Собранието да ги отфрли патериците

Собранието да ги отфрли патериците

Македонија го добива новиот парламент, 11-ти по ред од независноста на државата. По успешно завршените 11-ти парламентарни избори на 8 мај, Македонија го добива новиот состав на законодавниот дом, во кој има нови, но и пратеници со децениски пратенички стаж, кои од пратеничките клупи ќе се пензионираат.
И сега, кога Македонија го добива својот нов највисок законодавен дом, граѓаните со право се прашуваат дали конечно овој парламентарен состав ќе ги исполни нивните очекувања, надежи и барања, кои, по огромните ветувања дадени од партиите на неодамна завршените избори, не се ни мали ни безначајни.
Во изминатите 33 години од македонската независност, откако по плебисцитарното изјаснување на граѓаните на Македонија, на референдумот на 8 септември 1991 година, самите да си ја кроиме својата судбина, во 11-те состави на македонскиот парламент сме биле сведоци на разни ситуации и случувања, од кои некои ќе бидат вечно запишани во темелите на историјата на Македонија, а некои ќе сакаме што побрзо да ги заборавиме.
Како и во секој парламент во кој политичарите опседнати и заслепени од својата партиско-политичка суетност и заслепеност, нарцисоидност при промоцијата на своите политички ставови или дисквалификацијата на противничките партиски противници, се служеле со разни средства и методи, најчесто надвор од Деловникот, така и граѓаните на Македонија во изминатите 33 години од македонската независност биле сведоци на разни случувања, од непријатни и навредливи реплики, бесконечни и повеќечасовни рецитирања, празни блебетања, кошкања, тепачки, кршење микрофони, физички напади на политички противници, насилно исфрлање на опозицијата од собраниските клупи, бркање и исфрлање новинари, до познатите настани од 27 април, кога малку недостигаше да се случи крвава драма, со несакани последици.
Токму затоа најголемиот број пратеници што поминале во собраниските клупи не ја оправдаа довербата на граѓаните и го разочараа народот, кој, рака на срце, во најголем број нема многу високо мислење за (не)работата на нивните народни избраници.
Затоа овој нов парламентарен состав е пред голем испит. Не испит, туку предизвик!
Граѓаните на Македонија со големата поддршка што на изборите на 8 мај ѝ ја дадоа на опозицијата покажаа дека се желни за промени и дека од новиот состав на Собранието, кој во моментот има голема поддршка и речиси двотретинско мнозинство, очекуваат конечно да бидат исполнети не само нивните очекувања и надежи туку и најголемиот број ветувања дадени на изборите.

На последните избори граѓаните на Македонија покажаа што не сакаат, но и што сакаат. Тие покажаа дека не сакаат и не поддржуваат криминал, злоупотреби, корупција, непотизам, корумпирано судство, непрофесионални и нестручни кадри, болно здравство, неквалитетно образование, кванташки начин на водење на домашната и меѓународната политика, поигрување со трпението на граѓаните, непочитување на државните институции…
Граѓаните на изборите покажаа дека сакаат средена држава, во која секој најпрофесионално и најодговорно ќе си ги извршува работните задачи, држава во која ќе се почитуваат институциите, која ќе се пресметува со беззаконието и злоупотребите без разлика кој ги направил, организирано и квалитетно здравство, судство во кое судиите ќе судат по словото на законот, професионална полиција, непристрасно и професионално обвинителство, квалитетно образование…
Пратениците што ја добија довербата од граѓаните на овие избори се должни да го исполнат и реализираат тоа.
По 33 години од македонската независност, трпението на граѓаните е речиси при крај. Пратениците треба да го знаат тоа, зашто ако и тие ја прокоцкаат или испуштат оваа шанса, ние за брзо време ќе станеме држава без народ.
Собранието е највисокото законодавно тело во државата, избрано од граѓаните на непосредни избори, и треба да ги одразува и застапува пред сѐ и над сѐ волјата и интересот на граѓаните.
Влогот е голем.
Граѓаните по 11 изборни циклуси конечно очекуваат пратениците да си ја извршуваат својата задача, или работна обврска, за која се избрани и скапо платени. Да се ангажираат и работаат за подобрување на животот на граѓаните, а не за своите лични или партиски интереси, за исполнување на тоа што им го ветија на граѓаните одејќи од врата на врата, на средбите или собирите со граѓаните, решавање на нивните проблеми, реализација на проектите со кои излегоа пред нив, елиминирање на сите слабости, недоследности и злоупотреби, кои ги практикуваше претходната власт, која на изборите жестоко ја критикуваа, ефикасен парламент, во кој законите ќе се носат преку конструктивна и аргументирана дебата, а не преку злоупотреби на европското знаменце, почитување не само своите туку и личностите на политичките конкуренти, со еден збор Собранието да стане тоа што треба(ше) да биде – храм на демократијата, а не измеќар на власта и Владата, без никакви дебати да прифаќа и гласа закони што доаѓаат од Илинденска.

За жал, досегашната перцепција на граѓаните, на тие со чиј глас се избрани за пратеници, не е баш таква.
Напротив, освен со одредени исклучоци, речиси во најголемиот број парламентарни состави бевме сведоци на сѐ и сешто, само не на тоа што требаше, од што, наместо народните избраници, црвенееше народот.
Значајна бројка пратеници ги оправдуваа своите отсуства, а од „присутните“ некои ни за четири години од својот мандат никогаш ништо не гугнаа во парламентот.
Едноставно, тие својата присутност ја искажуваа само кога на повиците на лидерот на партијата требаше да се гласаат некои закони или да се изгласаат некои кадровски решенија предложени и поддржани од партијата на власт.
Не мал број пратеници во својот мандат повеќе одеа на седници во Собранието за во долгите паузи да шопингуваат или да си ги решаваат своите приватни проблеми во Скопје и да ги наплатат патарините и дневниците.
Перцепцијата во јавноста за работата на пратениците, за жал, е таква и на овој парламентарен состав ќе му требаат многу труд и време за да ја смени.
По сите прележани и непрележани детски болести од македонската демократија пратениците треба и мора конечно да сфатат дека без квалитетни дебати, аргументирани и издржани расправи, добро проучување на понудените документи, нема донесување и квалитетни закони.
Пратениците се тие што треба да ги подобруваат законите, а за истите тие да бидат квалитетни е потребно нивно стручно и аргументирано разгледување и проучување, како дома така и во матичните комисии или на пленарните седници. Законите во парламентот се носат за да се озаконат идеите на тие што ги предлагаат, но главната цел е со нивното донесување да се подобрат условите за работа и живеење на граѓаните во државата.

Собранието, кое има контролно-надзорна функција, треба да ја контролира Владата, а не Владата да го користи парламентот само како гласачка машинерија за некритичко прифаќање на сѐ што таа ќе понуди пред народните избраници. Запоставувајќи ги своите надзорно-контролни надлежности, долги години во јавноста преовладува перцепцијата дека Собранието ѝ е подредено на извршната власт. Пратениците во парламентот мора да се заложат да се надмине таквиот поданички начин на размислување и однесување, а зошто и да не се елиминира. Владата мора да научи и да сфати дека таа според Уставот нема надредена улога над парламентот и дека законите, заклучоците или резолуциите во Собранието ќе се донесуваат само доколку се издржани и во нив се содржани сите барања и потреби на граѓаните.
Секое друго размислување и однесување ќе им нанесе многу поголема штета отколку корист не само на тие што ги предлагаат, туку и за тоа тие на кои се однесуваат.
Значајна улога во работата на таквиот парламент треба и мора да има и претседателот на Собранието, кој е првиот меѓу еднаквите и кој треба да биде пример за доследно спроведување на Деловникот и законите, да ја организира работата на Собранието, навремено да ги информира пратениците, да ги закажува седниците, да не калкулира и дава тон на работата на највисокиот законодавен дом, кој време е да биде тоа што треба да биде – храм на демократијата, а не измеќар(и) на другите столбови на власт!

Извор

Најново

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ
КОЛУМНИ