унија, или се лаже самиот себе си’, или е штедро платен да шири лажна, за Македонија уништувачка, пропаганда.

Секој оној, пак, кој, како оние смешни корумпирани европски ликови кои земјава ја посетуваат во “тројки“, како од филмовите за возрасни, ќе ви каже дека притисокот е заради решавање на билатералниот спор со Бугарија, бесрамно лаже.

За да ни биде јасно за какви ликови станува збор, ќе го наведам примерот на министерот за надворешни работи на Чешката Република, член на воведната “тројка“ за еротско загревање, Јан Липавски, кој вечерта, после бунтот на Пригожин во Русија, во “наплив на среќа“, на социјалните мрежи напиша: “Гледам, се ближи мојот летен распуст на Крим“, на што, од портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, доби “домаќински“ одговор: “Верувам дека е Јан човек од збор. Собата е резервирана. Го чекаме.“ Тоа ќе рече, најдобро е, како “човек од збор“, прво да го исполни ветувањето и да го помине својот одмор на Крим, па потоа, одморен и полн со нови сознанија, да дојде и да ни ветува сенешто, а ние “да му веруваме“.

И, ако се сеќавате, вака “ни се изнаредија“ и пред промената на името, само што тогаш доаѓаа еден по еден, очигледно дека повозрасни, како госпожа Меркел, на пример. И тогаш, за жал, ние, очигледно, збунети, тие, очигледно, “луди“. Така, со Зоран Заев како епизодист во највалканите сцени, заврши првото продолжение од филмот за возрасни.

СЕНИШТЕТО ОД БУКУРЕШТ ПОВТОРНО НАД БАЛКАНОТ

За жал, суштината на работите е сосема поинаква. Во позадината на целата игра со официјална Атина и Софија се крие одбивањето на големите европски сили, оние кои заради свои потреби, кон крајот на 19 век ги формираа сакскобургготското и баварското кралство, Бугарија и Грција, а во 1913 година во Букурешт, токму во нивна полза ја распарчија Македонија, да ја прифатат реалноста – постоењето на Македонија.

Па, откако на осми септември во 1991-та, македонскиот народ референдумски ја објави својата независна држава, тие, големите сили, овде, пред се’, мислам на Франција и Велика Британија, веќе од деветти септември почнаа да работат против нејзиното постоење.

Штедро се помогнати од американската надворешна политика, која иако немаше историски хипотеки во однос на македонското прашање, сепак застана на страната на своите партнери – Британија и Франција, па, со самото тоа, е соучесник во битката за уништување на Македонија.

Па така, Британија и Франција, најподмолно, подметнувајќи “безалтернативни“ договори со Атина и Софија, користејќи ја полумртвата ЕУ како “единствен правец“ по кој треба да се движиме, вршат надворешно политичка демонтажа на Република Македонија. САД со своите амбасадори, како госпожа Агилер, со нескриена поддршка на криминалот и корупцијата на една цела политичка гарнитура на власт, СДСМ и ДУИ, користејќи ги корумпираните и до гуша потонати во криминал политичари од овие две партии, вршат внатрешнополитичка демонтажа на Македонија.

Некаде во позадина, но не помалку подготвени да помогнат во процесот на целосна демонтажа на државава, а преку, за нас Македонците, уништувачкиот проект “Отворен Балкан“, демнат Србија и Албанија, со Косово на Албин Курти, како изведувач на валканите работи.

Сите овие, од внатре, сесрдно помогнати од насилно инсталираното парламентарно мнозинство, од судството со двопроцентна доверба кај народот, од “сертифицираните“ чувари на вистината, од удбашката структура заостаната од пред повеќе од триесет години и цврсто позиционирана во македонското општество, од шестата колона која станува се’ погласна и се’ повидлива, од…

КАКО СЕ УНИШТУВА МАКЕДОНИЈА?

Македонија се уништува со лагите и празните ветувања на белосветските измамници, кои веќе три децении си поигруваат со судбината на државава. Македонија се уништува со доделените “гаранции“ од нашите “стратегиски партнери“, како онаа објавена пред некој ден:

“Стигнаа гаранции од САД – Ескобар: Вашингтон е ангажиран да се осигура дека нема нови барања од Софија за евроинтеграциите на Македонија“. Слично на гаранциите од 2008-та пред самитот на НАТО во Букурешт, кога, на 2 април, ден пред финалните одлуки на самитот, тогашниот американски претседател Џорџ Буш даде изјава во која рече:

“Во знак на признание за нивниот напредок, утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на три балкански нации: Хрватска, Албанија и Македонија. Соединетите Држави силно ја поддржуваат поканата на овие нации да влезат во НАТО. Овие земји го поминаа тешкиот пат на реформите и изградија слободни, просперитетни општества.“

Утредента, Македонија, иако “го помина тешкиот пат на реформите и изгради слободно и просперитетно општество“, не влезе во НАТО. И, не само што не влезе, туку го започна патот на уништувањето и нејзино бришење од светските атласи.  Само десет години подоцна, на светската карта, на местото на Македонија постои дивоградба со омразено име, како меѓучекор до целосно бришење на македонското постоење.

За да биде појасна подмолната улога на големите европски сили, пред се’ Франција и Британија, ќе наведам само еден пример. Зошто веднаш после приемот на Бугарија во ЕУ и беше дозволено да издава државјанства на странски државјани, пред се’, државјани на Република Македонија, надвор од сите воспоставени строги стандарди во останатите држави членки на ЕУ? Зошто, на пример, не можете да добиете државјанство на Германија, Белгија, Шпанија… само потпишувајќи дека вашиот дедо е Германец, Белгијанец, Шпанец?

Токму тука, во, од страна на инаку строгата ЕУ кога се нејзините стандарди во прашање, премолчено нестандардно издадените стотина илјади бугарски државјанства на македонски граѓани, се наоѓа замката во која се втурнува Македонија. Тие стотина илјади државјанства, по внесувањето на “Бугарите“ во Уставот, ќе бидат искористени за барање правична застапеност на “Бугарите“ во сите сфери на општеството и, ќе започне процесот на бугаризација на македонското општество.

Затоа, доколку државите членки на ЕУ имаат сериозни и чесни намери во односот кон Македонија, имаат едноставно решение. По пат на процентуални квоти, секоја од државите членки нека преземе од македонските граѓани со незаконски добиено бугарско државјанство, нека им додели нејзино државјанство како на економски мигранти, а секој од нив, верувам, ќе потпише дека дедо му и прадедо му се Германци, Белгијанци, Литванци, Чеси и што и да е. Со тоа, ќе бидат отфрлени стотината илјади вештачки бугарски државјанства, ќе се избегне можноста за започнување процес на бугаризација на македонското општество и, веднаш, уште утре, може да се пристапи кон уставните измени.

Ова, се разбира, би бил потег на чесни и искрени пријатели. Се’ друго претставува однос на лицемери, на луѓе со двојни стандарди, на непријатели на македонското постоење.

Затоа, на крајот, да се запрашаме – каква би била и дали воопшто имаме иднина ние, Македонците, во нивното елитно, лицемерно друштво?

(авторот е претседател на МААК)

 

 



Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ

„Забавно е да се игра во Битола“

Голманот на Вардар, Мартин Томовски никогаш во својата...

Кадетското злато остана во Автокоманда

Домаќинот на кадетскиот турнир од Ф4, не залудно...

Младост ја продолжува борбата за второто место во прволигашкиот плеј-оф

Тимот на Младост Богданци пред својата публика не...

Радовиш чекор поблиску до суперлигашки бараж

Екипата на Радовиш пред својата публика одигра според...